Влечењето приколка може да биде голем предизвик. Прегледноста назад е смалена драстично, потребна е возачка умешност за справување со дополнителната тежина, страничниот ветар е проблем, во некои земји е потребна и посебна возачка дозвола. Кампувањето прерасна во масовна практика во исто време кога светот воведе полициски часови, поради пандемијата. Производителите одвај успеваат да ја покријат побарувачката. Во исто време се ослободи простор за новите или за новите стари идеи. На пример, преклоплива приколка.
Холандската компанија Easy Caravanning го унапреди концептот на преклоплива приколка, согласно денешните барања и стандарди. Предноста на нивните приколки Take-Off се покажува и во возењето и при пристигањето на одредиштето. Со еден потег, поклопецот се подигнува едноставно благодарение на добро осмислен механизам и се претвора во покрив над глава.
Лесната конструкција дозволува тежината на приколката да остане под 750 килограми. Тоа посебно ќе го ценат возачите на електричен автомобил или на помали автомобили со обичен погон. Поради аеродинамичниот дизајн и малата висина, потрошувачката на гориво се зголемува речиси незначително. Уште една предност е тоа што полесно се наоѓа простор за приколката кога треба да мирува дома.

Секако дека во концептот се вклучени бројни интелигентни идеи, на пример, назад е изведено скалило за полесен пристап, додека диодните светилки за регистрацијата го осветлуваат просторот. Клиентите можат да избираат најразлични варијанти на опремување и изведување на „мебелот“. Има и опција за керамичка грејалка. Како круна, лежајот е со димензии 205 х 160 сантиметри.

Шасијата е производ од познатите Al-Ko, што исто така оди во прилог на Take-Off. По потреба или по желба, може да се додаде и една од неколкуте варијанти на шатор, како дополнување на просторот.
Производителот нуди три варијанти за Take-Off, почнувајќи од 13.895 евра со 21% ДДВ во Холандија, до 19.595 евра за топ-изведбата. Пазарот ги „одобри“ овие цени, продажбата врви одлично.
Технички податоци
- Празнa приколка 550-590 kg
- Дозволена тежина за влечење 750 kg
- Гуми 175/65R14
- Димензии на лежај 205 х 160 cm
- Внатрешна висина во задниот дел 205 cm
- Димензии Д х Ш х В 310 (492 со влечна руда) х 185 х 122 cm
- Материјал за платното Ten Cate, KD 38, 280 грами
- Материјал на приколка Tермо обликуван ABS, внатрешност изолиран сендвич-панел
>>> Од сон до реалност: Возило за кампување од домашна изработка

















