Lamborghini пристигна со три премиери на салонот во Шангај, за пасијата и тркачкиот ген на италијанската спортска марка да им ги донесе на кинеските возачи.
Хиперавтомобилот Essenza SCV12, лимитиран на 40 примероци, доживеа премиера на штандот во Шангај. Секако дека на најважниот салон на автомобили годинава не недостига и супер-СУВ Urus. Lamborghini лани ја имаше најпрофитабилната година во историјата и втора најдобра година во поглед на прометот и бројот на продадени возила. Притоа секако мора да се има предвид дека фабриката не работеше два месеци поради пандемијата.
Италијанската марка одлично ја почна годинава, со најдобро тромесечје во историјата. За тие што сега ќе нарачаат нов автомобил, испораката ќе следи дури по 9 месеци. Тоа го изјави Штефан Винкелман, кој се врати на челото на Lamborghini по пет години. Тој воедно изјави дека целата продукција што е планирана за Кина за годинава, веќе е резервирана. Кинескиот пазар е на пат да стане втор најголем пазар за Lambo во светот.
Lamborghini Essenza SCV12 доживеа светска премиера на салонот во Шангај
По виртуелното лансирање лани, Lamborghini Essenza SCV12 првпат се појавува пред јавноста сега на салонот во Шангај. Хиперавтомобилот е наменет само за тркачка патека и се нуди во ексклузивни бои: Verde Selvans, Grigio Linx, Nero Aldebaran Gloss и Arancio California. Инспирацијата за моделот доаѓа од долгогодишната традиција на Lamborghini во мотоспортот.
Essenza SCV12 е директен наследник на Miura Jota и Diablo GTR, со најмоќен атмосферски V12 во историјата на Lamborghini – моќноста надминува 830 КС. Спојлерите се по пример на Huracán Super Trofeo EVO и GT3 EVO. Потисокот при 250 km/h изнесува 1.200 килограми.
Како прв GT развиен со безбедносните стандарди на FIA за прототипи, Essenza SCV12 се одликува со исклучителен сооднос меѓу моќноста и тежината од 1,66 КС/kg. Тоа е заслуга на новиот монокок од карбон, без потреба од дополнителен ролбар.
https://www.instagram.com/p/CN22Dm8nf-_/
















