Еден од секои три гласови во конкуренција на модели од компакт класата, оделе на контото на Peugeot 408 во годинешнoто гласање за најдобар дизајн од читателите на онлајн-изданието на германскиот магазин auto motor und sport.
Францускиот автомобил со несекојдневен дизајн беше толку убедлив, што читателите на германскиот auto motor und sport, му дадоа предимство на Peugeot 408 пред домашните Mercedes-Benz CLA и Mercedes-Benz A-Class, коишто се најдоа на второто, односно на третото место.
Според тоа, победата во конкуренција на модели од компакт класата, во изборот за Autonis, што го организира онлајн-изданието на германскиот магазин auto motor und sport, му припаѓа на Peugeot 408.
За изборот гласаа вкупно 14.507 читатели на auto-motor-und-sport.de , избирајќи ги своите фаворити во 11 класи, од 105 модели во изборот за Autonis годинава (името треба да асоцира на грчките божества). Доделувањето на наградите се одржа на 18-ти септември, за време на конгресот на auto motor und sport, што се одржа на Штутгартскиот Саем.
Заслужено признание за дизајнерот Матијас Хосан, чијашто работа на новиот 3008 исто така го привлече вниманието на сцената пред десетина денови. „Особено сум горд, што дизајнерскиот тим на Peugeot освои толку значајна награда за новиот Peugeot 408. Дизајнот на Peugeot 408 со цел е изработен со специфични и единствени елементи. Впечатливата линија во комбинација со карактеристичниот став на мачка, создава силуета на фастбек и го прикажува дизајнерскиот јазик на лавовската марка. Тоа е извонредна потврда за нашата работа и тоа многу нé радува“, кажа главниот дизајнер на Peugeot на свеченоста.

Кристијан Дич, директор на германскиот огранок на Peugeot, исто така ја искажува радоста „што Peugeot 408 со својот првокласен дизајн ги убеди читателките и читателите, затоа што дизајнот на автомобилите токму на германскиот пазар има централна улога при решавањето за изборот.“
Подрачјата во коишто дизајнот на Peugeot 408 се издвојува посебно се првенствено опашот, завршетокот на покривот, поклопецот на багажникот и крилата. Боите придонесуваат за уште повеќе да се нагласи посебноста на дизајнот. Затоа и палетата се состои од само шест, но крајно ефектни бои. Тоа најмногу важи за „опсесивно сината“ боја, што е заштитна боја на моделот и се менува зависно од аголот на гледање и од аголот на светлината. Втора нова боја е селен сива.
Исто како 308, неговата отмена изведба 408 го носи новиот грб на марката Peugeot, што доминира во предниот дел од возилото и во топ-изведбите се поставува и на предните крила.
Појавата се заокружува со графиката на предните и задните светла, коишто ја почитуваат веќе одамна препознатливата шема со трите шепи.
Како модел што е со повисока спецификација и повеќе влече кон местото на 508, отколку кон 308, во внатрешноста се воочува користењето скапи и квалитетни материјали. Тоа може да биде алкантара, вештачка кожа (многу далеку од „скај“) или мека телешка кожа напа. Во кабината може да се избира меѓу осум бои за амбиенталното осветлување.
Верно на мотото „Power of Choice“, фастбекот е достапен со мотори со внатрешно согорување, но и во хибридна изведба. Сосем е извесно дека гамата на моделот ќе биде заокружена со целосно електрична изведба.
Десет проценти од читателите ценат дека дизајнот на марката Peugeot напредувал најмногу во изминатите 5 години. Шампиони тука се Mercedes и BMW со по 25% од гласовите.
Останатите победници во 18-от избор за Autonis
- Abarth 500e (мини), 65,1% од гласовите
- Opel Corsa (градски), 53,7%
- Peugeot 408 (компакт), 35%
- Alfa Romeo Giulia (средна), 66,4%
- BMW Серија 5/i5 (виша), 40,2%
- Maserati Granturismo (спортски), 35,3%
- Ferrari Roma Spider (кабрио), 41,9%
- Jeep Avenger (мали СУВ), 53%
- BMW iX1 (компакт СУВ), 33,9%
- Alfa Romeo Stelvio (големи СУВ), 39,7%
- Ferrari Purosangue (луксузни СУВ), 22,9%
- VW Touran (ванови), 38,2%