Продажбата на модели со приклучен хибриден и целосно електричен погон на Волво во јули е за 49 проценти повисока во споредба со лани. Близу половина (49%) од јулската продажба отпаѓа на овие модели. Еден од секои четири продадени возила на Волво во минатиот месец е целосно електричен автомобил.
Во првите седум месеци, шведскиот производител продаде 445.520 возила на светскиот пазар. Тоа претставува раст од 13 проценти во споредба со истиот период во 2023 година.
„Ни претставува задоволство да објавиме уште еден месец со раст во продажбата, што во најголем дел се должи на продажбата во Европа, и покрај големите промени во пазарните услови,“ кажа Бјорн Анвал, комерцијален директор и заменик на извршниот директор во Волво Карс.
Во Европа се продадени 28.390 автомобили во јули и тоа е зголемување од 40 проценти во споредба со истиот месец лани. Уделот на електрифицираните модели (приклучни хибриди и чисто електрични) е зголемен за 64 проценти во споредба со лани и изнесува вкупно 65 проценти од вкупната продажба на возила во регионот.
Во САД се продадоа за 11 проценти помалку возила, односно вкупно 9.597 возила. Огромен раст од 73 проценти е забележан во продажбата на приклучни хибридни модели.
Волво во Кина исто така се соочи со пад од 31 процени и продадени 9.775 возила. Електрифицираните модели постигнаа 1.130 продажби, за три проценти помалку во споредба со јули лани.
Најпродаван модел и во јули е СУВ-моделот од средната класа Икс Ц 60, со продадени 15.577 возила (2023: 18.259), следи Икс Ц 40 / Е Икс 40 (електро), со продадени 13.818 возила (2023: 14.594), трет е целосно електричниот Е Икс 30 со 9.201 возила, што почна да се продава годинава.
















