Уште една награда за Peugeot годинава, сега е редот на e-2008 и за неговата титула на најдобар кросовер во изборот за електрични автомобили на прочуениот британски Топ Гир.
Peugeot e-2008 стартуваше со продажба лани, како дел од стратегијата на Peugeot за сите модели во неговата понуда до 2025 година да добијат електромотор во погонската спрега, било да станува збор за хибрид или за чисто електрични модели.
Погонската спрега на кросоверот покрај Peugeot 208 е позната, со електромотор со 100 kW (136 КС), батерија од 50 kWh и реален досег до 330 километри. При користење полнач со 100 kW, батеријата се полни до 80% за околу половина час.
Жирито на Топ Гир го прогласи Peugeot e-2008 за најдобар кросовер раководејќи се според перформансите, моќниот и футуристички изглед, како и според пристојниот досег. Џек Рикс, уредник на магазинот: „Доколку се најдете на пазарот за компактни електрични кросовери, ќе увидете дека имате богат избор што се зголемува секој ден. Нашата препорака е Peugeot e-2008… постои искра во дизајнот, внатре и надвор, досегот и перформансите се над очекувањата, а се стекнува и футуристички впечаток, без невкусот во вториот дел на Назад во Иднината.“
Британскиот магазин го воведе изборот за електрични автомобили лани, во којшто се наградуваат возила од сите класи и сегменти, почнувајќи од СУВ и градски автомобили, до хиперавтомобили.
Меѓу посебностите на e-2008 секако се вбројува 3D i-Cockpit, со информации што во дигиталните инструменти се прикажуваат како да лебдат во просторот, со поважните информации напред, а споредните информации во сенка, назад. Смалениот волан што е зарамнет горе и долу се подразбира во француската марка. Средишниот дисплеј во топ-изведбата е со пречник од 10 инчи.
Електричниот кросовер веќе неколку месеци е дел од стандардната понуда на Еуроимпекс. Peugeot e-2008 на македонскиот пазар чини 38.200 евра во изведбата со основното ниво на опрема Active, додека во врвната изведба GT Pack, цената е 43.180 евра. Субвенции за електрични автомобили не постојат на македонскиот пазар, меѓутоа тие се целосно ослободени од данокот за возило, кој во ценовниот сегмент на e-2008 изнесува неколку илјади евра.