Најновиот спортски автомобил на Toyota е пикап

Додавањето на изведбата GR Sport во гамата на Toyota Hilux сигурно не е со цел да се потпомогне продажбата на шампионскиот пикап или да му се даде поголема тежина на имиџот. Hilux веќе е големец во својот дел од пазарот. Причината за појавувањето на GR Sport може во почетокот на секоја година да се дознае во тв-дневниците. HIlux е машината на Toyota за Рели Дакар.

Сега се вкупно седум на број: Supra, Yaris и GR 86 се членовите на триото Toyota GR, составено од модели што директно произлегуваат од мотоспортот, додека изведбите на Corolla, Corolla Touring Sports и C-HR, со кратенката за Gazoo Racing во моделската ознака, дел се од семејството GR Sport, коешто се состои од модели од големоволуменскиот сегмент, со спортски нагласок. Во ова семејство, сега пристига Hilux GR Sport.

Ако GR Yaris доаѓа од светското рели, GR Supra од најжестоките борби на тркачките патеки, Hilux GR Sport е тој што доаѓа од најтешкиот испит за секој автомобил во мотоспортот, од Рели Дакар. Совршено е јасно зошто јапонскиот примус го додаде Hilux во својата понуда од спортски модели.

Hilux GR Sport е наменет за возачите што имаат посебен животен стил и потребно им е возило за авантуристички излети или спортски активности. Техничарите на Toyota зафатија во подвозјето на Hilux, со цел да се постигне уште подобра контрола, подиректна реакција и верно пренесување на контактот со подлогата до возачот.

Маската на Hilux GR Sport изгледа слично како во 4-та генерација на пикапот, во 1980-те години

https://photos.app.goo.gl/SPq5ruWgfPrxhhD36

GR Sport се приклучува во гамата на пикапот по темелната преработка што се случи пред малку повеќе од една година. Со моделското освежување, легендарниот пикап со имиџ на „возило што оди секаде“, доби автоматска блокада на задниот диференцијал и активна контрола на тракцијата. Имаше и неколку зафати во подвозјето, во насока на подобрување на возната динамика, како и на возниот и акустичниот комфор.

Најповикан да даде оцени за Hilux GR Sport е трикратниот победник на Дакар, Насер Ал Атија: „Toyota Hilux има легендарна репутација за цврстината и издржливоста. Тоа се однесува и на нашиот тркачки автомобил, но и на сериските модели, вклучувајќи го GR Sport. Новиот модел што е инспириран од иконските тркачки автомобили на Дакар, донесува нови нивоа на возачко искуство, и на пат и надвор од патот. Тој вистински го отелотворува духот на нашите тркачки автомобили, донесувајќи им дел од Дакар на купувачите ширум светот.“

„Спортскиот“ пикап ги користи освежувањата што беа извршени во гамата во летото ’20

https://photos.app.goo.gl/ZZTrqiCUHv5CSirJ9

Клучна ставка во преработеното подвозје на GR Sport се едноцевните амортизери и новите пружини напред. Со едноцевните амортизери се постигнува подобро придушување на ударите и побрза реакција, вклучувајќи и возење во екстремни услови.

Пружините се скрутени и лакирани се црвено, заедно со амортизерите, како обележје на GR Sport. Секако дека и комфорот не останува кусо: Инженерите ветуваат подобрен комфор, побрза реакција на вибрации со висока фреквенција и подобра контрола на движењата на каросеријата.

https://photos.app.goo.gl/nm1sF1NQTiqAySFt9

Моторот е 2,8-литарскиот дизел што беше воведен во гамата во 2020 година. Моќноста е 204 КС, вртежниот момент достигнува 500 Nm, менувачот е автоматски со шест степени. Toyota Hilux GR Sport се нуди само во изведба со двојна кабина. „Камионските“ перформанси остануваат непроменети: Еден тон носивост и влечење приколка до 3,5 тони.

Спортскиот пикап на Toyota се препознава лесно, почнувајќи од црната маска со крупен растер и со дебела средишна лајсна, на којашто пишува Toyota со најголеми можни букви. На лајсната добро се забележува логото GR. Овие детали се водат според 4-та генерација на Hilux, од 1980-те години. Спортски нагласок има и околу магленките. Тркалата од 17 инчи се двобојни, гумите одговараат за сите терени. Бројни детали се лакирани црно: Капите на ретровизорите, страничните нагазници, заштитните облоги на арките во крилата и рачката на вратата на товарниот простор.

Седиштата се спортски, во комбинација од црна кожа и синтетски велур, со црвен штеп. Логото GR Sport е присутно на седиштата, патосниците, копчето за старт, па и во дисплејот во кокпитот. Внатрешноста е дополнително облагородена со додатоци со изглед на карбон.

Новата Toyota Hilux GR Sport ќе се појави во салоните во лето.

https://photos.app.goo.gl/5Hc2fi4cTDpVjx5g7

https://photos.app.goo.gl/2tscSWt4wC74YhwH7

https://photos.app.goo.gl/vyWZsfHnJoJ8GERu9

Целата моделска понуда на Toyota на македонскиот пазар, со технички податоци, опрема и цени за секој модел, можете да ја погледнете во нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/

Претходна објаваPeugeot најпродавана марка во Португалија лани
Следна објаваPeugeot 308 за лавовски почеток на годината

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here