за

Вака се прави вистински теренец од Rolls-Royce Cullinan

Името delta4x4 е познато на сцената како специјалист што извлекува екстра теренски способности од возилата. Сега вниманието им го привлече Rolls-Royce Cullinan.

Експертите на баварската компанија delta4x4 со месеци ги усовршуваа нацртите за англискиот аристократски СУВ да го претворат во бескомпромисен теренец. Потоа се јави клиент од Арапскиот Полуостров, кој нарача неговиот Rolls-Royce Cullinan да се преработи според замислите на delta4x4.

Посебен предизвик е кога треба да се преработи автомобил што веќе ги достигнува крајните граници на изводливоста. Техничарите на delta4x4 мораа да се погрижат дека нивните зафати врз Rolls-Royce Cullinan ќе одговараат на стилот и на функционалноста со коишто суперскапиот СУВ излегува од Гудвуд. Истото мораше да се обезбеди и во поглед на квалитетот на изработката. Сепак станува збор за СУВ што и самиот вреди колку луксузен стан.

Баварците прво му обезбедија повисоко растојание од подлогата на теренецот на Rolls-Royce. Тоа се постигна, од една страна со поголеми тркала, а од друга страна со подигнување на каросеријата. Секако дека и гумите се развиени посебно, да можат без каков било проблем со тракцијата да газат по песок, кал или снег.

Како што прилега за возило за експедиции, на покривот е поставен издржлив носач за багаж. Тој носи подлоги за песок, лопати за песок, канистер со вода, кутии, а по потреба служи и како основа за шатор на покривот.

Предниот лак се грижи за заштита на чувствителните делови, на пример за системот за ладење. Багажникот на покривот и предниот лак носат моќни системи за осветлување. Delta4x4 подолго од 30 години вградува рефлектори од јапонскиот PIAA, а тоа е најдобрата адреса кога станува збор за оваа техника. Тие се тестирани да издржат сили што одговараат на 4-ратно земјино забрзување и стандардно се користат во рели и во тркачките болиди.

New item by Automedia MK / Google Photos

Опција е „дишник“ што овозможува моторот да вшмукува воздух и при минување низ длабока вода, а исто може да се нарача и екстра заштита на целиот под, односно на деловите од подвозјето. Последново подразбра и заштита на издувниот систем. Тој има помалку отпори за струењето на воздухот, што обезбедува повисока моќност и подлабок тон.

Cullinan во изведбата на delta4x4 добива специјални тркала Real-Beadlock од 20 инчи и дебели гуми Mickey Thompson од 33 инчи. Само овој зафат чини 15.000 евра, комплет. За да се создаде простор за огромните гуми, потребно е да се доплати и проширување на крилата, што чини уште 14.000 евра. Качување на каросеријата за најмалку 80 mm исто бара доплата од 15.000 евра. Заедно со поголемите тркала, се постигнува зголемување на растојанието од подлогата за 150 милиметри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Предниот лак ги исполнува ЕУ-нормите за заштита на пешак, па и тој чини 3.900 евра. Цената на дишникот и на издувниот систем не се објавени, но затоа се знае цената на рефлекторите од PIAA што може да се користат и на рели, и чинат 2.500 евра. Кровниот багажник има посложена конструкција, што производителот ја цени на 8.000 евра.

Полесно е кога delta4x4 ја соопштува комплетната цена за преправката, вклучувајќи и низа ставки што не се спомнати тука: 150.000 евра, комплет.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

На следниот линк можете во нашиот онлајн-каталог Автосалон.МК да ги погледнете сите модели со погон на сите тркала што се нудат на на македонскиот пазар, почнувајќи од Fiat Panda 4×4 со цена од 14.850 евра до Mercedes-Maybach S 650 4Matic со цена од 274.990 евра.

Inventory

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Една многу „нефер“ споредба: Peugeot 308 против Ferrari 308

Fiat ќе биде народска Tesla, се најавува електрично Punto