Светот на автомобилите во Европа повторно е во нормала со враќањето на Golf на првото место во март, но има и еден модел што ја пречекорува „нормалата“: Годинава не постои модел во Европа што се продава повеќе од Peugeot 208.
Трката за првото место во продажбата на нови автомобили на европскиот пазар е повозбудлива и од некои трки за големата награда во формула 1. Во ЕУ, ЕФТА (Норвешка, Швајцарија и др.) и во Велика Британија, во март биле продадени вкупно 1.387.924 автомобили или за 62,7% повеќе во споредба со првиот ковид-март. Позитива има и во резултатите за кварталната продажба. Меѓу јануари и март биле продадени 3.080.751 автомобили, или за 0,9 проценти повеќе од првото тромесечје лани. Реална претстава за тоа каде моментно се наоѓа пазарот, дава споредбата со март пред две години. Тогаш биле продадени за 21,6% повеќе возила отколку во март годинава. Ова е најслаб март од 2013 година наваму и најслаб прв квартал по 1986 година.
Од петте најголеми пазари во Европа, најспектакуларен раст имаат Италија (+495,7%), Франција (+191,7%) и Шпанија (+128%), додека Германија е поскромна со +35.9%, исто и Велика Британија со +11.5%. Од останатите земји се издвојуваат Австрија (+177,1%), Словенија (+157,6%) и Грција (+140%). Во квартални рамки, некои пазари веќе се во плус, но некои остануваат во минус (Шпанија -14.9%, Велика Британија -12% и Германија -6.4%).
Меѓу групациите, Stellantis (Peugeot, Opel, Fiat & Co) се издвојува со растот од 140,9%, меѓутоа овој фантастичен напредок се должи главно на фактот што главните пазари на марките од концернот, Франција и Италија, лани замреа речиси целосно во март. Првото место меѓу концерните и натаму му припаѓа на Volkswagen, со +45.9% во споредба со лани. Трети се Renault-Nissan-Mitsubishi со +54.4%, а смена има на четвртата позиција, каде што се појавува BMW Group (+42,6%) на местото на Hyundai-Kia (+46,8%).
Концернот на Mercedes, Daimler AG (+58%) повторно ја престигна Toyota Group (+55,3%), дури по нив следи Ford (+59,2%). Европската десетка ја заокружуваат Volvo (+66,0%) и Jaguar Land Rover (+25,8%).
Во конкуренција на марки, трката ја предводи Volkswagen (+49%), додека Peugeot се приближува брзо, со раст од +142,2 проценти. Исто е големо изненадување и третото место на Mercedes, а секако дека и BMW не заостанува премногу, па го заокружува ова фино друштво со раст од 46,2% и четврто место на најпродавани марки во Европа. Toyota попушти две места и сега е петта (+58%), пред Renault (+72,1%). До десеттото место следат Audi, Ford (+59,2%), Skoda (+40,7%) и Opel (+89,7%).
Во највозбудливата трка за фановите, и прилично важна за производителите, во конкуренција на модели, во март победи VW Golf (+10,6%), на кого што ова му е првпат да биде најпродаван модел годинава. На второто место е Peugeot 208, со само 836 возила помалку во март. Но, големиот триумф на најмладиот член на лозата на „20X“, покрај бестселерите 205 и 206, се покажува кога ќе се соберат продажбите за првите три месеци. Во тој случај, Peugeot 208 има вкупно 61.114 возила и со тоа е пред Golf 8, кој кварталот го завршил со 57.677 продадени примероци.
Голем е успехот и на Tesla Model 3 (+53,2%), како четврти најпродаван модел во март – иако лани во март тој се најде дури на второто место во европската продажба. Opel Corsa, Peugeot 2008 (+269,9%), VW T-Roc (+94,2%) и Toyota Yaris (+87,3%), сите имале одличен месец.
>>> Фолксвагенова симфонија број 8 во MQB-мајор
















