за

Триесет години од премиерата на кабриолетот од Mercedes W 124

По две децении пауза, Mercedes во 1991 година ги врати кабриолетите со четири седишта во својата понуда, со моделот врз база на легендарниот W 124.

mercedes w 124 cabriolet

Покрај огромниот успех што го постигна Mercedes W 124, во Штутгарт немаше двоумење дали понудата да се збогати со кабриолет изведба. Многу се внимаваше на безбедноста на патниците во кабриолетот.

Кабриолетите од серијата W 124 на Mercedes денес се посебно ценети автомобили на сцената на јангтајмерите. Нивната премиера се одржа на салонот во Франкфурт, на 12-ти септември 1991 година, по седум години од стартот на лимузините од серијата W 124.

Последниот кабриолет со четири седишта на Mercedes пред воведувањето на моделот врз база на W 124 беше произведен во 1971 година. Тоа беа уште едни легенди на Mercedes, кабриолетите од сериите W 111 и W 112. Кабриолетот од серијата што неколку години подоцна беше именувана E-Class, се базираше врз купето. По лимузината со високи перформанси 500 E од есента 1990-та година, кабриолетот беше следната голема новина во понудата.

Вообичаено за Штутгарт, околу 1.000 делови беа нови или модифицирани за вградување во кабриолетот. Целта беше да се постигнат врвна безбедност и врвен комфор, во отсуство на метален покрив. Бројни каросериски делови се изработени од подебела ламарина. Инженерите ги користеа претходно стекнатите искуства со родстерот R 129.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Заради постигнување врвен комфор, по пример на Mercedes-Benz 600 Landaulet од 1965 година, беа вградени четири специјални тегови за поништување на осцилациите, кои заедно се тешки 26 килограми. Секако дека сите овие мерки се покажаа и во цената, но на луѓето им беше јасно што купуваат. За безбедност во случај на превртување се користеа заштитни лакови во форма на потпирачи за глава, кои при опасност од незгода се извлекуваа автоматски за само три десетинки.

Многу сложена конструкција на механизмот на покривот на кабриолетот, плус изолација дебела 20 милиметри

Главниот „детал“, платнениот покрив, тежок е 43 килограми и составен е од 27 лостови и 34 зглобови. Кога покривот е вовлечен, тој зафаќа простор со зафатнина од само 80 литри. Слојот изолација е дебел дури 20 милиметри. Посебната конструкција се грижеше при возење со висока брзина да се обезбеди чувство како во купето. Со доплата се нудеше електро-хидраулично ракување со покривот. По преработката на моделот во 1993 година, покривот стандардно се спушташе и подигнуваше „електрично“.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Партнер при развојот на кабриолетот беше Porsche, кој при добивањето на налогот за развој во јануари 1989 година веќе работеше на можен кабриолет од C-Class (W 202). Уште претходно се подготвуваше кабриолет на Mercedes, Porsche исто сработи и проект за кабриолет од серијата W 201. Соработката меѓу Штутгарт и Цуфенхаузен во тоа време се одвиваше под полна пареа, Porsche сепак имаше голем удел во производството на 500 E.

Премиерата во 1991 година му припадна на 300 CE-24 Cabriolet со трилитарски мотор со шест цилиндри во линија, со 220 КС. Сериското производство започна во март 1992 година. Само една година подоцна беа воведени промени во моделот, кои однадвор се сведуваат на маската по пример на W 140 (S-Class), на „белите“ трепкачи и на заштитните лајсни во боја на каросеријата.

На сликата долу се прикажани сите каросериски зајакнувања и модифицирани делови во кабриолетот од серијата W 124

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моделската понуда ја сочинуваа четири варијанти. Mercedes E 200 Cabriolet (136 КС) се произведуваше до 1994 година, само за извоз во Грција, Италија и Португалија. Основен модел за сите останати пазари беше E 220 Cabriolet (150 КС). Како наследник на 300 CE-24 Cabriolet пристигна E 320 Cabriolet (220 КС), а нов топ модел беше E 36 AMG Cabriolet (272 КС). До јули 1997 година беа произведени 33.952 кабриолети од серијата 124. Повеќе од половината од продукцијата отпаѓа на верзиите со шестцилиндарски мотори.

New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Легендарната серија 124 на Mercedes е 35 години млада

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

renault megane e-tech electric

Renault в година започнува со продажба на електричен Megane

Porsche 911 carrera 4s

Porsche очекува годинава да продаде повеќе од 300.000 автомобили