за

Една многу „нефер“ споредба: Peugeot 308 против Ferrari 308

Марката со лавот секако дека не планира да ги одмерува силите со марката со коњот. Ова е убав пример, колку автомобилите напредуваа во изминативе близу 50 години. Peugeot 308 во споредба со Ferrari 308.

Ferrari 308, култен спортски автомобил од 1970-те и 1980-те години, и Peugeot 308, повеќекратно наградуван семеен автомобил со година на производство 2022. Што може да има заедничко меѓу овие два автомобили? Ги споредивме двата модели што ги соединува единствено ознаката. Неверојатно е колку перформансите им се блиски.

Таа каросериска форма уште заведува исто толку моќно како пред близу половина век. Тоа е пининфарина-ефектот, што не бледнее. Намерата на Енцо Ферари со овој автомобил беше да се создаде модел на Ferrari со средишен мотор, по принцип на тркачките автомобили, што ќе биде возлив по нормални патишта. Ferrari 308 беше воведен во понудата на Маранело по моделската серија Dino, што Ил Коментаторе ја имаше замислено како подостапна подмарка на матичната марка со коњот. Моделите со 12-цилиндарски мотор си ја задржаа ексклузивноста, 308 и Dino немаа цел да задираат во основното деловно подрачје на Ferrari.

Наспроти тоа, Peugeot 308 е автомобил што сосем јасно го покажува својот актуелен датум на производство. Во бројни подрачја од каросеријата, дизајнот на француската 308-ка сепак се повикува на изгледот на моделите на марката во 1960-те и 1970-те години: Легендите Peugeot 404 и Peugeot 504 се појавуваат во формите на згодната комбилимузина, исто како и од самиот Peugeot 304. Тој мал, но ефектен ретро елемент во изгледот, совршено се надоврзува на технолошката авангарда на новата 308-ка. Секако дека не смее да се превиди дека околу најновиот модел во француската серија 300 владее еуфорија каква што долго време се нема случено во релативно класичниот сегмент на универзални семејни комбилимузини.

Peugeot 308 воопшто не изгледа кротко покрај Ferrari 308. Двата автомобили се под знак на животни што претставуваат моќ, благородност, брзина

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Колку што Ferrari 308 одушевува со ексклузивноста, со бескомпромисниот концепт на средишен мотор – со важна забелешка, мотор V8 од Маранело – со четирите двогрли карбуратори Weber 40DCNF, толку денешниот Peugeot 308 одушевува со напредната технологија што е достапна во автомобил наменет за секој ден, за возење до работа, но и за долго крстосувања во убаво друштво. Францускиот компакт располага со сензорика што му овозможува да ја одржува брзината, да сопира, повторно да забрзува, да коригира правец, да чита знаци. Во Peugeot 308 практично има уште еден возач покрај возачот – не совозач, туку токму возач.

Има и дополнително објаснување за темпераментниот карактер на Peugeot во возење: Трагата на предната и задната оска е поширока за 10 сантиметри, додека тркалата се поголеми за 4 инчи

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Главниот носител на имиџот во гамата на Peugeot 308 се двете изведби со приклучен хибриден погон, значи со батерија што може да се полни или дома или на јавен полнач. За оваа „нефер“ споредба со италијанската 308-ка ја избравме посилната изведба Hybrid 225. Бројката укажува на системската моќност, 225 КС што во исто време можат максимално да го постигнат моторот и електромоторот, наспроти 255 КС што италијанскиот V8 ги постигнува на класичниот начин, со високи вртежи. Покрај денешните турбо-машини, кај коишто и 5.000 вртежи се сосем „бесмислени“ да се користат во возењето, 7.700-те вртежи на Ferrari и тоа како имаат смисла.

Во споредбата е избран Ferrari 308 од првите две години на производство. Тоа значи дека каросеријата е изработена од фиберглас, што овозможува сензационална тежина од само 1.090 килограми. Подоцна, каросеријата беше заменета со челична ламарина, првенствено заради изведувањето на варијантата GTS, значи на „спајдерот“. Тогаш тежината се зголеми за 150 килограми.

Наспроти чистиот кокпит во италијанскиот болид, Peugeot е како развојна лабораторија за напредна вселенска технологија

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Разликата во моторот секако дека е најдрастична. Три литри, 8 цилиндри и отсуство на турбонатполнење, за 255 КС, наспроти 1,6-литар, 4 цилиндри, и секако турбонатполнење, за 180 КС – на тоа следат уште 110 КС на електомоторот. Различниот пристап се огледува и во основниот принцип на моторот: Додека Ferrari е типичен краткооден мотор, моторот во Peugeot е долгоодна машина. Тоа е принцип на високи вртежи и лесно качување на вртежите, наспроти еластичност и „пумпање“ њутнметри уште од најраното подрачје на вртежи.

Во поглед на возните својства, денешните компакти не само што се дораснати, туку и супериорни се во споредба со спортските модели од 1970-те, за чиешто возење беше неопходна умешност, а уште повеќе разум. Мала споредба покажува колкава е разликата уште на хартија: Додека ширината на трагата на Ferrari 308 изнесува по 1,46 метар, меѓу средината на гумите кај Peugeot 308 има десет сантиметри повеќе ширина. Импресивна е разликата во форматот: Гуми 205/70 кај италијанскиот болид, гуми 225/40 кај француската убавица, пречник на тркала 14 инчи и ширина 6,5 инчи кај едниот, пречник 18 инчи и ширина 8 инчи кај другиот.

Мотор, електромотор, батерија, полнење, системи за асистенција, вештачка интелигенција – сé има во Peugeot 308

New item by Automedia MK / Google Photos

Потрошувачката не е фактор кај Ferrari, па и официјален податок за вредноста на потрошувачката е речиси невозможно да се најде денес. Ориентациски, со претворање од тогашните норми, може да се смета на вредност од 16 литри на сто километри. Peugeot 308 сепак е хибридна машина. Доколку се појде со полна батерија и се искористи целиот можен досег од 70 километри возење на струја, за преостанатите 30 километри ќе се потроши само 1,2 литар гориво. Малку за чистотата на издувот: Ferrari 308 GTB нема катализатор, апсолутно никакво пречистување во издувниот систем, Peugeot наспроти тоа има дури и систем за пречистување на честичките чад, па затоа и неговата норма гласи соодветно Euro 6d-ISC-FCM (WLTP) 36AP-AR.

Од возењето по сега веќе фамозната „лавовска осумка“, стекнавме впечаток дека масивната технологија не го пречистува Peugeot 308 од уживање во возење. Уште има многу уживање во денешниве автомобили, барем во Peugeot е така. Затоа и оваа споредба не мора да значи дека е толку бесмислена. Со сета почит кон Ferrari, нормално.

Споредба меѓу две 308-ки: Peugeot против Ferrari

Ferrari 308 GTB (1975) Peugeot 308 Hybrid 225 (2022)
Мотор V8, 90𝆩 R4
Код на мотор F106 A021 5G06
Вид на гориво Бензин Бензин
Подготовка на смеша 4 карбуратори Weber 40 DCNF со две грла Директно впрскување под висок притисок
Натполнење Нема Турбо
Подмачкување Сув картер Обичен картер
Работна зафатнина 2925 ccm 1598 ccm
Пречник х óд 81,00 x 71,00 mm 77,00 x 85,8 mm
Брегасти вратила 2 х 2, dohc, запчест ремен 2, dohc, запчест ремен
Вентили 2 по цилиндар 4 по цилиндар
Компресија 8,8:1 10,5:1
Моќност на мотор 255 КС @ 7700/min 180 КС @ 6000/min
Моќност на електромотор 110 КС
Вртежен момент на мотор 283 Nm @ 5000/min 250 Nm @ 1750/min
Вртежен момент на електромотор 320 Nm
Системска моќност 225 КС
Системски вртежен момент 360 Nm
Погон Назад Напред
Менувач 5 степени, мануелен 8 степени, автоматски
Резервоар 80 40
Брзина 252 235 km/h
0-100 km/h 6,1 7,5
Брзина при погон на струја 135 km/h, ограничена
Потрошувачка ca. 16 L/100 km 1,2 L/100 km; 15,6 kWh/100 km
Емисија на СО2 ca. 360 g/km 26 g/km
Досег при погон на струја 63 km (70 km град)
Погонска батерија 12,4 kWh
Времетраење на полнење на батерија 425 min при обичен ѕиден приклуок, 230 min на полнач 3,7 kW, 115 min на полнач 22 kW
Меѓуоскино растојание 2340 mm 2675
Должина 4230 mm 4367
Ширина 1720 mm 1852
Висина 1120 mm 1441
Ширина на трага напред 1460 mm 1559 mm
Ширина на трага назад 1460 mm 1554 mm
Сопирачки Вентилиран диск / Вентилиран диск Вентилиран диск / Диск
Празно возило 1090 kg 1633 kg
Носивост 345 487
Сооднос тежина/КС 4,27 kg/КС 6,07 kg/КС
Управување Запчеста летва Запчеста летва
Сервоподдршка Нема Електрично серво
Суспензија Напред и назад: Независно, трапезна водилка, спирални пружини, стабилизатор, хидраулични телескопски амортизери Напред: Независно, мекферсон, спирални пружини, стабилизатор, хидраулични телескопски амортизери; Назад: Торзиска оска
Каросерија Фиберглас Челична ламарина
Гуми и тркала 205/70 x VR14 / Тркала 6½” x 14 225/40R18Y / Тркала 8Jx18 ET48
Круг на вртење 12,5 m 10,5 m
Багажник 150 L / – 361 / 1271 L
Систем за пречистување на издувни гасови Нема кат Катализатор + катализатор за честички
Норма на издувни гасови Euro 6d-ISC-FCM (WLTP) 36AP-AR
Каросерија Купе Комбилимузина
Седишта 2 5
Врати 2 5
Коефициент на отпор на воздух  ca. 0,4 Cx 0,28 (SCx 0,62)

Инстаграм приказната за нашето возење по „Лавовската осумка“ можете да го погледнете на нашиот профил https://www.instagram.com/stories/highlights/17926625099090697/

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

…и секако, најавата од прочуената тв-серија Магнум

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Робот-кошаркарот на Toyota е шампион во слободно фрлање

Вака се прави вистински теренец од Rolls-Royce Cullinan