за

Лани во светот се продадени 6,5 милиони електрични автомобили

Двојно повеќе автомобили со батериски електричен и приклучен хибриден погон се продадени лани во светот, во споредба со преклани. Најмногу се продава во Кина, најчесто во Европа.

Повеќе од 6,5 милиони електрични автомобили, вклучувајќи ги и приклучните хибриди, продадени се во текот на минатата година на светскиот пазар. Повеќе од двојно се зголемил и уделот. Од 4,7 проценти удел во вкупната продажба на сите автомобили во 2020 година, лани нивното учество се зголемило на 9,5 проценти.

Европа и Кина предводат во електромобилноста во светот. Кина била најголем пазар за електрични автомобили во 2021 година, со вкупно продадени повеќе од 3 милиони батериски електрични и приклучни хибридни автомобили. Наспроти тоа, Европа предводи со најголемо учество на овие автомобили во вкупната продажба. Европа е светски лидер, со близу 20% удел. Тоа значи дека од секои пет продадени возила, едно вози на електричен погон.

Од десет најголеми држави за електричниот погон, осум исто така се во Европа. Норвешка е светски шампион со уделот на електричните автомобили од близу 90 проценти. САД заостануваат во споредба со Кина и Европа. Таму во минатата година исто така е забележан раст во продажбата, со близу 700.000 возила, што е двојно повеќе во споредба со 2020, меѓутоа уделот на електричните возила е мал.

Се зголемува и бројот на модели со погон на струја. До 2025 година, на светскиот пазар ќе бидат претставени повеќе од 500 нови модели со електричен погон.

Најголем избор од модели со погон на струја имаат кинеските возачки и возачи. Таму стојат на располагање 295 модели. Следна е Германија, со избор од 155 модели. Во Кина повеќе напредува продажбата на електрични автомобили во помалите класи возила. Тие учествуваат со една четвртина во вкупната продажба на електрични возила. Во Европа, повеќе се бараат СУВ-моделите од помалите класи, коишто постигнуваат удел од околу една третина во продажбата на возила на струја.

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Пазарот на електричните автомобили расте многу повеќе, отколку вкупниот пазар. Додека лани во светот биле продадени вкупно 68 милиони автомобили, за два милиони повеќе отколку во 2020 година, продажбата на електричните автомобили напредувала за 108 проценти. Тоа е воедно и резултат од стратегијата на производителите, во недостиг од полупроводници и несигурно снабдување со компоненти, повеќе предност да се става на производството на електрични возила.

Мрежата од полначи не расте со толкава динамика. Во Кина доаѓаат во просек по 7 електрични автомобили на еден полнач. Во Германија, еден полнач треба да им служи на 27 автомобили, а во САД на 21 автомобил на струја. Кина е неприкосновен лидер, со повеќе од 1,1 милион јавно достапни полначи. Во Германија има само 50.000 полначи. Експертите нагласуваат дека во просек ќе мора секоја недела да се поставуваат по 5.000 до 10.000 нови полначи во Европа, за да се обезбеди електромобилноста да напредува соодветно.

Сите електрични автомобили што се во понудата на увозниците на автомобилските марки во Македонија можете да ги погледнете во нашиот онлајн-каталог Avtosalon.mk , со сите моделски изведби, цени, технички податоци и сериска опрема, вклучувајќи можност за споредба на повеќе модели. https://avtosalon.mk/inventory/?motor_vid=elektro_motor

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Lancia најавува ренесанса, нов модел во 2024 година

Škoda Afriq: Студентскиот автомобил Бр. 8 е подготвен за рели