за

Бентлито не е единствен случај, тие се натпреваруваат

Лик во скап автомобил од дисконт се снима како избегнува метеж во Скопје, јурејќи најбрзо што може по велосипедска патека.

бентлито не е единствен случај, тие се натпреваруваат

Подобро е да се спречи, отколку да се лечи. Тоа често го кажуваа постарите генерации. Што можеше да се очекува друго, кога на лик што е во трајна фаза на интелектуален развој, ќе му се најде во раце евтин автомобил со многу коњски сили и со знак што сличните ликови во неговото опкружување го доживуваат како тотем?

Прво беше жртва скопскиот плоштад, одвај два дена подоцна падна и еден од најоптоварените булевари во градот. Којзнае уште колку сцени, со ликови заради коишто при полагање возачка дозвола (барем по замисла) е наложено да се поднесе веродостојно лекарско уверение, се вртат по личните профили на друштвените мрежи. За колку уште  неброени сцени со изживување со автомобил си припомнуваат луѓето, не само деновиве и сигурно не само во Скопје?

За вовед, една сцена што ја има доживеано авторот на овие редови. Пред веројатно десетина години, при преноќување во Ново Место на едно деловно патување, како човек на когошто сепак не му е туѓа градската средина, во мирното и задоволно словенско гратче тргнав да минувам улица надвор од обележан премин. Така забрзан, откако проверив дали доаѓа автомобил од таа страна, стапнав на коловозот. Уште пред да погледнам во десно, возачот оттаму веќе го имаше запрено својот автомобил, за да пропушти да ја минам улицата – иако веројатно педесетина метри далеку од обележаниот премин.

Не е долга временската разлика од тротоарот од „Скопје“ на Леб и Сол до тротоар-егзибиционистот во 2020 година

Ниту свирење, ниту нервоза или протестно поаѓање со чкрипка. Што си помислил новомештанскиот возач, кој тоа му го попречува патот, воопшто не е важно. Нему сигурно ниту му се расипал денот, ниту пак некогаш помислил повторно на таа сцена. Но, многу е веројатно, дека од негов агол на гледање, сцената личела исто како таа со највпечатливиот лик што минува на пешачкиот премин на Рекорд, во спотот за „Скопје“ на Леб и Сол.

>>> Линк до видеото: https://www.facebook.com/NaTochak/videos/230790051914378/

Наспроти тоа, една класика од нашите улици. Возач запира коректно за да пропушти пешак на пешачки премин. Во истиот миг, некој нетрпелив поаѓа да го престигне запреното возило пред него, доведувајќи го во животна опасност човекот што е дојден до половина пешачки премин. Што си мислат тие возачи, односно дали тие воопшто се способни да размислуваат повисоко од нивото што им дозволува да бидат свесни дека не можат да вршат нужда во дневната соба?

Пред кого тоа мислат дека се докажуваат и покажуваат овие недоквакани ликови?

Очигледно дека по нашите улици и во нашата средина постои голем круг на луѓе што не се свесни за средината во којашто се наоѓаат и за последиците од нивното несоодветно однесување. Лик „на и“, со автомобил од марка што нема да ја доведуваме во контекст со истиот, бил нетрпелив да чека во колона на семафор, на булеварот „8-ми Септември“. Веројатно аристократ и наследник на лоза поседници на „зоолошки градини“, со златен часовник ала-експррес да се гледа, самозадоволниот актер проценил дека неговото благородништво не дозволува тој да чека во ред покрај останатите поседници на педигрирано кутре наоколу, и вози половина километар по велосипедска патека, колку што може најбрзо. Ликот што уредно е потпишан со име и презиме на снимката, за својот чин добива соодветна музичка инспирација.

Прашањето што традиционално воспитаната заедница би го упатила до ликот: Дали заради тебе и сличните, ќе треба да редиме уште столбови, мрежи и огради и по тие малку неоградени улици и улички што останале, да те спречат кога веќе немаш ум или што и да е, за тоа да те спречи? Дали да ги оградуваме улиците како стока да ќе треба се движи по нив, па да не ти текне да го направиш тоа што си го направил и што допрва ќе ти текнува да го направиш? Дали треба улиците и градовите да ни личат на тебе блиските трла, само затоа што ти и сличните на тебе не сте способни за сами да процените каде може да се движите, а каде не? Кравите на Свети Пантелејмон одлично го прават тоа, ти не умееш како нив!

Тоа што Европа го отфрла и го нуди за евтино, совршено им се погоди не нереализираните карактери по нашите улици

Како воопшто се случи вакви ликови во развој да се изживуваат по улиците? Одговорот одамна е јасен во круговите што заработуваат за живот со својот интелект, труд и со способноста за јасно расудување. Европа одамна ги отфрла автомобилите што ѝ ја загадуваат животната средина и ги остава на најпримитивните плацеви за користени автомобили, девалвирани и неисплатливи за секакво натамошно тргување со нив во рамките на Унијата. Тука се најдоа исповрзани ланци од „магистрирани“ Балканци, кои евтините автомобили ги донесоа и уште ги носат тука. Најмногу изгубија од вредноста токму големите и престижни автомобили, затоа што истите имаат моќни мотори, што имаат и висока емисија на штетни материи. За нив, во Европа треба да се плати и по 10.000 евра за воопшто да се регистрираат за една година.

Токму големите и престижни автомобили, со моќни мотори, им се погодија на ликовите со слаба реализираност, како овој од тротоарот. А, кога човек не може да се реализира преку располагањето со одредена вештина или способност, тогаш единствено што му преостанува за да надомести за таа празнина е земање на воланот во раце и изживување со цивилизациските придобивки.

Автоматско регистрирање и евидентирање на секаков вид прекршоци во ерата на вештачката интелигенција и наплата на казни

Како да се избориме против овие штетници – во третата деценија од 21-от век? Исто како што целиот свет постапува против нив. Со камери и сензорски системи што ќе регистрираат секаков прекршок, од незапирање на пешачки премин, преку надминување на дозволената брзина, до минување на црвено. И, како специјална програма за нашите тротоар-егзибиционисти – возење по велосипедска патека. Системите се скапи, но со обемот на наплатата од казни, тоа ќе биде попрофитабилно и од скопски пајак. Теоретски, нели.

Бидејќи е сосем извесно дека зачестените испади брзо ќе доведат до следниот инцидент за којшто ќе известуваме: Посетете го на момент некогашниот полигон за полагање за возачка под Кале, за време на викендите. Метеж од нови „кандидати“.

>>> Селско Бентли по плоштад во Скопје не смееше да ја пропушти 2020

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Концептот на „брако-приколка“ доживува препород

Mitsubishi L200 terenski paket

Mitsubishi L200 е прво теренец, а потоа пикап