Првите потврди за успешниот почеток за продажбата на новата генерација на Пежо 3008 веќе пристигнаа, со 50-те илјади нарачки за моделот. Трета погонска изведба го заокружува моделското семејство, воедно вид на погон што постигнува најголем раст во продажбата, откако на некои големи електро-пазари беше укината субвенцијата за батериските електрични модели.
Изведбата со благ хибриден погон, чијашто погонска спрега ја сочинуваат 1,2-литарски бензинец со 136 КС – сега префлен на ланец, место ремен што е потопен во масло – електромотор вграден во автоматскиот менувач со двојна спојка и мала батерија под возачкото седиште се покажа и повеќе од доволна на тест-возењето на Пежо 3008 во минатиот месец.
За батерискиот електричен модел, ситуацијата останува непроменета уште откако на светот првпат му успеа за конечно да го задвижи електричниот бран. А, тоа значи, увозниците веќе одамна ги нудат електричните модели – конкретно со Пежо Е-208 пред три години беше извозена тура во Мариово, далеку од секаков полнач – постои круг купувачи коишто размислуваат за можноста да се префрлат на струја, единствено државата останува глува за постоеењето на електричните автомобили.
Сега на оваа приказна се придружува третото поглавје. Пежо 3008, што во третата генерација се продава на македонскиот пазар веќе втор месец, на одредени пазари почнува да се нуди и во изведба со приклучен хибриден погон. Тоа е впрочем вид на погон што уште претходничката го нудеше во две варијанти.
Веста за почетокот на нарачките за Пежо 3008 доаѓа од германскиот увозник, каде што приклучниот хибриден погон се враќа на сцената, откако во декември владата на Шолц ненадејно ги укина субвенциите за електрични автомобили, што достигаа близу 10.000 евра.
Моделот ја носи ознаката Пежо 3008 Плаг-ин Хибрид 195 е-ДСЦ7 и во германскиот ценовник чини 42.990 евра во нивото Алур. За македонскиот пазар уште нема најава дали новата погонска изведба ќе се вклучи во понудата на Пежо 3008, којашто во Еуроимпекс почнува од 35.780 евра за моделот со 1,2-литарски благ хибрид и ниво Алур. За споредба, истиот модел во Германија чини 39.250 евра според официјалниот ценовник на Пежо.
Опременоста во нивото Алур за германскиот пазар вклучува пристап и старт без клуч, задна камера и сензори, диодни светла, тркала од 19 инчи, секако ај-кокпит со два екрани од по 10 инчи и сопствен полнач од 3,7 кВ.
Мотор, електромотор, батерија и електричен досег до 85 километри
Погонската спрега ја сочинуваат 1,6-литарски бензинец со турбонатполнење и 150 КС, и електромотор од 92 кВ (125 КС), што создаваат системска моќност од 195 КС. Седумстепениот автоматски менувач со двојна спојка се произведува во француски Мец. Кога батеријата нема да се наполни, потрошувачката изнесува околу седум литри.
Со полна батерија може да се поминат до 85 километри чисто на струја. Потоа возењето продолжува со класичен хибриден погон. Резервоарот располага со зафатнина од 55 литри.
На полнач од 7,4 кВ, односно ѕиден полнач за в гаража или на приватен паркинг, батеријата се полни за 2 часови и 55 минути. Со обичен домашен приклучок за струја се потребни 9 часови.
















