за

Peugeot 308 за лавовски почеток на годината

Првата голема моделска премиера во 2022 година е во салонот на Еуроимпекс. Новиот Peugeot 308 верно го претставува времето во коешто се произведува.

Кај автомобилите е мерливо речиси сé, освен дизајнот, а токму тој решава најмногу дали некој автомобил ќе ни се допадне или не. Изгледот на Peugeot 308 побудува љубопитност, за новиот француски автомобил да се открива дел по дел. Ова е многу „двеилјадидваесетидвојски“ автомобил.

За новиот Peugeot 308 беа познати многу работи уште пред автомобилот да згазне на македонска почва. Французите го претставуваат како „новото лице на Peugeot“, повикувајќи се на новиот дизајн. Тој прв го прикажува и новото лого на марката, што ефектно е поставено и на крилата. Peugeot 308 од трето колено има сменети пропорции на каросеријата во споредба со претходникот. Ветробранот е поставен поназад, за да се постигне поголема должина на хаубата. Во исто време, кабината изгледа масивно, моќно и цврсто, како средина во којашто човек се чувствува безбедно.

Појавувањето на Peugeot 308 во салон веројатно требаше да биде само рутински зафат на замена на моделот од претходната генерација со нов модел. Меѓутоа, овој автомобил доаѓа со порака. Новата „тројка“ е одличен доказ, колку автомобилите од новата генерација се сменети. Во секое подрачје се забележува голем напредок. Технички извежбано око ќе забележи дека многу од сложените форми, преоди, преклопи, рабови и каросериски детали од векаков вид, изводливи се само со примена на најнова и напредна технологија. Секако дека таа деталност и овозможувањето „сонот“ на дизајнерите да се пренесе верно во метал, во голема мерка придонесува за Peugeot 308 да има препознатлива појава.

Длабочината на бојата потсеќа на скапите каросерии на британските благороднички гран-туризмо модели. Ова не се бои што се нарачани „рандом“ од стандардниот каталог на некој хемиски гигант, туку се точно нагодувани нијанси и тонови, што стилистите на француската автокуќа ги избирале со исто толкава посветеност како што дама избира нова боја за коса.

Лекари можат да си ги вежбаат знаењата од анатомија во каросериската форма на Peugeot 308

Крилата се заоблени и мускулести, имитирајќи став на голема мачка што се движи грациозно во својот предаторски ресор. Буквално секој детаљ е осмислен да пренесува посебна, но пак заедничка порака. Peugeot 308 изгледа претставително и отмено, некои германски премиум лимузини би го изгубиле сјајот покрај мачкава. А, ова е „само“ компакт класа.

Добрата вест, поточно една од бројните добри вести што ги носи Peugeot 308, тоа е уверувањето дека свежата дизајнерска серија започната со концептот Exalt, што потоа се преточи во актуелниот 508, па во 208 и 2008, во фејслифтот на 3008 и 5008, преоѓа во уште поимпресивна и поемотивна дизајнерска серија со опивачка свежина. Кусо, Peugeot 308 Anno 2022 изгледа фантастично. Наскоро очекуваме француската мачка да ни пристигне на дружење во Аутомедиа, за повеќе да ѝ се посветиме.

Сменетите пропорции направија Peugeot 308 да изгледа како тјуниран автомобил со спуштена каросерија – иако висината реално е сосем нормална

Новиот компакт е малку подолг и поширок, но и понизок во споредба со 308 II, со продолжено меѓуоскино растојание. Просторот одамна не е проблем во моделите на Peugeot од оваа класа, особено не по „балонскиот“ 307. Багажникот е со правилна форма, лесно пристапен и искористлив, сé е во ред со пропорциите на овој автомобил.

Посебно поглавје е кокпитот. Едноставните и прегледни форми се комбинирани со богати и нови функции. Дигитализацијата е присутна осетно, како што опишавме во воведот, ова е многу „двеилјадидваесетидвојски“ автомобил. Дисплејот реагира молскавично, Peugeot 308 доаѓа со усовршена верзија на i-Cockpit и со i-Toggles, кои внесуваат нова функционалност, со цел да се поедностави ракувањето.

Секој детал како да кажува, „јас сум француски автомобил“

Деталите и тука не се пропуштаат. Бојата што ја зрачат светлечките ленти за амбиенталното осветлување, повеќе личи како да доаѓа од природен извор. Секако дека тоа е целта што требало да се постигне со осветлувањето. Човек во овој автомобил се чувствува како да е воден во потсвеста од креаторите на француската марка – поверно, од креаторките.

Во поглед на погонот, може да се избира меѓу 1,2-литарец со 110 или 130 КС, со тоа што посилниот бензинец може да е комбинира со 8-степен автоматик. Единствен дизел во понуда е 1,5-литарец со 130 КС, што исто може да се нарача во комбинација со осумстепен автоматски менувач.

За помоќните степени на моторизација се грижат двете изведби со приклучен хибриден погон, едната со системски 180 КС, другата со 225 КС, секогаш во спој со 8-степен автоматик. В година следи и изведба со чисто електричен погон, да им се придружи на e-208 и e-2008.

Францускиот производител во новиот пазарен настап нема да ги комуницира цените директно во рекламите, туку повеќе ќе насочува кон онлајн-конфигураторот и кон директен контакт со продажните салони

Системите за асистенција, комфорот што е неизоставен од француските автомобили, ефикасноста, конективноста, онлајн-услугите, сето тоа напредува во голема мерка кај најновата „осумка“ на Peugeot. Наскоро ќе објавиме подетално за новиот модел.

>>> Почнаа наградите за Peugeot 308: Првата награда доаѓа од Германија

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Најновиот спортски автомобил на Toyota е пикап

Дона Самер пее за новиот Lexus NX: „I Feel Love“