за

Mercedes ќе гради мрежа од 10.000 полначи ширум светот

Mercedes-Benz ќе вложи милијарди евра во изградба на сопствена мрежа од полначи за електрични возила, што ќе биде отворена и за останатите марки.

На саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, Mercedes-Benz најави изградба на мрежа од 10.000 брзи полначи за електрични возила ширум светот. Струјата целосно ќе потекнува од обновливи извори, односно тоа ќе биде 100% зелена струја.

Првите полначи ќе бидат поставени во САД и Канада, а потоа мрежата ќе се шири во Европа, Кина и на останатите големи пазари, до 2030 година.

За разлика од мрежата на Tesla, со повеќе од 40.000 брзи полначи, т.н. суперчарџери, што се резервирани за возилата од марката, полначите што ќе го носат знакот на Mercedes уште од самиот почеток ќе бидат отворени за користење за возилата од останатите марки.

Извршниот директор на Mercedes-Benz, Ола Келениус, плановите за мрежа од полначи ги опишува како „диференцијатор“ за марката. На водечките пазари, Mercedes по 2030 година планира да нуди единствено чисто електрични модели.

Тука се работи за прифаќање“, изјави Келениус за медиумите. „Сакаме на клиентите на Mercedes ширум светот да им понудиме уште една причина да ни се придружат на патот кон електрификацијата.“

Вкупната инвестиција во мрежата од полначи ќе биде во рангот на „мала едноцифрена вредност“ во милијарди евра, изјави Келениус.

Во Северна Америка, Mercedes ќе ги развива локациите за станиците во партнерство со операторот за обновлива енергија и складирање на енергија MN8 Energy. Опремата за станиците ќе ја обезбеди специјалистот ChargePoint.

Mercedes и MN8 Energy во следните шест до седум години ќе вложат околу една милијарда долари во мрежата во Северна Америка.

Веруваме дека тоа е исплатлива инвестиција“, кажува Келениус. „Тоа е нешто што можеш да го монетизираш, откако ќе ја завршиш фазата на инвестирање.“

Мрежата од полначи останува најголем предизвик за прифаќањето на електричните возила. Производителите на возила досега се потпираат главно на комбинирање туѓи мрежи од полначи. Поради тоа, производителите немаат контрола врз квалитетот на услугата.

Келениус цени дека широка инфрастуктура за полнење е неопходна за продажбата на електрични автомобили да продолжи да расте.

Нашите клиенти заслужуваат квалитетно искуство при полнењето, коешто ќе направи поседувањето електрично возило и патувањето на долги растојанија да бидат безгрижни“, изјави менаџерот. „Нема да користиме пристап чекај-па-види, при создавањето на тоа искуство.“

До 2027 година, Mercedes ќе има повеќе од 400 локации и 2.500 полначи во Северна Америка. Мрежата ќе нуди полнење со моќност од 350 киловати и ќе се надградува во чекор со напредувањето на технологијата.

Полначите ќе бидат достапни јавно, меѓутоа клиентите на Mercedes ќе добиваат повластени цени и пристап, преку систем за резервирање.

Меѓу останатите предности е функцијата Plug & Charge, што овозможува полнењето да стартува без потреба да се отчитува кредитна картичка или да се користи мобилна апликација.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Mercedes-Benz (@mercedesbenz)

Меѓу автомобилот и софтверот на полначот ќе постои целосна интеграција“, открива Маркус Шефер, шеф за технологија во Mercedes-Benz. „Сакаме да направиме полнењто да биде исто како полнењето гориво – пријатно искуство.”

Станиците ќе бидат поставени на местата каде што купуваат клиентите на Mercedes, како што се луксузните трговски центри, и во салоните во густо населените подрачја.

Сé е до локацијата, локацијата и локацијата“, кажува Шефер. „Знаеме каде се нашите клиенти; знаеме каде ги продаваме електричните возила.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot со концептот Inception се истакнува како техно-водач во Stellantis

Tesla попушта под конкуренцијата, ново поевтинување во Кина