за

Volkswagen ID.3 почнува нова автомобилска ера во Македонија

Новиот модел во салонот на Порше Македонија има пионерска улога на нашиот пазар. Volkswagen ID.3 треба вистински да ја раздвижи домашната сцена на електричните автомобили, менаџерите гледаат со голем оптимизам и се повикуваат на огромниот првичен интерес за електричниот модел.

Историски важен момент во салонот на Volkswagen денес, со првото изложување на ID.3. Електричните автомобили не само што повеќе не се „иднина“, туку се апсолутна реалност и се носители на општа еуфорија, откако во светските центри на автомобилската авангарда – а обично и центри на еколошката авангарда – се покажа колку било едноставно и брзо светот да се збогува со нафтата. За еуфоријата да провее и кај нас, потребно е прво автомобилските власти да си го поднаместат часовникот.

Сите големи работи доаѓаат во тројка. Исто и со електромобилноста. Volkswagen ID.3 не е прв автомобил со електричен погон што се појавува во редовниот ценовник на увозниците на автомобили во Македонија. Таа чест ја имаше Mitsubishi i-MiEV уште пред повеќе од една деценија. Автомобилите што резервоарот со гориво го заменуваат со батерија и моторот со внатрешно согорување со електромотор, во меѓувреме сменија уште неколку генерации. Пред VW ID.3, премиера во Македонија имаа Peugeot e-208 и Mini Cooper SE, со тоа што со англискиот електромобил ја извозивме и првата електрична тура низ цела Македонија, во должина од близу 800 километри. Volkswagen ID.3 е третиот електричен автомобил од новиот бран што стартува со продажба во Македонија и од него се очекува најмногу да го привлече вниманието на сцената.

Volkswagen ID.3 ја користи платформата MEB што има клучно влијание за натамошното напредување на електромобилноста во светски рамки. По него ќе следи и СУВ-изведбата ID.4, којашто меѓу другото се води како „светскиот електричен автомобил“ на Volkswagen и за многу кусо време ќе почне да се произведува локално за пазарите во Кина и САД. Истата платформа ја користи и Skoda Enyaq iV, кој во декември се очекува да пристигне на нашиот пазар, а потоа следат и Cupra el-Born и Tavascan, Audi Q4 e-tron и Q4 Sportback e-tron, ретро-комбeто ID. Buzz, ID. 6, па дури се планира и основен модел ID.1.

Не е место тука да се прашува за моќноста, просторноста, возните својства – главните „мерила“ кај електричните автомобили како Volkswagen ID.3 се сосем различни

Кај ID.3 не е прашањето дали тој е добар автомобил, дали е добар електричен автомобил, дали е моќен, дали има долг досег, колку е просторен, брз, штедлив, брз на полнач. Во основата, сé што може Golf, може и ID.3, со електрична енергија, со погонска архитектура што моментно се вбројува меѓу најнапредните во браншата, но и со бројни револуции. Преоѓањето во ерата на електромобилноста им овозможи на производителите да ги ресетираат своите пристапи и да почнат од ново со промени дури и во „најбаналните“ подрачја. Тоа, меѓу другото, значеше и промена на страната од којашто се зафаќа отворот за повлекување на поклопецот на багажникот при затворање или збогување со класичниот средишен потпирач за рака со преграда под него. Промени од класичното треба да се очекуваат во секое подрачје на ID.3.

Визуелно, комбилимузината со должина колку Golf, во природа изгледа многу поголема отколку на фотографиите. Пропорциите се нови, меѓуоскиното растојание е многу подолго, ID.3 однадвор оддава впечаток дека станува збвор за многу просторен автомобил. Тоа се потврдува при седнувањето. Повисокиот под, поради батериите долу, не се забележува. При запознавањето со возилото имаме помош од Владимир Димитровски, сега во пензија, а до скоро бренд менаџер за Volkswagen и човек што совршено ги познава сите генерации модели во марката од Волфсбург, сите промени и сите трендови низ времето. „Погледни колку лесно седнувам во возилото, не треба да се наведнувам, седам високо, имам многу простор“.

Звукот при затворање на вратите е чудно познат, исто и материјалите во кабината потсеќаат на некои класични модели на Volkswagen, има и елементи од старите модели на марката

Колку и да е ID.3 различен, толку е Volkswagen: „Постојат бројни елементи и детали што се поврзуваат со традицијата на марката, дури и звукот на вратите потсеќа на старите модели на Volkswagen“, ни открива Димитровски. Тоа се инсајдерски детали што малкумина можат да ги забележат без претходно да им се посочи, но секако се детали што прават ID.3 да не изгледа туѓо, туку да биде познат, одомаќен како Volkswagen. „Еве ги потпирачите за рака, изведени се како на времето кај Sharan. Нема преграда долу, затоа што нема ниту тунел што минува по средината. Види колку многу простор е добиено“, ни објаснува Владо, кој е одушевен од автомобилот, иако би се претпоставило дека по толку години минати со марката, ќе превладее традицијата. Понатаму ни се објаснува дека материјалите во кабината исто така изгледаат како во класичните модели на VW, меѓу другото и Бубата, но тоа се современи материјали, кои во најголемиот дел потекнуваат од обновливи извори или се рециклирани.

Запознавањето со возилото и условите на пазарот со кои што се соочуваат електричните возила понатаму го продолжуваме со новиот менаџер на марката Volkswagen на македонскиот пазар, Александар Цветковски: „И покрај предизвиците што ги поставува нашиот пазар, ID.3 пристигнува во вистинско време, затоа што ние во Порше сакаме недостатоците на нашиот пазар да ги гледаме како предности.“ Како недостатоци на пазарот, Александар ги посочува големината на пазарот, бројот на продадени возила, развиеноста на инфраструктурата, кои ќе се искористат како предности „затоа што можеме со мала интервенција да направиме голема промена, којашто значително ќе ја смени сликата за Македонија како пазар во Европа.“

За кусо време ќе следи и ID.4, за којшто прашуваме дали во поглед на продажбата може да го престигне ID.3, имајќи предвид дека се работи за модел од СУВ-сегментот, кој е во постојан раст: „Од аспект на бројот на продадени возила, првичните процени ни се дека тој ќе има нешто помала продажба од ID.3, меѓутоа нашиот пазар е непредвидлив во многу димензии и не е исклучено ID.4 да нé изненади со интересот“. Во план е за видно време да се обезбедат и пробни возила, за што во моментов се дефинираат моментите и условите.

Александар Цветковски, бренд менаџер за Volkswagen во Порше Македонија; при фотографирањето беа почитувани сите протоколи за заштита од ковид

New photo by Automedia MK / Google Photos

Пристигањето на електричниот Volkswagen од новата генерација може да повлече промени и во односот на државата кон овие возила. Нашето прашање е, дали сега може да се настапува поубедливо пред надлежните институции, откако ID.3 се појавува на македонскиот пазар: „Во делот на влијание врз одлуките на државата за воведување субвенции, не можеме да коментираме затоа што не е наш домен на работење. Се надеваме дека од мотивационен аспект би можеле да повлијаеме позитивно за таква мерка, ако ништо друго, тогаш заради зголемување на интересот на нашиот просечен купувач.“ Цветковски цени дека таква мерка ќе помогне за електричните возила да станат финансиски подостапни, „кога веќе се атрактивни како пакет, во што можевме да се увериме за ова кусо време откако моделот е изложен во салонот, од реакциите на луѓето што го разгледуваа возилото.

Целата бранша гледа кон нас, во очекување да ги промовираме и воведеме електричните возила во поголем број на пазарот

Александар Цветковски, бренд менаџер на Volkswagen во Порше Македонија

Александар ни потврдува дека пристигањето на ID.3 во Македонија претставува историски чин: „Начелно имаме позитивни очекувања од моделот, не од аспект на постигнување големи бројки на продажба, меѓутоа од аспект на следење на актуелни и технолошки трендови во автомобилската индустрија. Кажано ни е дека практично целата бранша гледа кон нас, во очекување да ги промовираме и воведеме електричните возила во поголем број на пазарот“.

ID.3 е Volkswagen и во најважната сфера за секоја возачка и возач: „Со ID.3 го правиме вистинскиот чекор, и покрај предизвиците од минатата и тековната година, затоа што по секој дожд доаѓа сонце. ID.3 ќе може да постигне позитивно раздвижување кај возачите, со сосем нов концепт на автомобил, којшто додава токму таму каде што конвенционалните возила не можат да понудат, а притоа ги задржува предностите на максимално раширената поддршка од аспект на сервисна мрежа на Volksswagen ширум Европа и во Македонија, и на тој начин придонесува електричното возило да биде конвенционално во употребата.“ Светската статистика, патем, оди во прилог на електричните автомобили, кои во сервис доаѓаат главно поради редовна проверка.

Нема субвенции во Македонија, но нема ниту плаќање на данок за вредност на возило, по старо акциза

Субвенцијата“ за електричните автомобили во Македонија се состои во тоа што државата не наплатува данок за вредноста на возилото – за емисијата на СО2, исто така. Тоа значи дека Volkswagen ID.3 на нашиот пазар стартува од 36.997 евра, за верзијата ID.3 Pure Performance електромотор со 110 kW (150 КС) на задната оска, и со батерија од 45 kWh. Реалниот досег во оваа изведба изнесува 350 километри и тоа е сосем пристојно. Следна е изведбата ID.3 Pro (од 39.454 евра) со електромотор со 107 kW (145 КС), со батерија од 58 kWh и досег до 425 километри. Најсилната изведба носи ознака ID.3 Pro Performance (од 40.940 евра), со 204 КС и исто така со батерија од 58 kWh. Досегот изнесува околу 420 километри. Врв во понудата е ID.3 Pro S (од 49.818 евра) со 204 КС, но и со батерија од 77 kWh, за досег до 540 километри.

Секоја од овие погонски варијанти може да се комбинира со неколку нивоа на опрема. Тие исто така се изведени различно од конвенционалните модели, но ID.3 во основата секогаш е суперопремен. Стандардната опрема содржи диодни светла, автоматски клима уред, пристап и стартување без клуч, апликација за конектирање, блутут, говорни команди, камера за знаци, следење замор, паркинг сензори напред и назад, следење и задржување во лента, самостојно запирање при опасност од удар во пешак или велосипедист, но и „класични ставки“, како грејачи во седишта, собирање на ретровизорите, навигација со дисплеј од 10 инчи, радарски темпомат со Stop & Go, мултифункциски волан со греење и слично.

Перформансите, вообичаено за електричните автомобили, се убедливи. Спринт до темпо сто трае 8,9 секунди во изведбата со 150 КС, односно 7,3 секунди во верзијата со 204 КС. Крајната брзина е ограничена на 160 km/h. Времетраењето на полнењето на батеријата, при користење полнач од 7,2 kW изнесува 7:30h, додека при користење брз полнач со 100 kW, тогаш се постигнува мошне кусо време од околу половина час. Порше Македонија продава и електрични полначи кои може да се постават во домот или на работното место, со цени кои почнуваат од околу 900 евра, без вклучена монтажа и поврзување.

>>> Хамбург доби 800 електрични VW ID.3, се изнајмуваат на улица

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel ќе го дигитализира името на моделите

Kia во март ја зголеми продажбата за 8,6 проценти, продадени над 250k возила