за

Водич за Opel Astra: Сите цени, мотори, нивоа на опрема, опции

На Opel Astra не ѝ беше тешко да се докаже на тестот во Аутомедиа, во врвното ниво на опрема Ultimate, со автоматски менувач со 8 степени. Но, што е со основниот модел и зошто моќноста во целата гама досега до само 130 КС? Водич низ целата гама на новиот германски автомобил.

На Opel му годи новото друштво и тоа се познава. Како дел од американскиот General Motors, на марката од Риселсхајм во последниве децении повеќе ѝ пречеше, отколку што ѝ користеше тоа што е дел од еден од најмоќните чинители на автомобилската сцена. Во меѓувреме, како дел од Stellantis, уште еден важен модел почнува да работи за „новата“ марка Opel, којашто на пазарот успешно ги води Corsa, Mokka и Crossland. Што сé нуди гамата на новата Opel Astra и каква е смислата на тоа што се нуди, објаснуваме во овој детален водич.

Opel Astra успеа да ја врати еуфоријата на појавување нов модел. Сé е ново, дизајнот верно ја прикажува технолошката моќ со којашто денес располага браншата, а уште од почетокот беше кажано дека гамата во 2023 година ќе биде заокружена со целосно електрична изведба Astra-e. На тестот се покажаа сите доблести на новиот модел. Подвозјето постигнува одличен баланс меѓу комфор и динамика, што е потврда дека Риселсхајм има едни од најспособните инженери за подвозје во моментов. Силни впечатоци доаѓаат и од завршната изработка, од напредните системи за асистенција, од просторноста, практичноста. Сите наши заклучоци и искуства од новата Opel Astra може да се погледнат во тестот на моделот со 1,5-литарски дизел, со 130 КС, автоматски менувач со 8 степени и ниво на опрема Ultimate – до тестот.

Понудата од мотори се состои од два бензинци со моќност од 110 и 130 КС, како и еден дизел со моќност од 130 КС. Тоа можеби изгледа како мошне ограничена понуда, меѓутоа е само половина од приказната. На купувачите што бараат следно ниво на моќност и перформанси, Opel им нуди изведба со хибриден погон. Во моментов се нуди само една изведба со приклучен хибриден погон, со 1,6-литарски турбо бензинец и електромотор, што заедно даваат системски 180 КС. Овој начин на организирање на понудата од мотори стана стандард во браншата. ЕУ ја ограничува количината на СО2, и просекот од емисијата на овој гас, од сите возила што Opel ќе ги продаде во одреден период, не смее да биде повисок од 95 грами на километар. Хибридниот погон е мошне делотворен во спуштањето на просекот, затоа што емисијата на СО2 на Opel Astra Plug-In-Hybrid 1.6 Turbo се сведува на само 24 до 26 грами.

На македонскиот пазар уште не е почната продажбата на изведбата на Opel Astra со приклучен хибриден погон, но е сосем извесно дека и таа ќе привлече интерес, затоа што по некоја „случајност“, за возилата со овој вид погон во Македонија се плаќа само 50% од данокот за возило. Само за општа илустрација, за некое возило со царинска основица во висина од 25.000 евра, со бензински мотор, со емисија од 95 грами СО2/km, данокот за возило би изнесувал 3.046 евра. Во случај да станува збор за друго возило со иста висина на царинска основица, но со приклучен хибриден погон и со емисија на СО2 од 24 g/km, данокот би изнесувал 1.501 евра.

Во гамата в година доаѓа електрична Astra-e, а се очекува и спортска изведба во духот на OPC, со приклучен хибриден погон и два електромотори

Од изјавите на менаџерите е сосем извесно дека наскоро ќе се појави и спортска изведба со втор електромотор за задната оска, којашто би имала моќност над 250 КС и би ја продолжила ценетата низа на OPC-модели. Информациите се скромни, но сигурно е дека спортската изведба ќесе придружи во гамата на Astra. За следната година е сигурен стартот на чисто електричната изведба Astra-e, со електромотор со 115 kW (156 КС) и со батерија од 54 kWh, што ќе обезбеди досег до 400 километри.

Гамата стартува со Opel Astra 1.2 Turbo со 110 КС, со мануелен менувач со 6 степени и ниво на опрема Edition, со цена од 21.760 евра. Изведбата на истиот мотор со 130 КС, чини 22.300 евра, односно 540 евра повеќе од основната варијанта. За таа цена се добиваат плус 20 КС моќност, плус 25 Nm (230 Nm) вртежен момент, забрзување до темпо сто покусо за осум десетинки (9,7 s) и крајна брзина повисока за 11 km/h. Техничките податоци укажуваат и дека посилниот мотор во возење е за 1 dB потивок (66 dB) од моторот со 110 КС, што укажува на можна разлика и во преносните односи во менувачот, односно 1.2 Turbo со 130 КС вози со нијанса пониски вртежи во највисоките степени. Во моментов не ни стојат на располагање деталните технички податоци што ќе го потврдат тоа. Во поглед на потрошувачката не постои разлика меѓу двата модели, со исклучок на вредноста при возење по спореден пат, каде што Astra 1.2 T со 130 КС бара еден децилитар повеќе (4,8 L) во споредба со верзијата со 110 КС. За просечната потрошувачка според WTLP сепак стои истата вредност, 5,4 литри.

Opel Astra моделска гама

Ниво на опрема Edition

Цена во евра

Astra 1.2 Turbo 110 MT6 21760
Astra 1.2 Turbo 130 MT6 22300

Ниво на опрема Business Edition

Astra 1.2 Turbo 110 MT6 22750
Astra 1.2 Turbo 130 MT6 23290
Astra 1.2 Turbo 130 AT8 25590
Astra 1.5 D 130 AT8 27740

Ниво на опрема Elegance

Astra 1.2 Turbo 110 MT6 23970
Astra 1.2 Turbo 130 MT6 24960
Astra 1.2 Turbo 130 AT8 26830
Astra 1.5 D 130 AT8 29510

Ниво на опрема Business Elegance

Astra 1.2 Turbo 130 MT6 26050
Astra 1.2 Turbo 130 AT8 28430
Astra 1.5 D 130 AT8 30620

Ниво на опрема GS-Line

Astra 1.2 Turbo 130 MT6 25890
Astra 1.2 Turbo 130 AT8 27760
Astra 1.5 D 130 AT8 30460

Ниво на опрема Ultimate

Astra 1.2 Turbo 130 AT8 31280
Astra 1.5 D 130 AT8 34070

Опција кај посилниот бензинец е прочуениот 8-степен автоматски менувач на PSA Group, со класична конструкција со претворач на вртежен момент. Овој менувач не е достапен во моделот со основното ниво на опрема Edition, но затоа се нуди во сите останати нивоа на опрема, почнувајќи уште од Business Edition, па сé до Ultimate, кадешто автоматикот дури и се вградува стандардно. Тој ја оптоварува цената на Astra за околу 1.900 до 2.300 евра, зависно од нивото на опремата, односно цената на возилото. Тоа се чудните последици од начинот на којшто се одредуваат даноците за возилата, а увозниците немаат влијание врз тие давачки. За пример: Верзијата на Astra 1.2 Turbo 130 со автоматски менувач е за 2.300 евра (25.590 евра) поскапа од верзијата со мануелен менувач, додека Astra со истиот мотор, но со ниво на опрема Elegance и со соодветно повисока цена (26.830 евра), со автоматски менувач чини 1.870 евра повеќе од верзијата со мануелен менувач. Логиката вели дека во случај да се бара модел со автоматски менувач е подобро да се посегне по повисоко опремената Astra Elegance и автоматикот да се добие „поевтино“, заедно со сите екстра ставки од опремата во Elegance.

Автоматикот додава 30 килограми во тежината (1.371 kg), а воедно дозволува и влечење приколка до 1,4 тон (+150 kg). Спокојството што го носи автоматикот повлекува и просечна потрошувачка повисока за два децилитри (5,6 литри). Во град, потрошувачката според фабрика е повисока за 0,6 литар (7,1 литри), додека во периферија треба да се смета на 0,3 литар (5,7 литри) повисока потрошувачка отколку со мануелен менувач.

Дизел моторот во тестираната Opel Astra се покажа како достоен претставник на својот род, но треба да се извози многу пат, за разликата во цената со бензинецот да се исплати; Тоа е веќе правило во браншата

Третата погонска опција со вообичаен погон е 1,5-литарски дизел со 130 КС, којшто се нуди само во изведба со автоматскиот менувач со 8 степени. Дизелот не е достапен во основното ниво Edition, но затоа стои на располагање во сите останати изведби. Најповолната можност да се вози дизел во гамата на Opel Astra L чини 27.740 евра, во ниво на опрема Business Edition – вклучувајќи го автоматикот. Разликата во цената со 1.2 Turbo со автоматски менувач, со истото ниво на опрема, изнесува 2.150 евра. Тоа е сумата што треба да се врати преку пониска потрошувачка, доколку се избере дизел место бензинец.

Моќноста од 130 КС е идентична со посилниот бензинец, но затоа кај дизелот стои на располагање највисок вртежен момент од 300 Nm (+70 Nm), сервирани уште при 1.750 вртежи – бензинецот, патем, ги постигнува максималните Nm при исто толку вртежи. Со дизелот треба да се смета и на потежок нос. Тој додава 67 килограми во тежината на празно возило (1.438 kg). Со моќниот вртежен момент, Astra Diesel влече уште потешка приколка, до 1.550 килограми. Во перформансите, дизелот очекувано доцни девет десетинки (10,6 s) и заостанува незначителен 1 km/h (209 km/h) зад бензинецот со 130 КС. Нормите за бучава велат дека дизелот со 68 dB е за две децибели погласен од бензинецот.

Тест · Opel Astra Ultimate 1.5 Diesel: Родена под среќна ѕвезда

Потрошувачката секако дека е на страната на Astra 1.5 Diesel, со просек од 4,5 литри, односно 5,2 литри во град, 4,4 литри на периферија, 3,9 литри на отворено и 4,7 литри на автопат. Кај дизелот треба да се смета и на „вториот“ резервоар, за Адблу, којшто има зафатнина од 13 литри. Една брза пресметка, според денешните цени (11-ти септември, 85,5 денари бензин, 98 денари дизел), покажува дека со поскапото (!) дизел гориво на секои сто километри се заштедува само 37,8 денари. Според тоа, за разликата во цената од 2.150 евра или 132.214,25 денари да се врати преку извозената километража, треба да се поминат 349.773 километри.

Со бензинскиот мотор со 130 КС, во комбинација со 8-степениот автоматик, имавме мошне позитивни искуства, прво во споредбеното возење брзо-бавно со Opel Mokka, а неодамна и во освеженото моделско годиште на Grandland

Добрата вест е тоа што дизелот веќе одамна е непотребен. Бензинецот од 130 КС, во комбинација со 8-степен автоматик го имавме на тест во Opel Grandland, при што најмалку беше проблем да се постигне шест пред запирката на вредноста на потрошувачката. Истата погонска комбинација ја имавме и на тестот на Mokka, со којашто воедно го извозевме и фамозниот круг за споредба на потрошувачката. Вредноста од 4,5 литри, што ја постигнавме при штедливото возење по иста рута, фасцинира помалку отколку постигнувањето просечна потрошувачка далеку под 10 литри, при брзата рута, со чести забрзувања под полна гас и подинамично возење.

Доплатата за дизел, што уште имаше смисла во некои други времиња и со некоја друга технологија во автомобилите, денес е подобро да се вложи во побогата опрема или во некои екстра ставки што не се вклучени во сериските пакети. А, тоа може да биде „проблем“ кај новата Opel Astra. Опременоста е шампионска. Како што продукт менаџерот Драган Јовев нé упати во гамата на Opel Astra, „уште почетното ниво на опременост ги вклучува сите ставки што купувачите денес ги бараат во автомобил од компакт класата“.

На тест возењето, Opel Astra меѓу другото брилјираше и со опременоста во врвното ниво Ultimate. Тогаш никој не мислеше колку е опремена Astra во почетното ниво – затоа што уште тогаш беше во план ова претставување на гамата на Astra L. Сега се покажува дека и почетното ниво Edition претставува мошне убедлива понуда. Автоматска клима, диодни предни светла и автоматско соборување на долго светло, диодни магленки, диодни задни светла, паркинг сензори напред и назад, кожа на волан, поврзување со телефон преку Apple CarPlay и Android Auto, дигитални инструменти од 10 инчи и средишен дисплеј од 10 инчи, гласовни команди, темпомат и камера за знаци за брзинско ограничување, копче за старт, алу-тркала од 16 инчи, електрична паркирна сопирачка – сосем верно на тоа што ни го објасни менаџерот Јовев, сé e вклучено во сериската опременост, уште во Edition. Сé што следи понатаму, практично е луксуз и исполнување екстра барања и желби.

Business Edition е токму тоа, изведба на Astra дотерана за службен автомобил, со сите ставки што му требаат на еден „бизнис патник“, понудени по подостапна цена – секако дека по тоа ниво на опрема посегаат и приватните купувачи што ја препознаваат предноста во цената

Business Edition не е само звучно име на ниво на опрема, туку и функционално ниво. Во основата, станува збор за надградба на Edition, за клиенти чијшто бизнис предвидува често и долго патување со службен автомобил. Како што тоа детално ни го појаснија во македонскиот Opel, поентата е во тоа ставките што се потребни за еден службен автомобил, да се вградат заедно како пакет, што е подостапен отколку при одделно нарачување на ставките во пакетот. Службените возила честопати го менуваат возачот, па тоа го објаснува и присуството на паркинг сензори во Business Edition:

На човек што секој ден е во својот автомобил и точно знае до каде тој досега, камера за паркирање можеби и не му е потребна. Но, на бизнис-патник, што се погодило дента или неделата да му биде слободна Opel Astra Business Edition, камерата и тоа како ќе му биде од корист. Тоа е пригоден вовед во целосниот список на опрема во ова ниво: Ергономски седишта со одобрение од германските ортопеди, вклучувајќи и елеткрично нагодување во слабините, но и греење и можност за продолжување на седечката површина, понатаму панорамска камера во 180 степени, како бизнис-домаќинско решение место поскапата камера од 360 степени. Пакетот го заокружуваат затемнети задни прозорци, греење на волан и потпирач за рака напред со преграда, држач за чаши и 2 USB-приклучоци. Сите овие ставки се добиваат заедно за 990 евра, колку што е разликата во цената меѓу Edition и Business Edition. Уште една екстра ставка во ова ниво е достапноста на дизел моторот.

Третото ниво на опременост е Elegance, коешто однадвор се разликува по хромираната лајсна долу во задниот браник, како и по хромираната рамка на страничните прозорци. Тоа е традиција кај оваа марка, на улица веднаш се препознава кога Opel вози во ниво Elegance, елегантно. Секако дека не се сведува сé на изглед. Тука веќе следи двозонска работа на клима уредот, заедно со сензор за влажност и сензор што препознава од која страна грее сонцето во моментот и соодветно го распределува разладениот воздух. Опремата е облагородена и со приспособлив, значи радарски темпомат, со автоматско отклучување и заклучување на вратите, со пофин материјал за седиштата, со амбиентално осветлување и повпечатливи украсми панели во кабината. Тркалата добиваат еден инч плус (17 инчи), внатрешниот ретровизор е без рамка и повеќе го ослободува видното поле. Elegance се заокружува со речиси сите ставки од нивото Business Edition, односно единствено нема греење на воланот и на седиштата. Разликата во цената меѓу Astra Edition и Astra Elegance изнесува 2.210 евра, за 1.2 Turbo со 110 КС, како пример.

Систем за следење на квалитетот на воздухот во кабината и пречистување на истиот е стандард во Business Elegance

Opel ја нуди комбинацијата со Business-варијанта и во нивото Elegance, со тоа што моторот од 110 КС повеќе не е достапен кај највисоките нивоа на опрема. За 1.090 евра повеќе од Elegance, во случај на 1.2 Turbo 130, во ова ниво се добива сé што поседува Elegance, плус понапредна изведба на инфо-забавниот систем, што тука вклучува и 3D-навигација во вистинско време и поле со дополнителни 6 копчиња за брз пристап до најчесто користените функции. Седиштата и воланот добиваат грејачи, има и безжичен полнач за телефон, а посебност е клима уредот, што користи систем Intelli Air, за следење на квалитетот на воздухот во кабината и соодветно пречистување на воздухот. За Intelli Air се доплаќа 140 евра во Elegance и во GS-Line.

GS-Line е хит нивото кај сите останати моделски серии на Opel, па и Astra нема да биде исклучок. Покривот е лакиран црно, таванот исто така е црн, рамката околу Opel-визорот е црна. Предниот браник има нагласено спортска форма и јасно се разликува од Elegance. Молњата на Opel, натписот Astra назад и површината околу отворите за воздух во браникот се во сјајна црна боја, а секако дека и тркалата се во GS-Line-бојата, црна. Дизајнот на тркалата се води како Kadett Sport, тоа се убави сеќавања. Седиштата се спортски и обложени се во комбинација од скапо платно и имитација на кожа. Педалите е разбирливо дека се алуминиумски.

Камерата работи во 360 степени, заедно со уште неколку напредни функции што се водат како Intelli-Vision, предните седишта и специјално изработениот спортски волан имаат грејачи, бројни украсни детали во кабината го надградуваат чувството дека се седи во спортски автомобил. Со цената за ова ниво, Opel очигледно се активира за и спортските модели да ги направи достапни за поширок круг купувачи. Познавачите без двоумење ќе оценат дека Astra GS-Line чини далеку над 30.000 евра. Opel вели 25.890 евра, за бензинец со 130 КС. Со автоматски менувач, 27.760 евра. Секако дека мора да се има предвид дека станува збор за луксузна изведба на Astra, меѓутоа разликата од 3.590 евра, меѓу GS-Line и почетното ниво Edition, далеку е од разликата што купувачите ја плаќаа за ваков распон на опрема и стил пред само неколку години. Не само во Opel, туку и во целиот концерн Stellantis се случува нешто убаво околу политиката на цени на дополнителна опрема и на самите нивоа на опрема.

Ultimate ја претвора Opel Astra во автомобил од друга класа

Ultimate веќе солидно го прегазува прагот од 30.000 евра, но ова е имиџ модел за целата гама и неговото постоење влијае и врз гордоста на возачката или возачот што ја имаат Astra во појдовното ниво Edition. Со бензинец со 130 КС и автоматик, оваа изведба чини 31.280 евра. Со сите ставки што се вклучени во ова ниво, практично се добива уиште еден автомобил: Стаклен покрив, матрични диодни светла што се состојат од одделно управувани 168 модули, уште едно скалило погоре на системот за навигација, проекциски дисплеј во боја, систем за следење лента, полу авто-пилот, тркала од 18 инчи со изработка како во италијанска мануфактура, електрично местење на предните седишта и меморија, алкантара, благородни украсни детали во кабината, систем за пречистување на воздухот во кабината. Во поглед на стилот, сé што кај GS-Line е црно, тука е хромирано. Уште ден препознатлив детал се дневните светла во форма на закосени диодни лајсни во браникот.

Сите технички податоци и главните ставки од опремата на новата Opel Astra, за сите моделски изведби во гамата, можете да ги најдете на нашиот онлајн-каталог AVTOSALON.MK

Inventory

Покрај богатата опременост уште во основното ниво, останува само кус список со ставки од дополнителната опрема. Благороден потег од Opel е тоа што заштитната боја на целата кампања на Astra, култ жолтата боја со металик финиш, не чини ниту евро доплата. Кај опциите, едната и единствена германска марка во Stellantis, веќе во неколку генерации модели негува политика на колку е можно пониски цени. Многу е веројатно, дека на тој начин, купувачите само се поттикнуваат да нарачаат повеќе ставки дополнителна опрема за својот автомобил, отколку што имаат намера да заштедат. Opel исто нуди каросерија лакирана во три слоеви боја, кобалт блу, но тука нема да се плати 1.580 евра, туку 580 евра. Тоа е политика на Opel.

Затемнети задни стакла во основното ниво? Не е проблем, апсолутно не, цена под 170 евра нема да понудат ниту во сервис за доопремување возила. Дури и седиштата со печат од германските ортопеди се достапни во Edition (доплата 470 евра), иако е поисплатливо да се посегне директно по повисокото ниво Business Edition, каде што покрај седиштата следат уште пет ставки.

Приспособлив темпомат во двете основни нивоа чини 340 евра. Кај Elegance и GS-Line, тоа е стандард. За нив може да се доплати 550 евра, за уште понапреден пакет со системи за асистенција, кои вклучуваат предупредување при возило во мртов агол, систем за следење лента и уште неколку системи.

Целосниот ценовник за Opel Astra е достапен на следниот линк · https://www.opel.mk/content/dam/opel/macedonia/brochures/downloads/pricelists/MK_Astra.pdf

Сончевиот покрив, што е дел од Ultimate, може да се избере како опција за GS-Line и чини 910 евра. Опција што влијае врз буџетот, но секако е вредна инвестиција, тоа се матричните диодни светла, кои Opel ги цени точно 1.000 евра. Своевремено за ксенонски светла се доплаќаше два и пол пати повеќе, за технологија што е десетпати помалку делотворна од матричните светла на Astra. Токму светлата се подрачјето во коешто економите во Риселсхајм беа најмногу ангажирани, за да се постигне најниската можна цена на доплата.

На тестот на Opel Astra беше особено импресивно взаемното функционирање на проекцискиот дисплеј, камерата за знаци и темпоматот. Кога камерата ќе регистрира знак што го менува брзинското ограничување, податокот за дозволената брзина во моментот се прикажува како проекција во видното поле на возачот, заедно со ОК и со прашање, дали „новата“ брзина да се прифати или да се продолжи со постоечката. Откако со типување на левата рачка на воланот ќе се потврди ОК, Astra почнува самостојно да забрзува или да забавува, соодветно на пропишаната брзина. Оваа комоција чини доплата од 170 евра во Ultimate, односно 1.490 евра во GS-Line. Во останатите нивоа не се нуди техниката.

Најскапата опција се седишта обложени со мека телешка кожа, во комбинација со алкантара, со електрично местење, меморија, вентилација и масажа, греење и на задните седишта – таа е достапна само за GS-Line и Ultimate, соодветно за 2.480, односно 1.740 евра. Доколку се штиклираат сите ставки што ги нуди ценовникот, за врвното ниво Ultimate, на крајот се доаѓа до сума од 3.650 евра. Тоа е уште еден показател за фер-политиката на цени што ја води Риселсхајм.

Гамата штотуку почнува да се развива. Според најавите од продукт менаџерот Јовев, во понудата наскоро ќе може да се избере и GS-Line пакет, што спортскиот изгледот и функционалноста на нивото GS-Line ќе ги овозможи во комбинација со Elegance или Business.

До страницата за моделот на Opel Makedonija

https://www.opel.mk/avtomobili/astra-modeli/astra/hatchback/overview.html

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Виетнамски VinFast ги испорача првите електрични СУВ-модели

Peugeot 9X8 напредува да стане фаворит на 24 часа Леман в година