Пластичниот отпад ќе се рециклира и ќе се користи во идните елеткрични модели на Kia. Партнерството меѓу корејскиот производител и The Ocean Cleanup почна во април 2022 година и предвидено е да трае седум години. Преку овие соработки, Kia се докажува како компанија што внимава на одржливоста и цели да прерасне во светски лидер во тој поглед.
The Ocean Cleanup е непрофитен проект во светски рамки, што има мисија да ги ослободи океаните од пластичниот отпад. „Уловената“ пластика во меѓувреме е пренесена во Викторија, на канадскиот остров Ванкувер. Рекордниот улов е собран од Пацифичкиот Океан со помош на Систем 002, по долго крстосување низ GPDP (Great Pacific Garbage Patch) – тоа е најголемата акумулација на пловечки отпад во светот, со површина што се проценува на 1,6 милиони километри квадратни. За подобра претстава, тоа е трипати повеќе од територијата на Франција.
Наскоро ќе започне и рециклирањето на собраниот отпад, а Kia ќе користи дел од рециклираниот материјал, за да го вградува во своите идни модели. Тоа е дел од трансформацијата на Kia, од производител на автомобили, во компанија што е присутна во сите подрачја на мобилноста и посветена е целосно на одржливоста.
Kia досега има применето повеќе од 30 решенија од ваков вид, вклучувајќи платно и теписи изработени од рециклирана ПЕТ-амбалажа, заменска кожа од биолошко потекло, и боја без бетокс, односно бензен, толуен и ксилен.
Одличен пример дава токму новиот знаменосец, електричниот EV9. Во семејниот седумсед се користи материјал добиен од рибарски мрежи, што се извлечени од океаните. Со овој материјал е обложен подот. Вкупно 34 килограми пластика во EV9 се добиени по пат на рецикирање или се од билошко потекло.

По завршувањето на овој потфат, The Ocean Cleanup веќе го најави следниот чекор. Тоа е Систем 03, речиси трипати поголем од „02“. Предноста е во тоа што цената на собран килограм пластика од океанските води е далеку пониска, сметано во период од една година. Целта на овие спасители на светот е до 2040 година да ги ослободат океаните од 90 проценти од отпадот.
















