за

Со електромотор и турбо: Porsche Cayenne со 739 КС, најсилен во историјата

Porsche ја заокружува понудата во моделското семејство на Cayenne со врвната изведба Turbo E-Hybrid, што е најсилна во историјата на моделот.

Porsche Cayenne Turbo E-Hybrid е врвот што може да се добие во моделското семејство на големиот СУВ-модел. Со моќност од 739 КС, овој модел соединува врвни перформанси со можност потрошувачката да се одржува на исклучително ниско ниво – а со тоа и емисијата на штетни материи.

По пролетниот старт на новиот Cayenne, Porsche сега ја круниса темелно преработената трета генерација на успешниот СУВ со нова врвна изведба. Исто како и досега, во топ-верзијата на Cayenne работи приклучен хибриден погон. Моделот Cayenne Turbo S E-Hybrid претрпе бројни зафати во хибридната техника, главно во насока на продолжување на досегот и зголемување на моќноста

Од тие зафати профитираат и возливоста во секојдневието и перформансите. Електромотор со моќност од 130 kW (176 КС) му помага на преработениот 4,0-литарски V8 со битурбо натполнење и 441 kW (599 КС). Двете погонски единици во спрега постигнуваат максимално 544 kW (739 КС) и максимален вртежен момент од 950 Nm.

Porsche Cayenne Turbo E-Hybrid и со перформансите докажува дека ми припаѓа врвот во гамата. Спринтот до 100 km/h трае 3,7 секунди. Крајната брзина изнесува 295 km/h.

Во споредба со претходникот е значително продолжен досегот. Porsche ветува и покусо времетраење на полнењето. Батеријата под подот сега располага со капацитет од 25,9 kWh. Со таа енергија, луксузниот СУВ може да мине до 82 километри во град. Новина е сопствениот полнач со моќност од 11 kW, којшто на соодветен полнач го скусува времетраењето на полнењето на помалку од 2,5 часови.

Стандардно со 2-коморна и 2-вентилска пневматска амортизација

Новите Porsche Cayenne Turbo E-Hybrid и Cayenne Coupe Turbo E-Hybrid излегуваат од фабрика со приспособлива пневматска суспензија со новата 2-коморна и 2-вентилска технологија. Тоа значи дека влечниот и притискачкиот óд на амортизерите може да се менуваат нерзависно едно од друго.

Оваа технологија во исто време ги подобрува и комфорот и стабилноста, дозволувајќи уште поголем распон меѓу комфорната и Sport Plus-програмата. Подвозјето се грижи за меко амотизирање при бавно возење, но и за спречување на преголемо наведнување и навалување на каросеријата при подинамично возење. Во стандардниот арсенал спаѓа и Porsche Torque Vectoring Plus (PTV Plus). Опција е Porsche Dynamic Chassis Control (PDCC), како и управувана задна оска.

Посебни зафати во надворешниоит изглед и во кабината го разликуваат топ-моделот од остатокот од гамата. Стандард се кожени спортски седишта со местење во 18 правци.

Уште едно ниво погоре: Cayenne Turbo E-Hybrid Coupé со пакет GT

Уште поспортска нота постигнува Cayenne Turbo E-Hybrid Coupé со пакет GT. Тој го заменува Cayenne Turbo GT, како модел што повеќе не се нуди во Европа, а ориентиран е првенствено на перформанси при возење по асфалт. Подвозјето и системите за контрола се нагодени за спортско возење, вклучувајќи ја и амортизацијата. Каросеријата е спуштена 10 милиметри. Нагибот на предната оска е зголемен на 0,58 степен, за уште поголема динамика во свијоци, при поголема прецизност во управувањето и значително зголемена странична стабилност.

Сопирачките Porsche Ceramic Composite Brake (PCCB) исто така е составен дел од пакетот GT. Опција се гуми со високи перформанси за сериските тркала од 22 инчи со GT-дизајн, исто како и PDCC и управувана задна оска.

Cayenne Turbo E-Hybrid Coupé со пакет GT спринтува до темпо сто за 3,6 секунди и постигнува 305 km/h.

Turbo E-Hybrid е вториот од трите хибридни моделски изведби на Cayenne, што Porsche ќе ги воведе во 2023 година. Цената во Германија е 176.324 евра, со ДДВ. Coupé-изведбата чини 179.775 евра.

Cayenne Turbo E-Hybrid со пакет GT, што во Германија чини 208.454 евра, достапен е на пазарите на коишто Cayenne Turbo GT повеќе не се нуди. Тоа се главно пазарите во ЕУ, како и Јапонија, Хонг Конг, Тајван и Сингапур.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Volkswagen Amarok 3.0 TDI Style · Како нов човек

Kia собра 55 тони пластика од океаните, рекорд