за

Toyota почнува со онлајн-резервации за новиот Aygo

Во Toyota продолжува наплив од нови модели, но доаѓаат и новини во продажбата, односно во комуникацијата со купувачите. Раните порачки за Aygo X носат и повластици.

Toyota работи „против“ браншата во делот од пазарот што им припаѓа на малечките автомобили. Повеќето производители се откажаа од нив, поради малата заработка, Toyota уверува дека уште има простор за работа. Македонската Toyota им нуди вредни повластици на купувачите што ќе направат онлајн-преднарачка за новиот Aygo X.

Многу промени се случија и уште повеќе ќе се случуваат на автомобилската сцена. Повеќето од нив беа поттикнати од пандемијата и од недостигот од чипови за автомобилската бранша. Како добра вест може да се гледа тоа што и македонските застапници ги донесуваат промените. Уште во најраната фаза од пазарното воведување на новата генерација на Aygo X, Тојота Авто Центар отпочна со кампања за моделот.

Како дел од европскиот систем на продажба, кампањата порачува: Направи онлајн преднарачка и добиј каско-осигурување за првата година, полиса за автоодговорност и помош на пат со важност во времетраење од пет години. Понудата во ништо не се разликува од понудите што важат за купувачите на Toyota во Германија или Франција. Сепак станува збор за услуги што според слободна процена вредат неколку стотини евра.

TOYOTA AYGO X

Што се однесува до самиот Aygo X, тој остана како еден од ретките модели во класата. Повеќето производители се откажаа од развој на нови генерации модели во класата на Aygо & Co, главно поради тоа што строгите лимити за СО2 на ЕУ условуваат производиелите да вградуваат скапи системи за пречистување на издувните гасови. Тие лимити веќе во 2025 година ќе станат уште построги, што значи дека автомобилите кои се развиваат за денес да се понудат во продажба, ќе мораат да ги исполнат и уште построгите норми кои следат за само неколку години.

Тоа очигледно не претставува проблем за Toyota, којашто дури и го надгради имиџот на претходниот Aygo и во новата генерација го нуди моделот како кросовер

Тојота Авто Центар ќе го нуди моделот во четири нивоа на опрема. Целата гама користи само еден мотор, кој е познат од претходниот Aygo и од актуелниот Yaris: Еднолитарски трицилиндарец од 998 сантиметри кубни, со моќност од 72 КС и вртежен момент од 93 њутнметри. Опција е безстепен менувач, за купувачите што сакаат комоција на автоматик.

Автомобилот е долг 3,7 метри, комотно широк 1,74 метар и прилично висок со 1,53 метар. Крајната брзина изнесува 158 km/h, спринтот до темпо сто трае 15,6 секунди. Според реалниот циклус, просечната потрошувачка изнесува 4,7 литри.

Посебност на моделот се четирите заштитни бои. Како што порачуваат продукт-менаџерите, Ayto X ја „зачинува“ понудата од модели во класата. Соодветно на тоа, во боите на најкористени зачини се нудат: Чили ред, ѓумбир беж, смрека сина и карамом зелена, сите во комбинација со црн покрив.

Понудата почнува со Toyota Aygo X 1.0 Joy со цена од 13.490 евра. Комплетниот пакет за безбедност одамна не е новина кај јапонската марка. Стандард уште во најмалечкиот модел се самостојно запирање при пешак или велосипедист на патот, адаптивен темпомат, систем за задржување во лента со активен зафат, камера за знаци. Убав потег се и тркалата од 17 инчи.

Комфорната и функционалната електрика е стандард, дури има и грејачи во ретровизорите. Истото важи и за клима уредот, мултифункцискиот волан, радиото со дисплеј од 7 инчи. Со оваа опременост, со основниот модел на Toyota Aygo X може да се живее сосем пристојно

Во второто ниво Play следат уште кожа на воланот и на рачката на менувачот, задна камера и каросериски детали во боја на каросеријата, со цена од 13.990 евра, односно за 500 евра повеќе од основниот модел. За двобојна карсоерија треба да се посегне по третото ниво Pulse, а тоа значи 15.290 евра. Во цената во ова ниво се вклучени уште алу-тркала, затемнети задни стакла, диодни предни светла, магленки, посебен дезен на седиштата и уште еден инч екстра за средишниот дсплеј. Топ нивото е Envy, се испорачува исклучиво со менувач CVT и чини 18.690 евра.

Aygo X е првата од големите новини чијашто премиера годинава ќе ја видиме во салонот на Toyota. Следат кросовер-изведбата Corolla Cross, нова генерација на бестселерот на Lexus на нашиот пазар, на СУВ-моделот од средната класа Lexus NX, но и на електричниот модел bY4X, кој е пандан на RAV4, но со погон само на батерија.

⇒ Линк до вебсајтот за моделот на Тојота Авто Центар

https://www.toyota.com.mk/model/aygo-x/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Сите модели на Peugeot се осумки, само еден продолжи до девет

Три модели на Opel со погон 4×4: Grandland Hybrid4, Insignia, Insignia GSi