за

Еуроимпекс им направи добро утро на електричните автомобили на Peugeot и Opel

Големиот настан на којшто увозникот Еуроимпекс ги претстави електричните автомобили од марките Peugeot и Opel, неминовно донесе и порака: Електромобилноста никого нé чека.

Десет автомобили од двете марки Peugeot и Opel, од градски автомобил, преку гран-туризмо крстосувач со високи перформанси, до доставно возило, сите со 100% погон на струја или со способност дневната километража да ја минат на струја, денес беа главен автомобилски настан во Македонија. Очигледно дека одамна никој не се двоуми околу електричните автомобили, светот е во трка да се збогува со нафтата. Еуроимпекс ги обезбеди овие десет демо-автомобили, додека државата единствено се интересира да наплаќа повеќе акциза од трошењето нафта. Патем, прекрасни автомобили, прекрасни луѓе и атмосфера, стандард.

Електромобилноста минува речиси незабележано на македонската автомобилска сцена. Повеќе еуфорија, повеќе одушевеност, владееше во времето кога пријателите од Електромобилност одржуваа стручни трибини, на коишто повеќе се зборуваше за електричните автомобили, отколку што се гледаа и се пробуваа електрични автомобили. Во меѓувреме, многу од нештата се сменија. Полначите на ЕВН се поставени веќе десетина години, и таму одамна никој не ја проширува мрежата – затоа што државата уште ги нема дораснато ниту тие четириесетина полначи низ цела Македонија. Реалноста, сурова.

Алудирањето на одговорноста на властите и на политиката, за стагнирањето на темата електромобилност – со нагласок на „тема“, затоа што електромобилноста уште ја немаме во практика во барем минимално сериозен обем – секако дека е во апсолутен контекст на важниот настан на којшто денес посведочи редакцијата на Аутомедиа. Единствената „причина“, зошто нашата божествено прекрасна Македонија, западна и заглави во стадиум на наивна и запустена автомобилска паланка, во време кога електромобилноста функционира ширум светот, па и насекаде во нашето нормално соседство, непосредно и подалечно, лежи во таканаречениот политички естаблишмент.

Никој не се занимава со електромобилноста, а таа се однесува пред сé на ослободување од увозот на нафта и од сите влијанија што се увезуваат заедно со нафтата. Дури потоа, електромобилноста се однесува и на постигнување чиста и одржлива животна средина. Во меѓувреме, светот работи и на производство на електрична енергија од обновливи извори, сонце, ветер, вода, којзнае уште што, се работи и на производство на полначи за електрични автомобили, а бројни компании веќе се вклучени и во изработката на батериски ќелии, монтажа на истите, и нивно составување во батериски модули.

Овие десет автомобили Peugeot и Opel се добро утро за државата, за којашто ни е сосем „разбирливо“ зошто не ѝ останува простор да се занимава со електромобилноста

Во соседна и пријателска Србија, наскоро ќе започне производството на нов модел на Fiat со 100% електричен погон, марка на Stellantis, концернот на Peugeot и Opel. Балканскиот талент на потценување на сé што е понапредно од примитивното, веднаш смисли прекар „струјадин“, за новиот Fiat на струја, алудирајќи на „стојадинот“. Таа смеа заврши брзо, односно веднаш откако стана јасно дека „струјадинот“ е наменет за некои други, повеќе свесни пазари за тоа што значи електромобилноста. Многу работа се отвора со електромобилноста, којашто очигледно не се сведува „само“ на возење на струја.

Електричните погони целосно ќе ги потиснат моторите на внатрешно согорување и во блиска иднина ќе станат главен двигател на транспортните средства. Ние, Еуроимпекс и нашата дилерска мрежа, веќе активно работиме во насока на имплементирање на промените и иднината секако ја дочекуваме подготвени. Работиме во насока на 100%-на експертиза и професионалност и се гордееме со нашата богата понуда на електрични и plug-in хибридни возила

Зоран Серафимовски, Извршен директор на Еуроимпекс

Што се однесува до самиот настан, организиран од домашниот и регионален увозник за Peugeot и Opel, Еуроимпекс, овие десет автомобили што денес го удостоија македонскиот асфалт, секако дека се прекрасни, чисти, техно-болиди, автомобили не само на 21-от век, туку и автомобили на веќе третата деценија на новиот век. Апсолутно е неважно колку киловати ослободуваат нивните електромотори или со колкав капацитет располагаат батериите, туку единственото што е важно: Увозниците на автомобилските марки во Македонија, со своето повеќедецениско искуство во бизнисот, очигледно дека уживаат највисока поддршка од страна на принципалите, односно на самите производители на автомобили. Не е проблем, овие автомобили да се обезбедат за нашиот пазар. Новата Opel Astra, па уште и во изведба PHEV, уште пред да ја доживее својата поширока европска премиера, пристигна во Македонија, да ни покаже до каде браншата и светот напредувале до денес во електромобилноста.

Ова е посебно важен настан, којшто треба да нé поучи и да нé потсети, дека електромобилноста е тесно поврзана со политиката. Секогаш кога во овие времиња ја спомнуваме политиката, неминовен е „епитетот“ – за жал.

Десетте возила до сабота (21-ви мај) ќе бидат изложени во салоните на Opel и Peugeot, каде што заинтересираните возачки и возачи, како и љубители на автомобилизмот, ќе можат да ги погледнат електричните и приклучните хибридни модели и да ги добијат сите информации околу истите.

Македонскиот вебсајт на Peugeot е редизајниран и електричните возила добиваат повпечатливо присуство во содржините https://peugeot.com.mk/

Врска со вебсајтовите на дистрибутерите на Opel:

https://www.opel.mk/ (страница на увозникот Еуроимпекс)

https://opel.automakedonija.com.mk/ (Аутомакедонија, Скопје)

https://opel.autocem.com.mk/ (Ауто ЦЕМ, Тетово)

Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Групацијата Аутомакедонија одбележува 75-годишен јубилеј

Volkswagen почнува со нарачки за електричното комбе ID. Buzz