за

Peugeot организираше тркалезна маса со Линда Џексон и Фил Јорк за македонските новинари

Peugeot ја почна својата електрична година веќе во шестиот ден од 2023, со претставувањето на концептот Inception во Лас Вегас. Овој автомобил отвора бројни теми.

За големите најави за иднината на Peugeot, што со себе ги донесе концептниот автомобил Inception, увозникот Еуроимпекс организираше тркалезна маса со Линда Џексон, извршна директорка на Peugeot и со Фил Јорк, директор за маркетинг и комуникации.

Тоа што денес на водечките автомобилски концерни им е сосем природно да ги прикажат своите новитети на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас, говори многу за промените што се случија во браншата, и што се покажува дека претставуваат само вовед во уште поголемите промени што ќе се случуваат во следните години.

Peugeot гласно го најавуваше својот концептен автомобил Inception, како една од најважните премиери на ЦЕС 2023. Имаше причина за најавите да бидат толку гласни, затоа што концептот Inception го постигнува точно тоа што како мисија му е содржано во името – овој автомобил е нов почеток.

Француската марка поаѓа од мошне висока позиција кон новиот почеток, во правецот што го зацртува Inception. Всушност, тоа се бројни правци што веќе се отпочнати. Peugeot преку iCockpit веќе има традиција, за работната средина за возачот да се менува без задршка и да ги следи промените што се случуваат не само во автообилите, туку и во секојдневието. Peugeot исто така има постигнато впечатлив напредок во електрификацијата. Уште малку недостига за целата гама да располага со електромотор во погонската спрега, вклучувајќи ги секако и лесните товарни возила. Inception прави досегашниот напредок во овие правци да се одвива уште побрзо и со уште покрупни зафати.

Увозникот Еуроимпекс ужива висок статус во Peugeot, уште од времето кога славниот 206 носеше шампионски висок удел во продажбата на автомобилите од марката со лавот на македонскиот пазар. Тоа дава привилегии и за македонските новинари, да присуствуваме на тркалезни маси со највисокиот менаџерски круг на марката. Онлајн-настанот се одржа во присуство на колегите од Србија, каде што Еуроимпекс исто така е надлежен како дистрибутер, како и на колеги од далечниот Сингапур.

По враќањето од Лас Вегас, каде што таа ја водеше светската премиера на концептниот автомобил Peugeot Inception, извршната директорка Линда Џексон нé удостои со можност да разговара со македонските автомобилски новинари, заедно со првиот човек на маркетингот и комуникацијата за марката Peugeot, Фил Јорк.

До врвните менаџери на Peugeot, од Аутомедиа побаравме да ни откријат, кои се промените што се случија во браншата, што придонесоа за радикални концепти и храбри дизајни повторно да се претставуваат на автомобилската сцена, со истиот револуционерски дух како што тоа последен пат беше случај пред дваесетина или повеќе години. Секако дека „радикални концепти“ и „храбри дизајни“ се однесува на концептот Inception, еден од највпечатливите концептни автомобили што се имаат појавено на сцената во последниве години.

Линда Џексон, една од највлијателните менаџерки на автомобилската сцена, посочи дека електричниот погон е тоа што најмногу придонесе за браншата да префрли во следниот степен на пренос: „Кај електричниот погон, сите компоненти на погонот се втопени во платформата. Врз таа платформа ги конструираме автомобилите. Тоа ни дава голема слобода при дизајнирањето и проектирањето.“

Следното подрачје што ги поттикнува најголемите промени е автономното возење. Новите функции што автомобилите ги добиваат преку автономното возење даваат смисла за одредени подрачја да претрпат радикален редизајн. Тоа се однесува, на пример, на воланот во Peugeot Inception, што се преклопува и се вовлекува во арматурната табла, кога ќе се пушти автомобилот да се движи самостојно.

Peugeot Inception нема да го произведуваме како сериски автомобил, тој има улога да ги претстави технологиите што во блиска иднина ќе ги воведуваме во нашите автомобили“, објаснува Линда Џексон. Поголемиот дел од функциите и решенијата од Inception, со текот на времето ќе се воведат во целото семејство од модели на Peugeot.

Првиот човек на маркетингот и комуникацијата на Peugeot, Фил Јорк, кој исто така има клучна улога да го менаџира имиџот на автомобилите на Peugeot во време кога се случуваат големи промени и кога тие промени треба да им се доближат и објаснат на возачките и возачите, објаснува: „Разликата во споредба со времето пред дваесет години е во тоа што тогашните концептни автомобили претставуваа решенија и идеи коишто досегаа далеку во иднината и беа нереални. Тоа што го претставува Peugeot Inception постепено ќе доживува реализација во моделите од сериско производство.“

Концептот на Французите задира во клучната точка преку којашто возачите ја остваруваат врскатаа со својот автомобил, во воланот. Inception користи волан што со електромоторот во управувачката летва е поврзан со кабел, не постои механичка врска: „Извршивме бројни тестирања на Hypersquare меѓу клиентите и добивме јасен позитивен одговор, дека новата револуција на i-Cockpit им се допаѓа.“

Првиот модел што ќе ги внесе новите технологии од Inception Concept ќе се појави на сцената веќе во 2025 година, иако засега не се посочува конкретно за кој модел станува збор. Само претпоставка е дека Hypersquare, новата револуција на i-Cockpit, ќе ја доживее својата премиера во новата генерација на Peugeot 508.

Идејата со „хиперквадратот“ станува сé посимпатична. Суштината е во тоа што место да се притиска по копчиња и прекинувачи што се збиени на краците на воланот, тука се користат кружни изрези во средината на воланот, коишто всушност претставуваат сензорски полиња и реагираат кога се допираат или кога со прст се поминува по кругот. Тоа е сосем нов начин на ракување со функциите на автомобилот и совршено се надополнува со дисплеите, коишто веќе се стандард.

Што се однесува до дизајнот на Inception, на тоа посочивме при онлајн-премиерата на концептот. Во основа, при дизајнирањето на идните модели ќе се нагласува уште повеќе шемата со „трипрстните“ шепи, што кај постоечките модели се забележува најјасно во графиката на задните светла.

Меѓу остатаните посебности на Peugeot Inception Concept спаѓаат:

  • Сите стакла, коишто покриваат површина од вкупно 7,25 метри квадратни, изработени се на начин како за шлемовите на астронаутите на Наса. При изработката се користени оксиди на хром, за да се постигне термичка отпорност и да се одбива топлината. Зависно од аголот под којшто паѓа светлината и нејзиниот интензитет, така се менуваат бојата и тонот на материјалите во кабината.
  • Каросеријата е обложена со само еден слој метални пигменти, заради заштеда на енергија
  • Амблемот на лавот на тркалата е осветлен и ја задржува положбата додека тркалата вртат, а зад нив се забележуваат сопирачките клешти што се обложени со огледално стакло. Тоа е во стилот на Hypersquare.
  • Зад воланот, врз арматурната табла се наоѓа дисплеј во форма на прстен (Halo-Cluster), преку којшто возилото комуницира со возачката или возачот кога таа или тој се приближуваат до Inception.

Peugeot со концептот Inception се истакнува како техно-водач во Stellantis

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Концептот Suzuki eVX вози 550 km на струја, доаѓа во 2025

Тајван масовно на е-скутери, празната батерија на улица ја заменуваат со полна