Ferrari изработи единствен примерок од Roma, дело на сопствениот оддел за посебни нарачки. Посебноста на оваа скапоцена машина е јапонскиот стил што владее по целото возило.
Одделението за посебни нарачки на Ferrari е именувано Tailor Made. Тоа што Маранело избра толку не-ферари име за овој важен оддел, сигурно нема да фрли сенка врз работата. Сепак е најважно да се сработи добро. Клиентите што ќе се обратат на ова одделение, добиваат на располагање цел тим, предводен од лично доделен дизајнер, кој ќе ги пренесе желбите и барањата на купувачот во секој дел од возилото.
Приказната за оваа Ferrari Roma почнува од Иван Оренсен и Џош Рубин, основачи на американскиот магазин за дизајн, култура и технологија Cool Hunting. Од нив беше побарано да изработат посебен примерок на Ferrari Roma. Идејата беше на сцената да ѝ се покаже што сé е способен овој „тејлор мејд“ оддел на Маранело.
Оренсен и Рубин одржаа состанок со главниот дизајнер Фравио Манцони во салонот на Ferrari за изработка по посебна нарачка во Њујорк. Двајцата штотуку се имаа вратено од посетата на Јапонија, каде што се запознаваа со традиционалните изработки и вештини. Нивната задача беше тие сознанија да ги применат во Ferrari Tailor Made.
Бојата на каросеријата е инспирирана од јапонските индиго бои. За Roma беше посебно создаденa бојата што е наречена Indigo Metal. Посебноста на користењето природни состојки за традиционалната подготовка на индиго-боите во Јапонија, се состои во тоа што бојата има и антибактериско дејство, па се користела и за бојадисување платно.
Затоа и внатрешноста на Ferrari Roma Tailor Made е во индиго боја. Сините детали се највпечатливи на седиштата и на патосниците. Материјалот е посебен. Станува збор за сакиори, платно што потекнува од 18-от век. Тоа се добивало од стари износени кимона. Во минатото, свилата и памукот биле достапни само за најбогатите. Старите кимона биле рашивани и материјалот бил користен за плетење со нови конци. Така се добивал топол, пријатен и издржлив материјал.
Две кимона, стари 75 и 45 години, изработени во Амами Ошима, остров во јужниот јапонски архипелаг, користени се за овa Ferrari Roma
Индиго бојата се повторува и на таванот. Украсните шари на таванот исто така се врвни јапонски изработки со долга традиција, вклучувајќи и вештини што потекнуваат од 8-от век. Посебен момент се рачките на вратите, коишто се обложени со црна кожа, на истиот начин како што се обложува рачка на катана-меч.
По пример на традиционалните бакарни чајници се изработени бројни детали. Тоа важи за површината околу рачката на менувачот и за прекинувачите, коишто се обработени во Јапонија, на традиционален начин. Тркалата исто така се во бакарна боја.
Печатот на уникатноста на овој автомобил се наоѓа на средишниот потпирач за рака. Тоа се посебно изработени „камон“, симбол што се пренесува со генерации. Создаден од Кјоген, симболот означува тркало од запрежна воловска кола, којашто важела како аристократски рпевоз во периодот на Хеиан, од 794 до 1185 година). Овој симбол е комбиниран со осумте цилиндри на моторот V8 на Ferrari Roma
Уникатната Ferrari Roma изработена за Cool Hunting ќе биде прикажана во Tailor Made-салонот на Ferrari во Њујорк, за време на модната недела во Њујорк.
One Comment
ОдговориOne Ping
Pingback:Ferrari Daytona од 3.778 коцки Lego, со функционален менувач - Automedia