Ако светот на момент помисли дека автомобилите во иднина ќе се обезличуваат и ќе се разликуваат само во знакот, Mercedes EQS SUV е доказ дека дизајнот допрва фаќа чекор со новата ера на електрификација, дигитализација, автономно возење и конективност. Тоа веројатно е премногу општо, автомобилот треба да е дизајниран од Славче Таневски.
Луксузната лимузина EQS и бизнис лимузината EQS, како современици на традициски „тешките“ автомобилски икони S-Class и E-Class, први влегоа во новата ера на електрични автомобили од највисоките сегменти на Mercedes-Benz. Тоа е хронолошки коректно, но Mercedes-Benz денес произведува и уште подобро продава СУВ-модели, па затоа електричен СУВ е тоа што вистински го заокружува зачекорувањето на Штутгарт во електричната ера.
Првиот СУВ од најпрестижниот сегмент на Mercedes-Benz доживеа премиера денес точно на пладне. Mercedes EQS SUV стартува со продажба во втората половина од годинава, како трет електричен модел по EQS и ЕQE, што не се разликува „само“ по погонот, туку и во дизајнот, во пристапот, во обемот на иновацијата. EQS SUV е нов автомобил, во општа смисла, практично е нов пронајдок.
Дизајнот е тоа што предизвикува одушевување, повторно. Славче Таневски заврши уште едно маестрално дело на своето работно место како дизајнер во Mercedes-Benz Cars, во Зинделфинген. Не е претерано ако EQS SUV, којшто патем се води под посебната електрична подмарка Mercedes-EQ, се толкува како AMG SL во форма на електричен СУВ. Двата модели се дизајнирани од македонскиот дизајнер, а наскоро следи и Maybach-варијантата на EQS SUV. Светот го виде овој дизајн уште лани во септември, кога на салонот ИАА во Минхен беше премиерно прикажан Concept Mercedes-Maybach EQS.
За разлика од останатите електрични модели, коишто ја делат платформата со модели со конвенционален погон, престижниот СУВ во рангот на GLS користи наменска платформа што е развиена само за електричен погон. На премиерата беше нагласено повеќепати дека ова е првиот луксузен СУВ што се нуди со седум седишта. Тоа укажува и на просторноста што се очекува во кабината. Таму секако очекува хајпердисплејот од речиси 1,5 метар, заедно со комплетно сменето доживување на луксузот.
Електромоторите се моќни, погонот на сите тркала 4Matic реагира молскавично, има и интелигентна програма OFFROAD за возење по терен. Луксузниот СУВ со батерија во подот е конструирана и за излети надвор од асфалтот.
Меѓуоскиното растојание од 3,21 метри е исто со лимузинскиот EQS, но е за 20 сантиметри повисок од него. Димензиите конкретно се 5.125 / 1.959 / 1.718 милиметри. Благодарение на елетричниот погон, просторноста во кабината е поголема во споредба со СУВ со иста должина, но со обичен погон. Седиштата во вториот ред се поместуваат електрично, како стандардна опрема. Назад собира до 4 корпи со палки за голф. Третиот ред седишта се вградува како опција.
EQS Limousine е светски шампион во аеродинамичност. Мазниот под и маската за ладење, што повеќето време е затворена, беа појдовна основа за аеродинамичноста на EQS SUV
Сите варијанти на EQS SUV располагаат со електрична погонска спрега (eATS) на задната оска, додека изведбите со 4MATIC дополнително поседуваат eATS и на предната оска. Новина кај моделите 4MATIC е функцијата на Torque Shift, којашто постигнува интелигентна, безстепена распределба на вртежниот момент на предната и задната оска. Тоа дополнително се грижи за ефикасност во искористувањето на енергијата во батеријата. Станува збор за синхрони мотори со постојана побуда (PSM). Меѓу нивните предности се високата специфична моќност, високиот степен на ефикасност и постојаноста во испораката на моќност.
Целата галерија од Mercedes EQS SUV може да ја погледнете на нашиот профил на фејсбук
https://www.facebook.com/20531316728/posts/10154009990506729/
Основни технички податоци · Mercedes EQS SUV
EQS 450+ | EQS 450 4MATIC | EQS 580 4MATIC | |
Погон | Назад | На сите тркала | На сите тркала |
Моќност kW | 265 | 265 | 400 |
Вртежен момент Nm | 568 | 800 | 858 |
Сопствен полнач (серија / опција) | kW 11/22 | ||
AC-полнење, трифазна (11/22 kW) h | 5/10 | ||
DC-полнење max. kW 200, min | 31 | ||
DC-полнење: Досег по 15 минути полнење, km | 250 | – | – |
Возило | |||
Должина / Ширина / Висина mm | 5.125/1.959/1.718 | ||
Меѓуоскино растојание mm | 3.210 | ||
Круг на вртење (со управувана задна оска 4,5°/10°) m | 11,9/11,0 | ||
Багажник (5 / 7 седишта) L | 645-2.100/565-2.020 | ||
Потрошувачка и досег | |||
Потрошувачка на струја (WLTP) kWh/100 km | 23,0 – 18,6 | 24,0 – 20,0 | 24,0 – 20,0 |
Досег (WLTP) km | 536 – 660 | 507 – 613 | 507 – 613 |
EQS Limousine беше првата моделска серија на Mercedes-Benz, со можност за активирање на комплетно нови функции во возилото во повеќе подрачја, по пат на Over-the-Air-Updates (OTA). Тие можности се значително збогатени кај EQS SUV. Кај него може, на пример, отпосле да се активира асистент за помош при паркирање приколка или навигацијата да се прошири со MBUX (Mercedes-Benz User Experience) Augmented Reality.
Mercedes-Benz преку EQS SUV прави голем чекор во насока на мобилноста без штетна емисија и се доаѓа чекор поблиску до исполнувањето на планот Амбиција 2039. Моделот се произведува целосно неутрално во поглед на СО2. Тоа значи дека освен што не испушта штетни материи при возењето, при производството на луксузниот СУВ исто така не се користи енергија што предизвикува дополнителна емисија на СО2.
Подвозјето на EQS SUV користи предна оска со четири водилки и задна мултилинк оска. Пневматската амортизација AIRMATIC е стандард, со постојано приспособување на придушувањето ADS+. Возилото може да се подигне неколку сантиметри. Покрај програмите ECO, COMFORT, SPORT и INDIVIDUAL, системот DYNAMIC SELECT во верзиите на EQS SUV со погон 4MATIC дополнително располагаат со програма OFFROAD, за возење надвор од асфалтот. Во стандардната опрема спаѓа и управувана задна оска, со агол до 4,5 степени. Предноста е во тоа што во град се маневрира полесно на помалку простор, додека при возење по кривулест пат се подобрува управливоста. Опција е верзија со агол од 10 степени, што може да се активира и по пат на OTA-Update.
Како и секој модел на Mercedes-Benz, EQS SUV располага со цврста патничка кабина, специјални зони на деформација и најсовремени системи за безбедност. Тоа е прв модел на Mercedes‑Benz, што во европската изведба ќе препознава дали патниците назад немаат ставено ремен. Во тој случај, на возачот ќе му се прикаже соодветен знак. Името и функцијата на системот можеби изгледаат чудно, но новина во Mercedes-Benz е таканаречениот систем за потсетување дека има човек во возилото. Неговата функција е да предупреди ако децата се заборават во возилото. Овие системи веќе се вградуваат во модели за Европа, Австралија и Нов Зеланд.
Мрежата од почначи на Mercedes me Charge е меѓу најголемите во светот, со повеќе од 700.000 обичн и брзи полначи, од коишто околу 300.000 се во Европа. Од 2021 година, Mercedes-Benz компензира преку зелена струја, кога клиентите во Европа полнат преку Mercedes me Charge. Со сертификати се гарантира дека во мрежата се дистрибуира исто толку зелена струја од обновливи извори, колку што ќе се потроши преку Mercedes me Charge.
Навигацијата со „Electric Intelligence“, преку бројни фактори ја планира најбрзата и најкомофорна рута, земајќи ги предвид и паузите за полнење батерија. Системот се приспособува и при застој на патот, како и при промена на динамиката на возење. Во инфо-забавниот систем MBUX се гледа дали енергијата во батеријата е доволна за патувањето до целта да мине без потреба од полнење. Возачот може самостојно да одреди на кој полнач ќе се запре за освежување на батеријата.
Преку системот ENERGIZING AIR CONTROL Plus е посветено посебно внимание на квалитетот на воздухот во EQS SUV. Филтер HEPA (High Efficiency Particulate Air) ги пречистува честичките PM, прашината, поленот и други материи од надворешниот воздух што се вовлекува во системот.
Софтверот на MBUX располага со способност да учи од корисниците и нуди точно скроени предлози за бројни функции на инфо-забавниот систем, за комфорот и за самото возило. На таканаречениот Zero-Layer, на врвното ниво на дисплејот се прикажуваат најважните апликации, според ситуацијата и според контекстот.
Совозачот може да си гледа филм на сопствениот дисплеј, но кога камерата ќе препознае дека возачот ѕирка, автоматски се прекинува филмот
Главниот печат во кабината секако го поставува MBUX Hyperscreen (опција). Големиот и заоблен повеќеделен дисплеј се провлекува од едниот до другиот преден столб. Трите дисплеи се поставени под заедничко стакло и изгледаат како да се еден. Пред совозачот исто така има OLED-дисплеј од 12,3 инчи, со посебно прикажување. Во Европа, совозачот може при возењето да гледа и динамична содржина, односно да гледа филм. Во случај кога камерата на системот ќе препознае дека возачот гледа во дисплејот, прикажувањето на филмот веднаш запира.
Нов квалитет на престојот во EQS SUV внесува и аудиосистемот Dolby Atmos. Тој постигнува најпрецизно просторно позицинирање на одделни инструменти или гласови, соодветно на студиската снимка на песните. На тој начин се овозможува и нова анимација на звукот. Место лев и десен нала, Dolby Atmos создава звучно доживување во 360 степени.