за

Како семејната Kia Ceed стана спортска Kia Ceed GT Line

Тоа што Kia го нуди под ознаката GT Line во својот компакт Ceed, повеќе е моделска изведба отколку што е ниво на опрема. Оваа спортска изведба нé потсеќа на некои стари и добри времиња.

Спојлер напред, проширени прагови, сменети светла напред и назад, специјални седишта и тркала со дизајн какви што никој нема – по тоа некогаш се познаваа љубителите и познавачите на автомобилите. Kia Ceed во моделската изведба GT Line го внесува духот од пред две-три децении, во бурната, но унифицирана денешница.

Сцената на тјунингот некогаш беше многу помоќна и поприсутна во автомобилскиот свет. Тоа што гигантските производители на автомобили го правеа добро, тјунерските работилници и компании го правеа уште подобро. Германскиот D&W своевремено го постави врвот, откако буквално сите ставки што можеа да се водат како тјунинг, ги понуди во форма на стоковни куќи. Од секакви можни варијанти на приспособливо подвозје со печат на Koni, Bilstein, до тематски пинови за затворање на вратите и платнени коцки за обесување на ретровизор, немаше нешто да недостига.

Автомобилскиот свет со децении живееше во знакот на тјунингот, со гласна музика, силно треперливо светло и дами што човечката анатомија ја прикажуваа во најубавата можна форма. Фирмите правеа стотици милиони, а сцената милијарди евра промет. Есен Мотор Шоу беше главен исто колку ИАА во Франкфурт или Аутоекспо во Женева. Нормално дека производителите на автомобили не сакаат кога некој им одзема толку пари, па ја презедоа работата во свои раце. Така се појавија генерации модели што излегуваа практично фабрички тјунирани. Индустриски тјунирани.

Кога сите автомобили ќе почнат да излегуваат од фабрика како да се тјунирани, луѓето едноставно престануваат да забележуваат дека автомобилите се тјунирани; Kia Ceed во изведбата GT Line ја смени шемата, направи нешто различно

Некои работи сепак не се за масовно производство, за индустрија. Кебапи во конзерва, тоа не бидува. Во светот на автомобилизмот отсекогаш се ценела индивидуалноста, тоа што им дава посебност на нештата. Тјунирањето не е тјунирање ако се изведува по шема, којашто менаџерите на големите автомобилски концерни решиле да ја користат, затоа што им гарантира најширок круг купувачи. Во време кога повеќето марки и повеќето класи почнаа да личат едно со друго, секако со фабрички тјунинг, луѓето едноставно престанаа да забележуваат дека автомобилите се тјунирани.

Kia Ceed GT е посебна категорија, таму има зафати и во подвозјето, во сопирачките, има и екстра 44 КС во споредба со 1.5 T-GDi, едноставно сé е доведено до оптимум, кога се бара чисто спортски автомобил, но затоа и цената на спортскиот врв е близу 30.000 евра; Ceed GT Line го следи стилот на GT, во комбинација со комфорот и економичноста на стандардниот Ceed Edition 1, по многу подостапна цена

Моделското освежување на Kia Ceed донесе во салоните на марката, не еден, туку три Ceed. Едниот е во изведбата во каква што го познававме и досега, убаво дизајниран во традицијата на Kia, практичен и комотен, гарантирано нерасиплив, богато опремен и со висока противвредност. Вториот Ceed исто така ни е познат копцепт и тој е круна на гамата на компактот, тоа е спортскиот Ceed GT, необврзан да биде најсилен и најскап во класата, признаен како член на друштвото на спортски компакти.

Kia не калкулира. Постојат примери кај конкуренцијата, кога многу од деталите кај Kia Ceed GT Line се изоставуваат или се изведуваат со помалку внимание, само за да се остави простор за некој поскап модел да го наплати тоа двојно; Ceed GT Line е чесна понуда

Третата изведба е новина во семејството на Ceed. Тоа што се нуди под името GT Line не е само ниво на опрема, туку со обемот на зафатите што се извршени по и во целото возило, повеќе е моделска изведба. Мајсторијата на дизајнерите и на продукт-менаџерите на Kia е во тоа што не се работело само на тоа да има бројни зафати, туку е работено со идеја, со цел. Производителот не го наведува тоа официјално, но тоа што сите го гледаат во Ceed GT Line е токму тоа, обновување на добриот стар тјунинг. Тоа пак е „индустриски“ производ, но со душа.

Пред преоѓањето во новата година, Kia Ceed GT Line го имавме на тест во редакцијата. За Ceed уште од претходните тестови знаевме што може да понуди и да постигне. Но, во оваа изведба со спортски нагласок, едноставно сé што знаевме дека Ceed го умее и може, изгледаше уште поверодостојно. Кога се седи во спортски седишта, се држи волан со занаетчиски квалитет на изработка, секако дека и чувството за автомобилот е различно. Тоа е исто како да отидете во специјализиран сервис, за на возилото да му вградат спортски издув, и потоа истиот тој автомобил што го возите секој ден, да ви се чини како да е сосем друг автомобил. Разликата е во тоа што кај Ceed GT Line, впечатоците се многу посилни.

Најмалку пет различни детали само во маската на спортската изведба GT Line

Но, што е сé променето во транформацијата од Ceed во Ceed GT Line? Нормално, сé почнува од маската. Горната и долната ламела во маската, што го сочинуваат препознатливиот „тигарски нос“ на Kia, кај Ceed Edition 1 се лакирани во хромиран финиш, додека кај спортскиот GT Line се матирани и изгледаат како сатен. Понатаму, растерот на решетката е видно покрупен и сé е лакирано е во црна сјајна боја, вклучувајќи го и тенкиот раб од рамката на маската. Тоа се фини детали, но токму во тие фини детали е разликата.

Галеријата ги прикажува детално разликите меѓу Kia Ceed Edition 1 и Kia Ceed GT Line:

Браникот е комплетно различен. Останува шемата со долната маска што се проширува надолу, но GT Line повторно прави екстра „приказна“ . Додека стандардниот Ceed Edition 1 е уредно дотеран, GT Line додава две ламели, фина ламела како завршеток на браникот и веќе препознатливата комбинација од сјајна црна решетка со крупен растер. Местото што обично е резервирано за магленките, тука е претворено во дизајнерски потпис, со големи површини што целосно го прикажуваат сјајот на црните акценти во маската.

Како мајсторски белег, оваа црна површина преоѓа кусо во лајсна и завршува директно на арката на предните крила. Целата оваа дизајнерска драма создава впечаток како овие украсни површини странично од долната маска да се разлеале по страниците на Ceed при возење со висока брзина. Магленките се стандард во GT Line, но очигледно не се на вообиаченото место. Тие се дел од светлата, што исто така се разликуваат кај спортската изведба на Ceed.

Главната разлика отстрана секако дека ја прават алу-тркалата од 17 инчи, со пет краци во форма на чатал. Тркалата се двобојни, нормално, со основа во црна сјајна боја и со контрастни површини во боја на алуминиум. Станува збор за посебен начин на изработка, за којшто германскиот јазик како и секогаш има соодветен термин – „гланцгедрет“ (glanzgedreht). Генерално, тркалата по леењето и фината доработка, се лакираат во завршниот тон, за потоа да се постават на „дребонг“ (погодувате дека и тоа доаѓа од Drehbank, односно струг), за со нож со дијамантска глава да се симне мал дек од завршниот лак и да се добие препознатливиот сјај на сивата површина на овие тркала.

Гуми Michelin Primaxy, ова не е првпат кај модел на Kia да забележиме врвни пневматици – тоа е добар знак

Не случајно, дизајнот на бандажите го отвора погледот кон сопирачките клешти – фановите нема да пропуштат да ги лакираат во боја по свој избор. Гумите се Michelin Primacy 4, со димензија 225/45 R17, и нормално дека доаѓаат од германската фабрика на францускиот специјалист, од земјата во којашто воедно се наоѓа и центарот на Kia за Европа.

Со примерна посветеност се изработени и страничните прагови. Во проширувањето на праговите во боја на каросеријата, вметнати се два профили, едниот во сјајна црна боја, а вториот впуштен во долниот крај на прагот, во мат сребрена боја. GT Line има и хромирани лајсни околу страничните прозорци. Куќиштето на ретровизорите тука е лакирано во сјајна црна боја, толку мазна што целата средина се огледува од нив. За разлика од стандардниот Ceed Edition 1, во ретровизорите на спортскиот модел се вградени и трепкачи. Тоа што е заедничко обележје на целата гама на Ceed се затемнетите задни стакла.

Кај останатите спортски варијанти во класата обично се добива впечаток како дизајнерите и проект-менаџерите да изгубиле волја и инспирација додека да дојдат до опашот на возилото. Тука се случува токму спротивното. Обемот на зафатите во ниту еден детал не заостанува зад посветеноста што се препознава во предниот дел.

Целата приказна околу гамата на Ceed се заокружува со спортското комби со премиум дух, со Kia ProCeed GT, со 1,6-литарец со 204 КС и 7-степен менувач со двојна спојка · Линк до тестот

Светлата имаат сосем различна графика и функција. Нив ги сочинуваат 48 светлечки диоди со шестаголна рамка околу нив, што се поставени на црна основа и бели се додека не се вклучат. Точно овие детали прикажуваат верно, колку Kia посветува внимание во изработката. Браникот е контуриран различно, со цел да се постигне подинамичен изглед. Тука се разбира значењето на поимот „дизајнерски јазик“ на една марка. Истите зафати што претходно се видени напред, продолжуваат во опашот. Тоа значи: Масивен стилски елемент во црна сјајна боја странично во браникот и стилизиран дифузор долу, во препознатливата шема. Сето тоа завршува уредно со беџ GT Line.

Надворешните посебности на GT Line им годат на очите, внатрешните посебности на душата:

Тоа беа само надворешните разлики меѓу Kia Ceed Edition 1 и спортската изведба Ceed GT Line. Во поглед на квалитетот на возењето и во уживањето во престојот во Ceed, секако дека поголемо влијание имаат ставките во кабината. Само мал извадок од посебните детали кај GT Line:

  • Спортски волан со зарамнет долен дел
  • Спортски седишта во комбинација од платно и вештачка кожа
  • Спортски алуминиумски педали, перфорирани
  • Плочки на праговите од алуминиум
  • Таванот и столбовите обложени со платно во црна боја
  • Пристап во возило и старт на моторот на копче
  • Автоматски клима уред со две независни зони и автоматско одмаглување на стакла
  • Автоматска контрола на светла и бришачи
  • Внатрешен ретровизор со електронско затемнување
  • Украсни панели на арматурната табла, покрај рачките во вратите и околу рачката на менувачот во црна сјајна боја

Зафати во моторот, во издувот, во подвозјето, сопирачките? Тоа се подрачја во коишто производителите на автомобили одамна ги „престигнаа“ тјунерите. Кај возилата што денес ги нуди индустријата, нема компромиси во поглед на клучните подрачја што се важни за безбедноста во возењето, а тоа ги вклучува и возните својства. За тјунерска интервенција, останува малку простор.

Kia Ceed и во стандардната изведба Edition 1 е прилично комплетен пакет, во Ceed GT Line се добива префинетост и печат на автомобил од повисока класа

Од друга страна, во поглед на возната динамика, Ceed брилјира уште во стандарната изведба. Со 160 КС од турбо-машина, што во исто време е способна да помине сто километри со само шест литри гориво, во комбинација со еден од најобрите рачни менувачи, нема потреба да се бара нешто повеќе во поглед на перформансите или во софистицираноста на механиката.

Ако се земе предвид и нивото на комфор што подвозјето на компактот на Kia го постигнува со 17-инчните тркала со гуми со профил 45 во изведбата GT Line, тогаш е јасно дека со овој автомобил се добива еден прилично комплетен пакет.

Најдоброто одамна не следи на крајот, кога се доаѓа до делот за цените, но овојпат најдоброто навистина следи на крајот. Цената за сите овие зафати што се вршат на производствената лента, за Kia Ceed да стане Kia Ceed GT Line изнесува 2.700 евра. За половината од таа сума, своевремено во стоковните куќи на D&W не можеа да се купат ниту четири алу-тркала на GT Line. Не вклучувајќи ги гумите.

>>> Тест · Kia Ceed 1.5 GT Line · Ги враќа симпатиите во компакт-класата

 

Линк до веб-страницата за Kia Ceed

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Renault ќе произведува во Јужна Кореја, техниката од Volvo

Сите модели на Peugeot се осумки, само еден продолжи до девет