На колку модели на Fiat што се кабриолети можете да се присетите? Многу се. Тоа е една од најсилните спреги на сцената, автомобил од марка Fiat и кабриолет. Секако дека италијанската марка и денес ја нуди оваа каросериска форма, што уште толку ги поттикнува емоциите.
Во раните години на 20-от век, Fiat нуди отворени карсоериски изведби од своите модели и ги именува Torpedo или Spider. До денешниот FIAT 500 C, постои долга низа модели што останале во сеќавање. Само неколку од нив: FIAT Dino, 124 Sport Spider, и секако, Barchetta.
Fiat се вбројува меѓу марките што имаат најмногу искуство во производството на кабриолети. Дури и првиот модел на марката, FIAT 3 ½, нема цврст покрив. Во тие времиња, автомобилите главно немаат покрив. Меѓу 1910 и 1930 година, Fiat нуди верзии Torpedo (4-5 седишта) и Spider (2 седишта) од повеќето од своите модели, од најмалечкиот, до најголемиот модел.
Тогаш сите автомобили беа кабриолети
Традицијата се прекинува во периодот на Втората светска војна. Успехот на кабриолетите во 1950-те години, ги поттикнува менаџерите на Fiat да развијат свој модел. Задачата да го дизајнира автомобилот ја добива Луиџи Рапи. На салонот во Женева во 1955 година, италијанската марка го претставува FIAT 1100 TV Transformabile. Тоа е родстер со привлечна форма што се инспирира од американските автомобили од тоа време. Пазарот не е посебно одушевен од тоа што моторот има само 56 КС, па почнува развој на модел со повисока моќ.
FIAT 1100 TV Transformabile (Фото: https://www.carrozzieri-italiani.com/listing/fiat-1100-tv-trasformabile/ )
Fiat Pininfarina Cabriolet (Фото: https://www.carrozzieri-italiani.com/)
Преговорите со Pininfarina и со производителот на мотори OSCA, којшто е дел од Maserati водат до развојот на FIAT Pininfarina Cabriolet. Моделот се продава меѓу 1956 и 1966 година во верзии на купе и кабриолет, со мотор од 1,2 литар со 80 КС. Потоа во понудата се појавува уште посилен мотор, 1,6-литарец со 90 КС.
Fiat DIno
Моделот што следи потоа е вистинска пресвртница. Во средината на 1960-те години, Ferrari е во потрага по производител на автомобили што ќе го хомологира новиот мотор за Формула 2. Правилникот условуваше моторот да се вградува во автомобил од сериско производство. Во Мирафиори ја пречекаа идејата со одушевување. Со дизајн на Pininfarina, во 1966 година стартуваше FIAT Dino. Спектакуларната верзија Spider се одликуваше со луксузни детали за тоа време, како волан и кокпит обложени со скапо дрво. Со тркачкиот мотор со 180 КС, двоседот постигнуваше брзини до 200 km/h. Моделот остана во производство до 1973 година.
Во исто време, FIAT нудеше и подостапни модели на кабриолети. Таков е FIAT 850 Spider, заводнички двосед со аеродинамична каросерија и дизајн на Bertone, со мотор од 843 cm3 и моќност од 49 КС. Сцената посебно го помни FIAT 124 Sport Spider, којшто се произведуваше меѓу 1961 и 1981 година. Pininfarina го продолжи векот на моделот до 1985 година. Дизајниран од Том Тјарда, создател на бројни спортски модели од крајот на минатиот век, автомобилот имаше и своја рели верзија.
Во 1980-те и 1999-те години, FIAT повеќе се посвети на изведувањето кабриолет варијанти од своите урбани модели. FIAT Ritmo Cabrio, дизајниран од Bertone и прикажан премиерно на салонот во Франкфурт во 1979 година, овој модел се продаваше меѓу 1981 и 1988 година. Посебно се бараа верзиите Chrono и Bianco. Во 1994 година, Bertone го разви FIAT Punto Cabrio, којшто се нудеше со мануелно и со електрично задвижуван покрив. Пазарот покажа голем интерес за оригиналниот модел.
FIAT секако дека не ги заборави пасионираните клиенти и за нив развиваше модели од ковот на FIAT Barchetta (1995-2006), дизајнирана од Андреас Запатинас и Алесандро Каваца. Дизајнот јасно беше инспириран од светот на наутиката, во комбинација со светот на авто-трките. Изработен врз платформа на FIAT Punto, двоседот со 1,7-литарец со 129 КС, забрзуваше до темпо сто за 8,9 секунди. Со рестилизацијата во 2003 година, носот доби посовремен лик. Bertone повторно му оддаде чест на моделот во 2007 година и го претстави концептот Barchetta by Bertone.
Денешната понуда вклучува најразновидни изведби на Fiat 500, вклучувајќи ги секако електричниот 500e, FIAT 500 RED Cabrio и FIAT 500 La Prima by Bocelli Cabrio.