
Форд, Фолксваген, Стелантис и Хонда во изминатите месеци имаа сервисни повици во САД, поради неисправни камери за рикверц, а сите камери доаѓаат од различен производител.
Големи производители од ковот на Фолксваген, Стелантис, Хонда и Форд имаа сервисни повици во изминативе месеци во САД, коишто се однесуваа на камерите за возење наназад и за сликата што тие ја прикажуваат.
Тоа не се вбројува меѓу сериозните сервисни повици, како за дефекти што би можеле да претставуваат опасност по животот, меѓутоа во секој случај предизвикуваат непријатност. Последните сервисни повици:
Форд во мај повика во сервисните работилници близу 110.000 возила, откако беше утврдено дека сликите од камерите за возење наназад прикажуваат лоша слика, поради електромагнетската интерференција што ја предизвикуваат мобилни телефони.
Фолксваген Група во јуни повика преку 80.000 возила поради задоцнето или исклучено пренесување на сликата од камерите.
Во истиот месец, концернот Стелантис испрати повик до сопственици на 1,2 милион возила од нивните марки, поради тоа што сликата од камерите за рикверц доаѓаа во костец со радиото.
Во јуни и Хонда мораше да се вклучи во серијата, со сервисен повик за близу 138.000 возила, поради тоа што не се прикажуваше сликата од задната камера.
Сите овие производители на автомобили ги набавиле од различен добавувач неисправните делови што довеле до непријатностите и до сервисните повици.
Вилијам Волис, директор за јавна безбедност во Конзумер Репортс, организација во САД за заштита на правата на потрошувачите, тврди дека добавувачите не се изворот на проблемите со коишто се соочуваат производителите на автомобили. Постои федерален стандард за безбедност во врска со камерите за рикверц, што овозможува лесно да се издаваат сервисните повици за камерите.
„Немате сиви подрачја како што тоа е случај со бројни останати системи во возилата“, кажува Волис.
Тоа значи дека и за најмал пропуст во технологијата на задните камери постои голема веројадност да се издаде сервисен повик, објаснува директорот.
Автомобилската бранша преоѓа на возила во коишто софтверот го има главниот збор, место хардверот, како што тоа беше случај досега, цени Арт Хајд, директор за автомобилски инженеринг на Универзитетот Мичиген. Во минатото, камерите за рикверц и нивните слики се вклучуваа преку обичен прекинувач, објаснува Хајд, кој е поранешен главен инженер во Форд. Но денес, хардверот и софтверот се мешаат.
„Ценам дека е многу тешко да се провери софтверот,“ продолжува Хајд. „Покрај тоа што морате да го проверите самиот софтвер, мора да проверите и како дејствува софтверот во однос на хардверот.“
Преоѓањето на напредна технологија во автомобилите е добро, но тоа значи дека автомобилската индустрија е на пат на учење, вели Хајд. Додека компаниите продолжуваат да работат на возила што се конструирани околу софтверот, вакви сервисни повици се сосем очекувани.















