Многу бои во внатрешноста на новата Škoda Fabia

Четвртата генерација на Škoda Fabia го продолжува започнатото со Octavia во поглед на кокпитот. Чесите ветуваат подобро просторно чувство, свежи бои и технологии од поголемите модели.

Škoda открива нови детали за новата Fabia и со цртежот на внатрешноста најавува што може да се очекува кај новиот модел. Во кабината на популарниот градски автомобил – и најважно, наследник на нам во Македонија одлично познатите бестселери Favorit и Felicia – се најавува уште повеќе простор и подобро чувство за просторност, заедно со свежи бои. Премиерата е планирана за почетокот на мај.

Четвртата генерација на Fabia првпат ја користи платформата MQB-A0 на концернот Volkswagen. Тоа прави возилото да биде подолго и пошироко од претходниците. Кокпитот е изведен симетрично, со средишно поставен дисплеј што стои слободно на арматурната табла. Со украсна лајсна во ефектна боја се нагласува ширината на кабината.

Од Octavia е познато дека карактерната линија под дисплејот верно ја следи линијата на маската на Škoda. Нагласок во внатрешноста ставаат и тркалезните отвори за воздух лево и десно, исто како и украсите во средишната конзола и хромираните рачки за отворање на вратите со нов дизајн. Слично како кај новиот Mercedes C-Class, повеќе нема вертикален дел од потпирачот за рака во вратата, што продолжува нагоре и непотребно го стеснува просторот.

На цртежот се забележува и голем дисплеј на местото на класичните инструменти, со неколку можности за возачот да го избере приказот во нив, познато од поголемите модели на Škoda.

>>> Škoda Fabia во дизајнерски скици пред премиерата

Претходна објаваPeugeot e-2008 најдобар кросовер на струја според Топ Гир
Следна објаваGolf прв во март, Peugeot 208 прв од јануари до март

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here