Производителот на спортски автомобили Porsche значително ја зголемил профитабилноста во првото тромесечје. Во периодот од јануари до април, компанијата од Штутгарт ја зголемила заработката за повеќе од двојно, не сметајќи ги каматите и даноците.
Вкупно 1,25 милијарда евра заработил Porsche во првиот квартал од 2021 година. Концернот уште не ги има објавено податоците за нето заработката. Во првото тромесечје лани, заработката од оперативниот бизнис изнесуваше 572 милиони евра, меѓу другото и поради влијанието од корона-кризата. Прометот на Porsche AG, каде што освен автомобилскиот огранок спаѓа и финансискиот бизнис, годинава пораснал за 6,0 проценти, на вкупно 7,73 милијарди евра.
Оперативната маржа изнесува 16,2 проценти – тоа е над целната вредност од 15 проценти што компанијата ја има поставено на подолга временска рамка. Оваа вредност покажува колку од вкупно остварениот промет, на крајот останува како заработка од оперативниот бизнис. Тоа е меродавен податок за профитабилноста на работата на една фирма.
Зголемените промет и профит секако дека произлегуваат и од зголемената продажба на возила. Porsche претходно објави дека во првиот квартал продал за една третина повеќе возила отколку лани. Од јануари до крајот на март се испорачани 71.986 автомобили. Тоа е за 36% повеќе отколку во првиот квартал лани.
Имајќи го предвид одличниот старт на годинава, спортската марка може да се надева дека првпат ќе надмине 300.000 продадени возила во период од 12 месеци. Шефот Оливер Блуме во средината на март се изјасни дека за постои „издржана шанса“ за тоа да се случи.
















