за

Peugeot со концептот Inception се истакнува како техно-водач во Stellantis

Со самоувереност на марка што успева да ги промени нештата, Peugeot преку концептот Inception ги прикажува насоките во коишто ќе се менуваат идните модели на марката.

Шефицата Линда Џексон умее да ги каже нештата јасно: „Peugeot Inception нема да го пуштаме во производство, тој ги покажува насоките во коишто ќе одиме со голем број од нашите модели.“ Првиот модел што ќе почне да ги користи бројните нови технологии од Inception и што ги менуваат нештата во корен, светот ќе го види за две години.

Францускава марка умее да ги увери возачките и возачите, дека новата технологија што ја воведува во своите модели, им носи корист, а им носи и возачко уживање. Тоа е заклучокот од утринската онлајн-премиера на Peugeot Inception Concept, автомобил што е зачеток на новата ера модели на марката. Кругот на актуелната генерација модели ќе се заокружи со претстојниот старт на Peugeot 408 и со новата генерација на СУВ-компактот Peugeot 3008, чијашто премиера се очекува годинава. Сé што ќе следи потоа, ќе се повикува на нештата што Peugeot сега ги најавува со концептниот автомобил Inception.

Шемата врз којашто се потпираат новите модели на Peugeot е позната: Секој нов модел на француската марка се базира врз Allure – привлечност, Emotion – чувства и Excellence – исклучителност.

Привлечноста на Peugeot Inception Concept доаѓа од револуционерната внатрешност и од новите функционалности што таа ги носи, секако во спој со каросериски дизајн што ги нагласува стилските одлики на еден Peugeot. Тоа е првиот дизајнерски манифест на Матијас Хосан, главниот дизајнер на марката. „Манифест“ значи дека сите идни модели на лавовската марка ќе ги носат овие црти. Менаџерите нагласуваат дека промените ќе ја зафаќаат целата гама, вклучувајќи ги и најмалите модели.

Емоциите доаѓаат од новата генерација на i-Cockpit. Различниот кокпит, со мал волан што е поставен пониско и со широки инструменти што се понапред и поместени повисоко до видното поле, прерасна во едно од обележјата на моделите на марката. Кокпитот во меѓувреме стана 3D i-Cockpit во новиот 308, а Inception Concept сега ја прикажува следната визија.

Главното во идниот i-Cockpit е хиперквадратот, Hypersquare. Тоа е револуционерен контролен систем што се заснова врз замена на класичните копчиња на воланот со прстенести сензорски полиња што се впуштени во средиштето на воланот. Место да се притискаат копчиња, тука со прстот се поминува по внатрешноста на прстенот. Новина што ветува многу, предизвикот е како тоа ќе биде реализирано во сериски модел.

За емоциите ќе се погрижи и новиот панорамски покрив Skycpace. Тоа е продолжение на традицијата што датира уште од првиот Peugeot 308 SW. Тогаш беше главно да се застакли колку може поголема површина од покривот, сега се најавува дека стаклениот покрив ќе може да ја менува бојата и затемнетоста. Нови се и материјалите во кокпитот, коишто и натаму нудат пријатно чувство, но со примена на нова технологија се уште подолготрајни и поиздржливи – меѓу другото и во насока на одржливоста на животната средина.

Исклучителноста“ што ја постигнува Peugeot Inception е во архитектурата. Бидејќи автомобилот е развиен само во електрична изведба, тоа овозможува многу порационално искористување на просторот, што значи просторна кабина и дополнителна функционалност и практичност.

Peugeot е обврзан да ја електрифицира својата понуда. Во 2023 година, 100% од возилата во гамата ќе бидат електрифицирани, а во следните две години ќе пуштиме пет нови 100% електирчни модели. Нашата амбиција е едноставна: Да направиме Peugeot да биде водечка електрична марка во Европа до 2030 година.

Линда Џексон, извршна директорка на Peugeot

Концептот Inception е конструиран врз една од четирите нови платформи за електрични возила што ќе се користат за марките на концернот Stellantis. Првиот модел што ќе користи нова платформа се појавува веќе годинава, но не е посочено дали тоа ќе биде модел на Peugeot или можеби друга марка.

За Inception се користи најголемата платформа STLA Large. Лимузината со врати што се отвораат спротивно е долга пет метри, но ниска е 1,34 метар.

Со платформата доаѓаат и бројни технолошки модули, што се управувани од вештачка интелигенција: STLA Brain, STLA SmartCockpit и STLA Autodrive.

Погонската техника се базира врз 800-волтна архитектура. Батеријата е со капацитет од 100 kWh, што дозволува досег до 800 километри. Тоа е растојание од Париз со Марсеј или од Брисел до Берлин. Намалена е потрошувачката, само 12,5 kWh на сто километри. Батеријата за една минута полни енергија за 30 километри. За пет минути, тоа се 150 километри. Inception располага и со можност за безжично полнење на батеријата на возилото.

По еден електромотор работи напред и назад, со моќност од 500 kW (680 КС). Спринтот до темпо сто трае помалку од 3 секунди. Повеќе детали за спектакуларниот концепт на Peugeot ќе следат наскоро.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На пат до нов триумф на Дакар, Toyota почнува со испорака на RAV4 GR Sport

Mercedes ќе гради мрежа од 10.000 полначи ширум светот