за

Mercedes и VW договорија снабдување со литиум од Канада

Со договорот со Канада, германските производители на автомобили го скусуваат синџирот на набавки за своите фабрики во САД и Европа.

Автомобилските концерни Mercedes-Benz Cars Group и Volkswagen Group потпишаа договори со канадската влада, со коишто се обезбедува пристап до големите залихи на Канада, од материјалите што се клучни за батерии, како литиум, кобалт, никел и графит. Браншата е во трка да ги набави суровините коишто се достапни во ограничени количини и се неопходни за зголемување на продукцијата на електрични возила.

Маркус Шефер, шеф за технологија во Mercedes-Benz, и Херберт Дис, извршен директор на Volkswagen, кој си заминува од функцијата на 1-ви септември, во Торонто одделно потпишаа писмо на разбирање со Франсоа Филипо Шампањ, канадски министер за новации, наука и индустрија.

Потпишувањето на договорите за соработка во синџирот на создавање вредност во производството на батерии следи откако канадскиот премиер Џастин Трудо и германскиот канцелар Олаф Шолц изјавија дека е неопходна поголема соработка меѓу Канада и Германија. Ситуацијата во светот создава неизвесност во традиционалните синџири за набавка на суровини.

Шолц во заедничката посета на Канада со бројни менаџери на германски компании, изјави дека Канада располага со „речиси неисцрпен потенцијал за да стане суперсила“ во производството на обновливи ресурси.

Министерот Шампањ цени дека „тоа што го посведочивте денес е сосем ново поглавје, дури и за автомобилската индустрија во Канада, бидејќи сега соработуваме со германските производители на автомобили.“ Тој понатаму посочи, дека Канада „не се наоѓаше ниту на нивниот радарски екран, а сега сме во средиштето на нивниот радар и ценам дека тоа ќе води кон стратешко парнерство.“

Mercedes е пред потпишување договор со рудникот за литиум Rock Lake Lithium со седиште во Ванкувер, којшто отвора рудник во Онтарио. Со договорот се предвидува Rock Lake да ги снабдува европските фабрики на Mercedes со 10.000 тони литиум хидроксид годишно, почнувајќи во 2026 година.

Volkswagen, пак, со потпишувањето на писмото на разбирање со канадската влада гледа првенствено поддршка за снабдување со батерии на своите фабрики во Северна Америка. Договорот ќе овозможи остварување поблиска соработка меѓу канадскиот рударски сектор и PowerCo, компанија на Volkswagen што го снабдува германскиот концерн со суровини за батерии.

Воспоставувањето подиректна соработка меѓу Volkswagen и Канада е поврзано и со неодамнешното стапување во сила на одредбата за намалување на инфлацијата во САД. Со одредбата се пропишува, дека само за возилата на автомобилските производители, што набавуваат суровини за батерии, од земји со коишто САД имаат потпишано договор за слободна трговија, ќе може да се добие субвенцијата за електрични автомобили во висина од 7.500 долари.

Mercedes EQS SUV: Славче Таневски создаде електричен дизајн

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fiat, лето, кабриолет, тоа е природно тројство

Polestar О2 се подготува за знаменосец на електричната марка на Volvo