за

Polestar О2 се подготува за знаменосец на електричната марка на Volvo

Polestar 6, автомобил што е во рангот на Porsche 911 и планиран е за 2026 година, ќе биде најсилниот и најскап модел на електричната марка на Volvo.

Шведската марка што е специјализирана за електрични автомобили од премиум сегментот, го најавува серискиот модел што ќе произлезе од концептот О2 како знаменосец на Polestar. Електричниот родстер со моќност од 650 киловати и цена од близу 200.000 евра, ќе биде именуван Polestar 6 и тоа ќе биде најсилниот и најскап модел на марката, кога ќе се појави на пазарот во 2026 година.

Најскап модел моментно е Polestar 1, којшто располага со преку 600 КС и чини 155.000 евра. Во октомври се очекува премиерата на големиот СУВ со погон на струја, што ќе биде означен Polestar 3 и ќе чини околу 75.000 евра во основната изведба. Производството на Polestar 6 ќе се одвива во фабриката во Чунцин, Кина, покрај идната луксузна лимузина Polestar 5. Фабриката е во сопственост на моќниот кинески концерн Geely и со неа управува Polestar, марка основана заеднички од Volvo Cars и Geely во 2017 година.

Идните модели ќе ја користат новата алуминиумска платформа на Polestar, којашто се одликува со ниска тежина и со 800-волтна електрична архитектура. Електромоторите ќе испорачуваат вкупно 900 КС и 900 њутнметри, што ќе обезбеди спринт до темпо сто за 3,2 секунди и крајна брзина ограничена на 250 километри на час. Досегот ќе изнесува близу 500 километри.

На Фестивалот на брзината во Гудвуд, Polestar навести што може да очекува сцената од Polestar 5, престижна лимузина чијашто премиера е закажана за 2024 година. Спортската лимузина цели на Porsche Taycan, Tesla Model S, како и на електричните модели на Mercedes-Benz, Jaguar и Lucid. Исто како Polestar 6, лимузината Polestar 5 беше најавена преку концептен автомобил, Precept.

Томас Ингенлат, извршен директор на Polestar, посочи дека одлуката за Polestar 6 да биде развиен во сериски модел проследила поради одушевеноста на медиумите и на клиентите од концептот O2

Единствен кабриолет со електричен погон што во моментов се нуди во Европа е Smart ForTwo Cabriolet. Лани од мини двоседот беа продадени околу 7.100 примероци. Пазарот на кабриолети се скуси од 397.480 продадени возила во 2004 година, на 117.753 примероци лани.

Аналитичарите очекуваат пазарот да одговори позитивно на електричниот кабриолет на Polestar. Како автомобил до шестцифрена цена, не може да се очекуваат големи бројки во продажбата, меѓутоа главниот ефект на Polestar 6 ќе биде полирање на имиџот на марката и воедно поттикнување на браншата да развива кабриолети со електричен погон.

Polestar наскоро ќе почне со нарачки за ексклузивната серија од првите 500 примероци од идниот Polestar 6. Резервацијата изнесува 25.000 долари, и таа е повратна. Лани беа произведени 29.000 возила од марката, планот е до 2025 година да се достигне продукција од 290.000 возила.

Hertz нарача 65.000 автомобили од електричната марка на Volvo

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes и VW договорија снабдување со литиум од Канада

Само пет примероци ќе се изработат од Mercedes-AMG GT3 EDITION 55