за

Сите модели на Peugeot се осумки, само еден продолжи до девет

Од минито Peugeot 108 до хиперавтомобилот 9X8, сите модели завршуваат со 8. Во историјата сепак постои модел што имаше 9-ка во ознаката.

Peugeot има еден од најдобро омислените начини за означување на своите модели. Првата бројка е за серијата, нулата во средината има генерално убава симболика, а последната бројка се однесува на генерацијата. Системот на означување достигна 8, како симбол на бесконечноста, и осумката нема да се менува, барем не во видно време. Добро е за трик-прашање: Дали постои Peugeot со ознака што завршува со 9?

Автомобилската година ни започна со Peugeot. Во салонот на Еуроимпекс се случи првата моделска премиера во 2022 година, и тоа голема. Новиот Peugeot 308 ја продолжува успешната низа на своите претходници, што редовно беа меѓу најпродаваните модели во класата. И најразновидни, тоа секако. Кој љубител на автомобилите не ги помни Peugeot 306 Cabriolet, 307 CC и SW, 308 RCZ? Тука се огледува генијалниот систем за означување на моделите на француската марка.

Но, зошто новиот Peugeot 308, по вообичаената еволуција не продолжи во Peugeot 309? Причината е во тоа што стратезите на марката уште пред десет години решија да го задржат системот на означување на генерациите на 8. Тоа е убава бројка што симболизира бесконечност и очигледно е дека никој нема проблем со тоа, моделите на Peugeot да се задржат на осумката.

Доколку Peugeot 308 станеше „309“, тоа ќе создадеше извесна забуна, затоа што во историјата на марката веќе постои еден модел што ја носи ознаката. Токму така, постои Peugeot 309, и тоа е воедно единствениот модел чијашто ознака завршува со деветка.

Peugeot 309 GTI 16 со 160 КС беше единствениот модел во компакт класата што во перформансите и во возните својства можеше да го победи тогашниот Golf GTI

New item by Automedia MK / Google Photos

Peugeot 309 се поврзува дирекнто со едно важно поглавје во историјата на Французите, а тоа е преземањето на европскиот огранок на Chrysler од страна на PSA во 1978 година. Групацијата на Peugeot и Citroen стана сопственик и на фабриките и на моделите на Chrysler, а со тоа и на Simca, марка што беше дел од европскиот огранок на американскиот концерн.

New item by Automedia MK / Google Photos

Peugeot 309 првично не требаше да постои под тоа моделско име, туку целиот проект беше замислен за модел под знакот на Talbot, марка што PSA ја возобнови брзо по преземањето на Chrysler Europe. Како дел од договорот, Peugeot мораше во рок од најдоцна една година да „смисли“ ново име за моделите што претходно се продаваа како Chrysler – така на сцената се врати името Talbot. Од проектот развиван под ознаката C28 требаше да произлезе наследникот на Talbot / Simca Horizon. На дизајнот работеше дизајнерското студио на Chrysler Rootes во Конвентри, во Велика Британија, додека главнината од конструирањето го презеде тимот на Simca во фабриката во Поаси, во Франција.

New item by Automedia MK / Google Photos

Единственото барање од менаџментот на PSA беше автомобилот да користи колку е можно повеќе од постоечките компоненти во концернот. Подот и фактички е продолжена варијанта на Peugeot 205, заедно со суспензијата, а исто и вратите потекнуваат од легендарниот модел. Моторите и менувачите, пак, потекнуваат директно од Simca. Како што напредуваше развојот, така Peugeot реши дека е подобро моделот да го продава под сопствената марка, отколку под Talbot. Во гамата сепак веќе постоеше модел Peugeot 305, што беше позициониран повисоко во споредба со Peugeot 304. Тоj, начелно, беше наследник на легендата на сите легенди, Peugeot 404. 

New item by Automedia MK / Google Photos

Според тоа, во компактниот сегмент практично остана празнина. Во тој момент беше прерано за несудениот нов Talbot да стане прв модел на Peugeot од 6-та генерација, односно беше прерано за 306. Затоа беше донесена мудра одлука, новиот модел едноставно да биде означен 309, со тоа што деветката јасно укажуваше дека се работи за модел што се издвојува од редовната понуда на Peugeot.

Изгледот на идниот модел беше најавен преку студијата на автомобил со нагласена аеродинамичност, Peugeot Vera Plus, во 1982 година. Коефициентот на отпор на воздухот изнесуваше 0,22. Голем дел од зафатите кај Vera беа применети во идните сериски модели на Peugeot.

New item by Automedia MK / Google Photos

Производството започна во летото 1985 година, во фабриката на некогашна Simca во Поаси. Првите испораки во Франција беа извршени веќе во октомври. Паралелно се одвиваше производство на Peugeot 309 во Велика Британија, во фабриката на Rootes Group / Chrysler Europe во Рајтон, Велика Британија.

Подвозјето и вратите потекнуваат од Peugeot 205, основните мотори се од Simca Horizon

Понудата од мотори ја сочинуваа бензинците од 1.118 (E1A) и 1.294 cm3 (G1A), што се вградуваа во Talbot / Simca Horizon, додека моторите од 1.580 и 1.905 сантиметри кубни потекнуваа од Peugeot, од генерацијата XU. Дизелот стануваше многу важен во моделската гама во тие години, па во јули 1986 година излегоа и првите примероци од Peugeot 309 со дизел мотор. Тоа секако беше мотор Peugeot, со зафатнина од 1.905 cm3 (XUD-генерација) и моќност од 65 КС. Дизелот, тогаш престиж, се комбинираше во повисоките нивоа на опрема GLD и GRD. Една година подоцна, дизелот стана достапен и во основното ниво SRD.

Во меѓувреме почна да слабее продажбата на Peugeot 305, па се реагираше со проширување на гамата на 309 со верзија со три врати, за да се прошири кругот на купувачи и да се оптовари продукцијата во фабриката.

New item by Automedia MK / Google Photos

Голема новина беше воведувањето на спортската изведба 309 GTI, со мотор XU од 1.905 cm3. Сцената брзо научи да го цени моделот како еден од најбрзите и најмоќните во класата. Одлични оцени доаѓаа и за балансираното подвозје, што обезбедуваше одлични возни својства. Така се случи да почне да бледее Peugeot 205 GTI, уште еден херој од тоа време. Гамата продолжуваше да се развива, со воведување автоматски менувач во понудата, како и со доставните изведби XA и XAD.

Тој беше првиот модел на Peugeot што се произведуваше во поранешната фабрика на Chrysler во Рајтон, Велика Британија

Peugeot 309 беше прв модел на француската марка произведуван во Велика Британија, во фабриката во Рајтон што PSA ја стекна со преземањето на Chrysler Europe. Подоцна од таа фабрика излегуваа и Peugeot 405, 306, како и 206, пред нејзиното затворање на крајот на 2006 година.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кокпитот долго беше предмет на критика на медиумите, кои реагираа дека тој не одговара за марка како Peugeot; Фејслифтот донесе нов кокпит, но тој се покажа премногу „музикален“

New item by Automedia MK / Google Photos

Во летото 1989 следеше моделско освежување, односно Phase 2. Промените главно опфатија спуштање на работ на багажникот, затемнети задни светла и мали зафати во предната маска. Клучната промена сепак беше новиот кокпит, со бројни елементи од постоечките модели на Peugeot и Citroen. Медиумите претходно го критикуваа изгледот на кокпитот. GTI доби лакиран спојлер, место стариот спојлер од гума.

Новата генерација менувачи BE3 имаше сменета шема – рикверц долу и десно, зад петтиот степен – а се покажа и дека е поиздржлива. Истото важи и за моторите. Во 1992 година, Французите ги заменија претходните мотори на Talbot/Simca со нови мотори на Peugeot од генерацијата TU, со зафатнина од 1.124 и 1.360 cm3.

Фановите на спортски модели прославуваа за воведувањето на моторот XU9J4 од славниот Peugeot 405 Mi16. Сооветно на тоа и Peugeot 309 GTI доби „16“ во ознаката

Производството престана во 1993 година, во очекување на новиот модел Peugeot 306. Во периодот меѓу 1985 и 1993 година се произведоа вкупно 1.635.132 примероци од единствениот Peugeot со генерациска деветка во ознаката.

Технички податоци · Peugeot 309 GTI 16

Моделска изведба произведувана од јули 1989 до јуни 1992

МОТОР: PSA XU9J4

  • Вид на мотор: бензински
  • Напојување со гориво: индиректно впрскување бензин
  • Натполнење: нема
  • Вентили по цилиндар: 4, dohc
  • Систем за впрскување: Bosch Motronic ML 4.1
  • Зафатнина: 1.905 cm3
  • Моќност 116 kW (158 КС) при 6500 min-1
  • Вртежен момент: 177 Nm при 5000 min-1

ДИМЕНЗИИ

  • Должина 4051 mm
  • Ширина 1628 mm
  • Висина 1384 mm
  • Меѓуоскино растојание 2469 mm
  • Резервоар 55 литри / 14.5 U.S. gal / 12.1 imp. gal
  • Отпор на воздух Cw 0.35

ПОГОН И ПРЕНОС

  • Погон напред
  • Мануелен менувач со 5 степени

ТЕЖИНИ

  • Празно возило 975 kg
  • Дозволена тежина 1400 kg
  • Носивост 425 kg
  • Тежина на приколка со сопирачки 1000 kg

ПЕРФОРМАНСИ

  • Највисока брзина 220 km/h
  • 0-100 km/h (s): 7.8
  • 1000 m (s): 28.5

ПОТРОШУВАЧКА НА ГОРИВО

  • ECE 90/120/city (comb.): 6.5 / 8 / 11.8 (8.8) l/100km

>>> Peugeot 308 за лавовски почеток на годината

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како семејната Kia Ceed стана спортска Kia Ceed GT Line

Toyota почнува со онлајн-резервации за новиот Aygo