за

Селско Бентли по плоштад во Скопје не смееше да ја пропушти 2020

Што можеше да се очекува следно во средина што не научи да ги казнува убијците зад волан на автомобил?

Чинот на крунисување на оваа 2020 година не можеше да биде извршен поверодостојно. Автомобил за благородништвото, стигнат во раце на егзибиционист што се поистоветил со лик од филмовите, се најде во мисија, за една секунда да ги урне сите човечки и цивилизациски вредности и достигнувања на ова напатено парче земја.

Како најдобро да ја искажеш среќата од животната реализација, откако ќе седнеш во автомобил од благородничка марка во којшто одеднаш сé изгледа поубаво? Таков автомобил, што очигледно ти отвора права да направиш нешта што претходно биле невозможни со другите автомобили. Лик од средина што егзистира од непочитување на правило и право, во средата вечер пројурил со своето Бентли под светлосниот мост на плоштадот во Скопје, на место каде што дечиња и тинејџерки се фотографираат радосни и насмеани, за да пријават дека се во полно предновогодишно расположение.

Настанот предизвика масовно ширење на веста по друштвените мрежи, откако снимката беше објавена од една позната и ценета скопска фаца. Нормално, скопскиот градоначалник се засегна за случајот што се закануваше да стави сенка на неговиот совршено управуван град. Под мотото од типот на „ништо не е посилно од законот“, менаџерот на Скопје на својот профил за обожувателки и обожуватели објави фотографија од записникот, со којшто на возачот на Bentley му се изрекува парична казна во висина од 45 евра. Во моментов, објавата на фејсбук има 547 допаѓања, 318 цепки, 13 изненадени и 9 гневни. Тоа кажува сé.

Ликови во некогаш луксузни и скапи автомобии, девалвирани до ниво што ги направило достапни за обични престапнички профитери, испоганија секаков аспект на секојдневието

Но, самиот настан исто така кажува сé околу оваа средина, што и претходно беше (направена) изгубена, а сега се чини и дека е неповратно изгубена. Како се случи селанче да доспее до ексклузивен и луксузен Bentley и да си земе права што тој смета дека му припаѓаат со чинот? Тука совршено се надоврзува разговорот со еден пријател, кој со природата на својата работа често им посведочува на вакви наивни обиди за благородничко унапредување. „Знаеш ли што прво кажуваат таквите ликови“, прашува тој како вовед, подготвувајќи го разговорот за нешто што човек не може ниту да го замисли. Пријателот пренесува: „Знаеш ли ти дека мојава кола чини 80.000 евра на ново“? Некој сопственик на тешко луксузен дваесетгодишен автомобил од премиум марка зел да се ориентира според тоа мото. Колку ли е изместена матрицата на расудување? Очигледно, тој не е осамен во својата заблуда. Далеку од осамен.

Тешко е да се поверува, меѓутоа тој Bentley од скопскиот плоштад, на пазарот во Европа моментно одвај вреди 30.000 евра. Тоа е десеткратна девалвација, којашто не резултира од друго, туку од системот на управување со возниот парк во нормалниот свет, што има за цел да ја заштити животната средина од прекумерна емисија на штетни материи. За тој Bentley што испушта 400 грами СО2 на секој километар – барем според фабриката е толку – во државите во ЕУ се плаќа данок и до 10.000 евра годишно. Затоа, овие првично скапи автомобили се „напуштени“ од нивните оригинални сопственици.

Зарем и оригиналните сопственици на Ferrari, Lamborghini & Co по големите градови ширум светот исто така се разлетуваат по плоштади?

Скопските Bentley & Co од овој вид одамна имаат излезено од благородничкиот круг на сопственици и оставени се да чмајат по зараснати автоплацеви на перифериите на гратчињата низ Европа. Во некогаш луксузните возила што им носеа углед пред светот, сите тие светски менаџери, спортисти, филмски ѕвезди и богати наследнички, за кои воопшто и се создадени и наменети автомобилите од типот на Bentley, денес повеќе не сакаат да бидат видени. Таква господа и тешка аристокрација денес вози електрични автомобили од типот на Porsche Taycan или Tesla. Што се однесува до Bentley, Aston Martin, Maserati, тоа беше некогаш.

Но, тоа што во Европа било некогаш, тешка реалност e во Македонија. Не само отсега, туку е реалност веќе десет години наназад. Како што Старата Дама се ослободува од автомобилите што ѝ наштетуваат на животната средина и истите се девалвираат, меѓу другото и преку нивно оптоварување со скапи давачки на име на климата, масовно пристигаа првенствено во автомобилскиот отпад на ЕУ, Бугарија. Македонија нема механизам да се заштити од напливот на автомобили со штетна емисија – и со енормно висока емисија на штетни материи. Властите веќе во неколку смени се неспособни да разберат дека автомобилизмот не е тема на којашто се дискутира во кафеана, туку станува збор за тема што бара врвна експертиза и одговорност. Каква е таа дебилна логика, што признава дека автомобилите загадуваат во Европа, но кај нас не загадуваат?

Не е проблемот во ликот што заглавил во психо-адолесценција, туку е во системот што направил тој да помисли дека со неговиот луксузен половњак треба да го вознемирува светот и да ги доведува во опасност животите на луѓето на кои единствено им е местото на плоштад

Но, темата е Bentley. Не е проблемот што некој егзибицонист во најрудиментарниот стадиум на интелектуален развој собрал Bentley отфрлен од светот да го вози по македонските улици, туку е проблемот што целиот „систем“ е поставен на тој начин, што ликови од оваа провиниенција се умислуваат дека со луксузниот половњак стекнуваат право над сите права. Дури и системските „управители“ се толку неуки, што ценат дека парична казна ќе ги спречи ваквите неандерталски испади. Нормално дека овој, исто како и бројните други испади што ќе следат, веројатно уште порадикални, резултираат од судски одлуки од типот на „млечен“ кои виновниците ги претвораат во победници. Овој случај со Bentley, претставува „само“ опомена.

Седнувањето во луксузен автомобил, што нормалната Европа го девалвирала и го оставила на маргините, за некоја ненормална средина да се залета по истиот, никому не му донела повисок аристократски статус. Народот за тоа кажува најдбро: Сељак останува сељак. Посебно во Bentley, со коешто тој очигледно не се снаоѓа најсоодветно.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Илон Маск сакал да ја продаде Тesla на Apple, таму биле незаинтересирани

Индиска Mahindra смее да продава клон на Jeep во САД

Индиска Mahindra ќе продава клон на Jeep во САД