
Полстар веројатно нема да го следи чекорот на Смарт и Зикр, сестрински марки од концернот Џили, коишто имаат намера наскоро да ги вратат моделите со приклучен хибриден погон во својата понуда во Кина.
Смарт и Зикр, марки што во Европа продаваат исклучиво електрични автомобили, размислуваат за тој потег, за да искористат од растечката побарувачка за модели со приклучен хибриден погон на најголемиот автомобилски пазар во светот.
Продажбата на возила со овој вид погон во Кина се зголеми за 85 проценти во првите шест месеци, достигнувајќи 1,92 милион возила. Како резултат од тоа, приклучните хибриди учествуваа со 39 проценти во вкупната продажба на модели со електрифициран погон во земјата.
Наспроти тоа, продажбата на моделите со целосно електричен погон во истиот период порасна за 12 проценти и достигна 3,02 милиони. Нивниот удел на пазарот на возила со електрифициран погон е 61 проценти. Како НЕВ (Возила со нова енергија) во Кина се водат возила со батериски погон, приклучен хибрид и возила со бензинец што се користи за произведување енергија за погонскиот електромотор.
Неочекуваниот раст во продажбата на приклучни хибриди ги поттикна марките што произведуваат исклучиво електрични автомобили да ја сменат својата понуда од модели и да ги вклучат приклучните хибриди (ПХЕВ). Таков е случајот со Нисан, Џенерал Моторс и Фолксваген.
Техничкиот директор на Полстар, Луц Штиглер, цени дека тоа е тема што се однесува само на Кина и не верува дека останатите пазари ќе постигнат толку голем раст за да се оправда враќањето на ПХЕВ во понудата.
„Полстар е основана како целосно електрична марка, иако почна со приклучен хибрид. Полстар 1 (ПХЕВ со ограничена серија, произведуван 2019-21) требаше да биде последен“, вели Штиглер.
Тој додава: „Од таа перспектива, ценам дека Полстар нема да додаде друг ПХЕВ. Но, никогаш не вели никогаш, особено денес, затоа што е неизвесно што ќе решат политичарите во следната година.“
Штиглер потсети дека ПХЕВ се соочија со остри критики на неколку европски пазари, поради тоа што повеќе од нив се користеа како службени возила и никогаш не беа приклучени на полнач. Тоа значи дека се возеа со користење на моторот со внатрешно согоруивање, место со батериски електричен погон и со нулта емисија.
Унгарија неделава реши од 1-ви септември да ги укине субвенциите за ПХЕВ. Земјата им помагаше на граѓаните да купат ПХЕВ уште од 2016 година.
Приклучните хибриди во услови на реална примена испуштаат 350 проценти повеќе ЦО2 отколку при тестирање во лабораторија. Така покажаа резултатите за првата година во којашто ЕУ ги собираше податоците за реалната потрошувачка на гориво.
Податоците се собрани од 600.000 избрани возила во 2021 година, соопшти Европската Комисија во март.
Најпродаваните марки со приклучен хибриден погон во првото полугодие во Кина
| 1 | BYD | 683,565 | 31% |
|---|---|---|---|
| 2 | Great Wall | 95,985 | 207% |
| 3 | Geely Auto | 67,021 | 362% |
| 4 | Changan | 62,275 | 445% |
| 5 | Lynk & CO | 52,706 | 520% |
| 6 | Denza | 43,330 | -11% |
| 7 | Wuling | 35,388 | New |
| 8 | Trumpchi | 26,505 | New |
| 9 | Chery | 21,119 | New |
| 10 | Jetour | 15,441 | New |
И покрај лошата слика што ја оставаат во поглед на емисијата на ЦО2, продажбата на ПХЕВ во Европа во првото полугодие порасна за 2,1 проценти и достигна 481.366 возила.
Марки како Фолксваген, Шкода и Рено ја збогатуваат својата понуда од ПХЕВ во Европа.
Шкода, на пример, во минатиот месец почна со нарачки за новиот Суперб иВ ПХЕВ, којшто постигнува електричен досег до 135 километри. Тоа е повеќе од двојно во споредба со моделот од претходната генерација, со 56 километри досег. Емисијата изнесува само 8 грами на километар.
Рено им се враќа на ПХЕВ кај својот нов СУВ-знаменосец Рафал, којшто ќе постигнува досег од околу 100 километри. Изведбите на Каптур и Меган со овој вид погон, што се нудеа порано, псотигнуваа двојно помал досег. Моделот е сликан во салонот на Рено во Скопје
Уделот на ПХЕВ модели во вкупната продажба во првото полугодие изнесува 7 проценти, во ЕУ, ЕФТА и ОК.
И покрај тоа што продажбата на ПХЕВ расте во последниот период, уделот на овој вид погон останува мал. Тоа посебно важи во споредба со батериските електрични модели и класичните хибриди. Експертите не веруваат дека уделот на ПХЕВ ќе се зголеми значително.

Пазарниот удел веројатно нема да се искачи над 10 проценти, затоа што ЕУ продолжува да го стегнува лимитот за емисијата на ЦО2, додека стапи во сила забраната за продажба на возила со бензински или дизел мотор по 2035 година.
Целосно електричните модели, како Полстар 2, 3 и 4, во првите шест месеци учествуваа со 13,8 проценти во вкупната европска продажба.
Продажбата на батериските електрични модели позапра на пазари како што е Германија, каде што побарувачката во јули се намали за близу 40 проценти. Тоа е најголем пад по декември, откако Берлин ги укина масивните субвенции.
Мал СУВ од Полстар?
Кога станува збор за подостапен електричен модел, Волво, сестринската марка на Полстар, постигнува одличен успех со малечкиот СУВ-модел Е Икс 30, чијашто цена во Германија почнува од 39.790 евра.
Видеото од тестот на Волво Е Икс 30
Волво до јули ја зголеми продажбата за 33 проценти, на вкупно 222.024 возила, главно благодарение на големата побарувачка за Е Икс 30, којшто е трет најпродаван електричен модел во Европа, по Тесла Модел Ипсилон и Модел 3.
Прашан дали има простор за сличен модел во понудата на Полстар, Штиглер кажа: „Ако ме прашувате како инженер, јас би рекол, да. Ако ме прашувате како член на управниот одбор на Полстар, многу е потешко да се каже, затоа што се работи за прогресивна марка со високи перформанси. За нас нема смисол да се натпреваруваме со Е Икс 30 или со Смарт.“















