Американскиот производител на електрични автомобили Tesla мораше повторно да ги спушта цените на големиот пазар во Кина, поради проблемите со продажбата.
Tesla ја намали цената за своите Model 3 и Model Y на кинескиот пазар за десетина проценти. Новите цени и официјално се објавени на вебсајтот на американската компанија. Тоа е веќе второ намалување на цената на автомобилите на Tesla, од есеноска.
Tesla мора да се брани во Кина од сé посилната конкуренција од автомобилите од домашните производители, главно од BYD, Xpeng и Nio. Кон крајот на минатата година и Mercedes-Benz ги намали цените за својот луксузен крстосувач EQS, којшто е електричен пандан на S-Class, како и за моделот EQE, пандан на E-Class. Во Јапонија исто така поевтинеа автомобилите на Tesla.
Вредноста на акциите на Tesla неодамна забележа голем пад, поради тоа што продажбата на светскиот пазар беше послаба од очекувањата. Во минатата година, акциите изгубија две третини од својата вредност. Меѓу причините се наведува и тоа што шефот Илон Маск продаде свои акции во компанијата во вредност од десетици милијарди долари и ја купи друштвената мрежа Twitter.
Со 350 милијарди долари, Tesla и натаму вреди значително повеќе отколку што се проценува вредноста на Volkswagen (77 милијарди долари), на BMW (61 млрд. долари) и на Mercedes-Benz (75 млрд. долари) заедно.
Аналитичарите ценат дека заострената конкуренција ќе доведе до намалување на побарувачката за моделите на Tesla, како и до помало оптоварување на фабриките на американската марка, што значи дека истите ќе работат со помала ефикасност.
Најголем пазар за електричните автомобили на Tesla и натаму е Кина, потоа следат САД. Фабриката во близина на Берлин, од каде што треба да се покрива европскиот пазар, уште ја нема достигнато планираната продукција. Изведбата на Tesla Model 3 со заден погон, на кинескиот пазар моментно чини 229.900 јуани, односно околу 31.500 евра, додека верзијата Model 3 Performance чини 329.900 јуани или 42.250 евра.