Французите во 2023 година ќе започнат со продажба на чисто електрична изведба на новиот Peugeot 308. Тоа ќе биде четвртата погонска опција во гамата на моделот, покрај изведбите со бензински, дизел и приклучен хибриден погон.
Основата на електричната погонска спрега на Peugeot e-308 во најголемиот дел е веќе позната од моделите Peugeot e-208 и e-2008. Соодветно за поголемиот модел и за поголемата класа на возила, електричниот погон ќе има неколку измени за компактот 308. Комби-изведбата 308 SW исто така ќе биде достапна со електричен погон, тоа ќе биде премиера на електричниот погон во традициски важната каросериска изведба за марката Peugeot.
Место електромотор со 100 kW (136 КС), во Peugeot e-308 ќе работи електромотор со 115 kW, односно 156 КС. Расте и максималниот вртежен момент за десет њутнметри, на 270 њутнметри. Погонот е напред.
Енергијата за погонот доаѓа од батерија со капацитет од 54 kWh, наспроти батериајта од 50 kWh кај помалите модели e-208/2008. Зафатнината на батеријата веројатно ќе остане непроменета, затоа што зголемениот капацитет кај e-308 се постигнува со нова NMC-хемија за батериските ќелии. Со примена на топлинска пумпа за греење на кабината, со аеродинамични зафати (затворена маска) и други зафати за подобрување на ефикасноста, електричниот Peugeot 308 се очекува да постигне досег од околу 400 километри.
Сцена од нашето тест-возење со електричен Peugeot e-208 до Градешница, Мариово
Максималната моќност за полнење на 400-волтниот систем изнесува 100 kW. Тоа значи дека батеријата ќе може да се наполни од 10 до 80% за околу 30 минути. При користење домашен полнач, постапката ќе трае околу пет часови.
Надворешно нема да постојат повпечатливи разлики меѓу Peugeot e-308 и изведбите со приклучен хибриден погон. По пример на e-208 и e-2008, електричниот погон не го смалува багажникот. Во поглед на тежината, електричниот 308 ќе тежи слично како моделите со приклучен хибриден погон, што значи околу 1,6 тон.
Со техниката од Peugeot e-308 подоцна ќе се појават и електричните изведби на Opel Astra и DS4, што се базирани врз платформата EMP2.