Во Пежо уште рано ја потврдија одреденоста да се движат кон иднината со повеќе видови погон, место да се става внимание на само еден погон – на батерискиот електричен погон. Така марката со лавот денес нуди бензинци, приклучни хибриди, електричари – и благи хибриди. Тоа е воедно почетниот, најдостапен, но пак делотворен начин да се воведе електрификација во погонот. Има придобивки и за чувството во возење.
Пежо првпат го примени благиот хибриден погон во Пежо 3008 и 5008, во ноември 2023 година. Овие две моделски серии во меѓувреме добија наследнчки, меѓутоа благиот хибрид прерасна во стандард во француската марка. Рифтер е единствен модел каде што не се нуди благиот хибрид, но и тој наскоро ќе се ја добие опцијата.
Основата е бензинецот ПјурТек од 1,2 литар, којшто во меѓувреме претрпе неколку измени во конструкцијата, и се користи во верзии со 100 и 136 КС. На тоа следат нов, електрифициран шестстепен менувач со двојна спојка и електромотор.
Малечка батерија што е вградена во кабината и се полни од енергијата на залетот, испорачува енергија за погонската спрега, за поаѓањето да биде со помало оптоварување на бензинецот. Таа енергија ја користи електромоторот, којшто не се одликува со посебна моќност, но тоа што е важно, тоа се њутнметрите на електромоторот. Тие се важни за погонот да ја совлада инерцијата на возилото, кога на пример се поаѓа од семафор. Место моторот да се „врти“ високо при поаѓање, електромоторот мазно и тивко си ја обавува работата – со енергијата што при запирањето и забавувањето се акумулира во батеријата.
Според Пежо, благиот хибриден погон ја намалува потрошувачката за 15 проценти. Тоа е сосем веродостојна вредност, што може да се постигне во возачкото секојдневие. Французите наведуваат и податок дека до 50% од возењето во град ќе биде целосно на струја, меѓутоа станува збор за совршени услови и за возење во градски метеж.
При нормално возење, моторот и електромтоорот работат заедно или одвоено, за да постигнат колку е можно пониска потрошувачка на гориво и на енергија. Кога се забрзува посилно, електромоторот му помага на моторот. Во спротивната ситуација, при запирање, моторот се исклучува и електромоторот работи како генератор, претворајќи ја енергијата на залетот во електрична енергија што се акумулира во 48-волтната батерија. При маневрирање, паркирање, „ползење“ во колона, возилото се движи целосно на струја.
Пежо ги наведува следните вредности на заштеда на гориво по модел:

- Пежо 208: 16% (100 или 136 КС)
- Пежо 2008: 17 % (136 КС, подоцна ќе следи верзија со 100 КС)
- Пежо 308: 16% (136 КС)
- Пежо 308 СВ: 14% (136 КС)
- Пежо 408: 15% (136 КС)
- Пежо 3008 (2-ра генерација): 13% (136 КС)
- Пежо 5008: 15 % (136 КС)
- Пежо 3008, нова генерација: Потрошувачка 5,5 литри, емисија 124 г ЦО2/км (КС)
Во споредба со бензинец што не е електрифициран, хибридот во просек штеди по еден литар гориво на сто километри. Тоа во наголем дел се постигнува во град (-2,5 литри) и на спореден пат (-0,7 литар). На автопат, нема поголема разлика.
Доколку батеријата се наполнила доволно, електромоторот се грижи за поаѓањето, паркирањето и при бавно движење во колона.
При повисока брзина (до 145 км/ч) бензинецот се гасне кога возачот ќе ја отпушти педалата за гас. Тоа овозможува возилото да продолжи да „едри“, односно се искористува залетот, место возилото да се забавува преку моторно сопирање. Во „старите“ времиња, возачите го префрлуваа менувачот во празен óд.
Интелигенцијата на погонот користи и за стабилно и комфорно возење. Кога при ниска брзина се скршнува во свијок, електромоторот се активира и му помага на моторот, додавајќи ги своите њутнметри, за да помогне да се спречи подуправување и возачот воедно да се чувствува попријатно при возењето.
Кога педалот за гас ќе се притисне до крај, електромоторот ги активира своите 9 киловати, односно 12 КС
Најважните компоненти на хибридниот систем
Сé е под хаубата, со исклучок на 48-волтната батерија, што е под предното лево седиште.
Бензинец ПјурТек 1.2

Станува збор за нова генерација на ПјурТек, што е оптримизирана за благ хибриден погон:
3 цилиндри и 1199 цм³,
136 КС (100 кВ) при 5500 врт./мин,
230 Нм вртежен момент при 1750 врт./мин,
Турбополнач со варијабилна геометрија,
Синџир (со помалку потреба да одржување),
Милеров циклус на работа, за подобра ефикасност,
Норма Еуро 6.e.
Менувач e-ДЦС6 (автоматски, со двојна спојка)
Во куќиштето на менувачот се наоѓаат електромоторот, контролната единица и трансформаторот, заради заштеда во тежина и димензии.
Електромотор
Вграден во менувачот, синхрониот електомотор со постојан магнет испорачува максимално 21 кВ (28 КС) и 55 њутнметри. Со помош на анласерот со којшто е споен преку ремен, тој се грижи и за тивко, меко и брзо стартување на моторот.
Ременски стартер
Стартерот со 48 волти го „пали“ моторот преку ременот, по запирање, по посилно поаѓање, по поаѓање на крстосница.
48-волтна батерија

Литиум-јонската батерија тежи 12 килограми и располага со 898 ватчасови, односно искористливи 432 ватчасови. Таа е конструирана да трае колку и целото возило.
Две струјни мрежи
Во хибридниот Пежо работат две струјни мрежи, едната 12-волтна за потрошувачите во кабината, другата 48-волтна, за погонот, односно за електромоторот. Посебен трансформатор претвора од 48-волти во 12-волти за мрежата за потрошувачите.
Посебен дисплеј
Хибридните модели на Пежо имаат дигитален дисплеј на којшто се прикажува енергетскиот ток во системот, наполнетоста на батеријата, погонот на струја, како и економетарот (полнење, еко, моќ) и процентот на пат што е поминат со погон чисто на струја.
Стандардна опрема е звучниот систем што испушта звук до 30 км/ч, за пешаците, велосипедистите да знаат дека во близина има возило, кога Пежо се движи на струја.
















