за

Peugeot со раст од 142%, Mercedes трета најпродавана марка во Европа

Првичните бројки покажуваат раст на европскиот автомобилски пазар за 63% во март, со вкупно 1.387.924 продадени автомобили. Peugeot е во топ-форма, премиум марките слават.

Во првиот квартал од 2021 година, Европа регистрирала 3.080.751 нови автомобили, што дава благ плус од 0,9 проценти во споредба со истиот период лани. Бомбастичните бројки сепак се должат на тоа што пазарот во март лани речиси замре, во екот на пандемијата. Во споредба со март 2019, продажбата во минатиот месец сепак заостанува за околу 22 проценти.

Од петте најголеми пазари за автомобили во Европа, најдобро закрепнале Италија (+495.7%), Франција (+191.7%) и Шпанија (+128%), а по нив следат Германија (+35.9%) и Велика Британија (+11.5%). Одушевувачки резултати има и за Австрија (+177.1%), Словенија (+157.6%) и Грција (+140%).

За целиот прв квартал, во позитива се Италија (+28.7%) и Франција (+21.1%), благодарение на тоа што растот во продажбата во март надоместил за падот во јануари и февруари. Различна е ситуацијата во Шпанија, каде што се продале за 14,9% помалку возила во првото тромесечје, исто како и во Велика Британија (-12%) и Германија (-6.4%).

Интересна е ситуацијата со рангирањето на автомобилските групации. Освен Stellantis, сите останати групации бележат помал раст од просекот на целиот пазар. Марките на Volkswagen заедно ја зголемиле продажбата за 45,9 проценти и му ја обезбедиле првата позиција на својот коцерн, веднаш следи Stellantis, чијшто марки Peugeot, Opel, Fiat & Co, вкупно му донеле раст на концернот од спектакуларни 140,9 проценти. Во исто време се зголемил и пазарниот удел на франко-германо-итало-амеро концернот, од 14,2 проценти лани, на 21 проценти во март годинава.

Трет е Renault-Nissan-Mitsubishi (+54.4%), но веднаш е тука групацијата BMW (+42.6%), едно место повисоко во споредба со февруари, преземајќи го местото на Hyundai-Kia (+46.8%). Daimler AG (+58%) повторно ја престигна групацијата Toyota (+55.3%). Осми е Ford (+59.2%), а релативно големиот раст од 66% во споредба со март лани му донесе високо деветто место и на Volvo. Британските марки во индиска сопственост Jaguar и Land Rover (+25.8%) го заокружуваат Топ 10, благодарение на зголемената продажба во земјата.

Во конкуренција на марки, Volkswagen (+49%) е неприкосновен на врвот, меѓутоа првиот конкурент, Peugeot на вицешампионското место, напредува многу поубедливо (+142.2%). Големиот раст на француската марка доаѓа од зголемената продажба на домашниот пазар, исто како и во Италија, традиционален пазар за Peugeot.

Mercedes (+54.1%) напредувал за четири места во споредба со февруари и цврсто го држи третото место, пред BMW (+46.2%), кој напредувал две позиции и пред Toyota, којашто изгуби

две места (+58%) и сега е петта најпродавана марка во Европа. Renault исто падна за едно место, но расте побрзо од просекот на целиот пазар. Следат Audi (+41.2%), Ford (+59.2%) и Skoda (+40.7%). Во Топ 10 повторно се појавува Opel (+89.7%), со мала предност пред Fiat (+173.5%) и Citroen (+157.3%) кои исто така профитираат од заживувањето на францускиот и италијанскиот пазар.

Kia во март ја зголеми продажбата за 8,6 проценти, продадени над 250k возила

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lamborghini со три премиери на салонот во Шангај

Ford има нов начин за дотерување на звукот на музиката