На домашниот пазар, Kia во минатиот месец продала 3 (три) возила повеќе отколку лани во март или вкупно 51.011 возила. Голем раст има на извозните пазари, на коишто е регистрирана продажба од вкупно 200.351 возила. Тоа е за 11% повеќе од лани.
Продажбата на Kia ја предводат СУВ-моделите. Секако, прв е Sportage со 29.505 примероци, пред компактниот Seltos и престижниот Sorento. На корејскиот пазар, најпродаван модел е миниванот Carnival со вкупно 9.520 возила. По него следи Sorento со 8.357 примероци.
Извозните пазари постигнале раст од 11%, со вкупно 200.351 примероци. Главни мотори на растот се СУВ-моделите Sportage и Seltos, но одлично се држи и компактниот седан Rio. Иако светската економија уште е забавена поради пандемијата, клучните пазари покажуваат знаци на заздравување. Голем придонес дава продажбата на СУВ-моделите Seltos и Sonet на индискиот пазар, кој е новиот голем регион за раст на браншата.
Во отежнатите услови за делување, Kia ќе продолжи да ја применува својата стратегија Plan S, а воедно ќе ги поттикнува продажбата и профитабилноста преку воведување нови модели. Тоа се однесува на престижната лимузина Kia K8, но многу се очекува да постигне и исто така неодамна претставениот електричен модел од новата генерација, EV6.
Во Кореја досега има 21.000 онлајн-регистрации за електричниот EV6, откако неодамна беа отворени нарачките за моделот. На главните светски пазари за елеткромобилноста, EV6 ќе биде достапен за нарачка веќе од втората половина на годината.
















