На патеката во Портимао, на југот на Португалија, денес доживеа премиера новиот тркачки хиперавтомобил на Peugeot, којшто ќе се натпреварува во светското првенство во издржливост. Дебито е на 10-ти јули, на 4-та трка од годинешното првенство, што се вози на Монца, во Италија.
На преносот во живо од претставувањето на Peugeot 9X8 беше видлива возбудата на сите единки вклучени во новата ера на мотоспортот на француската марка, како од шефицата Линда Џексон, така и од инженерите кои со нетрпение очекуваат нивното дело да се покаже против конкуренцијата. Секако дека и во мотоспортот, кога станува збор за Peugeot, има богата и вредна историја. Во случајов, тоа се 905 и 908, победници на Леман. Сега е ред на Peugeot 9X8.
Станува збор за револуционерна конструкција, затоа што тркачката „осумка“ нема џиновски заден спојлер. Поточно, нема каков било спојлер назад. По близу 60 години, Peugeot воведува револуција и прави задниот спојлер да биде непотребен.
Топ категоријата ЛМП1 сега е историја, затоа што конструирањето на тркачките прототипи за Леман и компанија одамна стана потфат, што веројатно е споредлив со лансирање вселенска ракета, како во поглед на експертизата, така и во поглед на трошоците. Хиперавтомобилите, каков што е 9X8, чинат помалку од ЛМП1, но далеку од тоа дека се секојдневни.
Силуетата потсеќа на мачка, а не отсуствува ниту дизајнерскиот потпис со „трите канџи“ во светлата. Тоа го посочи и највлијателната и најуспешна дама во автомобилската бранша, Линда Џексон, којашто цени дека 9X8 ги застапува истите три начела, како сериските модели на Peugeot: Привлечност (преку дизајнот), емоциите (шефицата вели дека не постои нешто поемотивно од мотоспортот) и врвните достигнувања (што е основа на секоја трка).
Loading complete, ready to fight. #Peugeot9X8 @peugeotsport @FIAWEC @24hoursoflemans @TotalEnergiesRC @Capgemini @Michelin_Sport @SparcoOfficial @JackandJonesTM @modex_tech @MarelliTech pic.twitter.com/w3FGwR2A6D
— Peugeot (@Peugeot) May 20, 2022
Жан Марк Фино, главниот инженер на 9X8, ги откри техничките поединости: Хиперавтомобилот има погон на сите тркала. За задните тркала е задолжен 2,6-литарски битурбо V6 со 520 kW, додека напред работи електромотор со високи перформанси, со 200 kW (272 КС). Хибридната погонска спрега ја дополнува 900-волтна батерија , развиена заеднички со TotalEnergies/Saft.
Loading complete, ready to fight. #Peugeot9X8 | #PioneeringPerformanceAgain | @FIAWEC | @TotalEnergiesRC | @Capgemini pic.twitter.com/wX1fzYvvUn
— Peugeot Sport (@peugeotsport) May 20, 2022
PEUGEOT 9X8 е долг 4.995 mm, широк е точно два метри и висок е 1.145 mm. Подготвен за трка, болидот тежи 1.030 kg, заедно со 90 литри гориво од TotalEnergies, коешто е од 100% обновливи извори и се води како Excellium Racing 100.