за

Peugeot 9X8 напредува да стане фаворит на 24 часа Леман в година

На втората трка на хиперавтомобилот на Peugeot во првенството во издржливост, што се возеше во Јапонија, двата болиди ја издржаа трката до крај.

Peugeot си постави нов предизвик, со тркачкиот хиперавтомобил 9X8, да ги повтори легендарните успеси на Peugeot 905 и 908 HDi на трките во издржливост, со 24 часа Леман како круна на првенството. Болидот викендов ја возеше својата втора трка и „победа“ за тимот е тоа што двата автомобили ја завршија трката на патеката Фуџи.

Пред два месеци, Peugeot 9X8 ја возеше својата прва трка, на предизвикувачката патека Монца. Шесте часови на хиперавтомобилот во вистинска трка минаа релативно успешно, имајќи предвид дека тоа беше прво одмерување на силите на 9X8 во трка. Двата хиперавомобили не ја завршија трката, но постигнатото време на круг укажуваше дека тимот на марката со лавот има конкурентски автомобил. Болидот со стартен број #94, управуван од Дувал-Менезес-Роситер постигна најдобро време 1:38,364 минута, додека победничката Toyota GR010 Hybrid возеше најбрзо 1:37,760 минута.

На 6 Часа Фуџи, болидот со стартен број #93, управуван од Пол Ди Реста, Жан Ерик Верн и Микел Џенсен ја заврши трката четврти, додека вториот болид на Peugeot TotalEnergies на трката, со стартен број #94, на Џејмс Роситер, Лоа Дувал и Густаво Мендез заврши на 20-то место.

Трите слободни тренинзи и квалификациите во тркачкиот викенд минаа без каков било проблем. Двата Peugeot 9X8 стартуваа од четвртото и петтото место. Почетокот мина прилично спокојно, при што најмногу се издвојуваше Роситер, како тркач што веќе има солидно искуство на јапонската тркачка патека.

Механичарите беа совршено воиграни при првите влегувања на 9X8 во боксот. Болидот #94 се проби на третото место, благодарејќи на тоа што конкурентските тимови мораа да ги дополнуваат резервоарите.

Кусо по вториот час во трка, болидот #94 со Дувал зад воланот, го имаше првото непланирано влегување во боксот, поради проблеми со протекување масло од моторот. По зафатот, болидот повеќе немаше проблеми во текот на трката, но тимот изгуби 20 минути. Истиот проблем, со којшто тимот претходно се немаше соочено, се повтори и кај вториот 9X8, со стартен број #93 (Пол ди Реста). Но, техничарите овојпат знаеја каде е проблемот и брзо го оспособија болидот, но пак беше изгубено време во боксовите.

Замената на гумите се одвиваше рутински. Болидот #94 мораше уште еднаш да запре во боксот, како казна за пречекорената потрошувачка на енергија.

Следната трка се вози на 12-ти ноември во Бахреин и тоа ќе биде и завршна трка во првенството во издржливост за оваа сезона. Од следната сезона, Peugeot веќе ќе може да учествува на сите трки во првенството.

Часовници изработени од сопирачките од Peugeot 9X8

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Водич за Opel Astra: Сите цени, мотори, нивоа на опрема, опции

Првиот автомобил што победи на Монца пред 100 години е Fiat