за

Peugeot 3008 во Еуроимпекс: Хибридниот погон е природна средина за лавот

Многу делови од приказната се вклопија откако хибриден Peugeot 3008 се појави во салонот во Скопје. Ова не е прв „3008“ што користи електромотор во погонот.

Воведувањето електричен погон во гамата на Peugeot врви, и тоа почнува да се чувствува и на македонскиот пазар. Возењето со помош од електромотор или возењето чисто со погон од електромотор им се допаѓа на луѓето. Еуроимпекс неделава изложи Peugeot 3008 1.6 Hybrid 225 во главниот салон. Но, има многу поголема приказна од тоа.

Тоа го нарекуваат моќ на забележување. Но, може да биде и спротивното. Еден детал во салонот на Peugeot сигурно го забележале многумина, меѓутоа само мал дел се прашале зошто е тоа така. На пример, сегментот во подот на салонот што е обложен со дрво. Или широките светлечки елементи со квадратна форма во таванот, што изгледаат како светларници што ја пропуштаат дневната светлина. Кога веќе внимането ќе биде привлечено натаму, се забележуваат и растенијата на сите страни, природните тонови, комплетното опкружување со стакла. Францускава марка цело време нешто ни соопштува, но досега постојано сме биле зафатени со друго.

Причината за одеднаш да почнат да се забележуваат овие работи е еден Peugeot 3008, што натписите отстрана и назад го идентификуваат како автомобил со хибриден погон. Еве ја и логичната низа. Електромоторот му помага на бензинецот и му ја смалува потрошувачката на гориво, тоа значи помалку емисија на штетни материи, тоа значи почиста животна средина, а на крајот, тоа значи и подобра средина за живеење. Лавот, вековниот заштитен знак на Peugeot, тешко дека се поврзува со нешто друго освен со природа. А, лавот на Peugeot, не е само лав, туку е и човек.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во основа, многу филозофирање, а заклучокот пак е истиот: Peugeot отсекогаш внимавал на животната средина, и сегашното преоѓање на електричен погон, било како асистенција, било како примарна движечка сила, убаво се вклопува во целиот настап на француската марка. Разликата е во тоа што денес е многу повидлива таа свест на француската марка за животната средина и за сé живо во неа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Триилјади и осумката на Peugeot во салонот е згодна, препознатлива, достоинствена, иста каква што пролетоска имавме за возење во нашата прва репортажа во трилогијата за подзаборавениот, а толку вреден мариовски крај. Тој „3008“ користеше дизел, овој располага со 1,6-литарски турбо-бензинец и електромотор. Станува збор за приклучен хибриден погон, а тоа се препознава отккао ќе се забележи дека Peugeot 3008 1.6 Hybrid 225 поседува по еден поклопец за „гориво“ и на левото и на десното задно крило. Поклопецот од десната страна го ослободува пристапот до приклучокот за полнење на батеријата.

Колку се 55 километри? Доколку секој ден се минува толкава километража, за една година би се извозеле над 20.000 километри

Со полна батерија, хибридниот СУВ може да мине до 55 километри. Тоа е повеќе од просечна дневна километража на македонките возачки и возачи, многу повеќе. За ориентација, кога секој ден би минувале по 55 километри, тогаш за една година би се извозеле 20.075 километри. Ете колку се „малку“ тие 55 километри на струја. Кој е толку ентузијаст за електричниот погон, а во време кога горивата повеќе нема да престанат да поскапуваат, има уште посилна причина за човек да биде ентузијаст, тогаш би можело 3008 Hybrid секоја вечер да се остави на полнач, за наутро повторно да се стартува на струја и вообичаената дневна тура да се извози на струја. Полнач може да се постави и во  гаража, а зошто да не и пред зграда, не мора секогаш да биде во прашање јавен полнач.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кога треба да се отпатува подалеку, тогаш Peugeot 3008 Hybrid 225 функционира како секоја друга моделска изведба на компактниот СУВ, со екстра услуга од електромоторот, кој пак ќе му помага на моторот. Според нормата за изразување на потрошувачката на автомобили со приклуичен хибриден погон, овој Peugeot би трошел 1,4 литар бензин на сто километри. Тоа важи во случај кога ќе се појде со полн резервоар, ќе се вози 55 километри само со помош на енергијата во батеријата, а во преостанатите 45 километри ќе работат заедно бензинецот и електромоторот, при што првиов ќе потроши 1,4 литар бензин. Реално, според нашите искуствени заклучоци, може да се очекуваат вредности на потрошувачка со четворка или петка пред запирката. Сосем пристојно.

Погонската спрега ја сочинува 1,6-литарски турбо-бензинец со директно впрскување, познат меѓу другото и од Peugeot 508, со 181 КС и 320 њутнметри, електромотор со моќност од 110 КС, потоа осумстепен автоматски менувач и литиум-јон батерија со нето-капацитет од 11,5 киловатчасови. Системската моќност изнесува 225 КС (не се собираат моќноста на бензинецот и електромоторот, затоа што двете погонски единици никогаш не работат истовремено со полна моќност), системскиот вртежен момент достигнува 360 њутнметри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

При користење обичен приклучок за струја, полнењето до 100% би траело 450 минути, односно 7,5 часа, со ѕиден полнач од 3,7 kW што може да се постави во гаража, времетраењето се скусува на 245 минути (околу 4 часа), додека со помоќен полнач со 7,4 kW, полна батерија следи по само 120 минути, односно 2 часа. При користење на полначите на ЕВН, батериајта се полни за 1 час и 40 минути.

Функционалноста и секојдневната практичност не се разликуваат од останатите моделски изведби во гамата на Peugeot 3008

Ограничувања во секојдневието не постојат. Peugeot 3008 Hybrid може да влече приколка до 1.250 килограми, носивоста му изнесува 452 килограми, багажникот располага со 395 литри. Уште помалку ограничувања има во поглед на перформансите. Токму спротивното, ова е моќна машина, што спринтува за 8,7 секунди до темпо сто и постигнува крајна брзина од 225 километри на час. Дури и доколку се користи чисто електричен погон, брзината може да изнесува до 135 km/h, пред да се разбуди моторот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Примерокот што е изложен во салонот, ориентациски чини над 50.000 евра. Сепак станува збор за супер-модел, со ниво на опрема GT, само едно ниво под топ-нивото GT Pack. Освен во овие престижни нивоа на опрема, хибридниот 3008 е достапен и во средните нивоа Allure и Allure Pack, што ја потспуштаат цената поблиску до споредливите модели со обичен погон.

Има и не толку мала привилегија за моделите со приклучен хибриден погон во Македонија. Место полниот износ на данокот за возило, што се одредува според вредноста на возилото и емисијата на СО2, што тука е на минимум, за приклучните хибриди во Македонија се плаќаат 50% од износот. Тоа се неколку илјади евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дополнително постои и верзија 3008 Hybrid4, со моќност на бензинецот зголемена на 200 КС, но и со втор електромотор на задната оска, со моќност од 112 КС, кој обезбедува ипоогон на сите тркала. Системската моќност на Hybrid4 изнесува 300 КС. Повеќе од импресивно.

Французите нудеа хибриден погон уште во претходната генерација на кросоверот, кога уште беше сензација вториот електромотор на задната оска. Во 2009 година, првата генерација на Peugeot 3008, беше посебна не само по каросериската форма и нејзината фантастична просторност и функционалност, и не само по кокпитот што уште тогаш потсеќаше на авионски кокпит, туку беше единствена поради хибридниот погон, во 3008 Hybrid4.

Уште во претходната генерација, Peugeot 3008 привлекуваше (и) со хибридниот погон

Тогаш беше доволна и системска моќност од 200 КС, постигната од дволитарски дизел со 163 КС, електромотор со скромни 37 КС, шестстепен автоматик и никел-метал-хидрид батерија, со капацитет за само 5 километри да го движи кросоверот на струја. Покрај тоа, актуелниот 3008 Hybrid, тежи само 30 килограми повеќе, иако е поголем и располага со бројни ставки опрема кои уште не биле достапни пред повеќе од една деценија.

Тоа е напредокот, хибридниот погон не е „еден“, туку и тој се развива.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

На нашиот инстаграм профил како и секогаш ќе може да ги погледнете останатите снимки што ги направивме во салонот

https://www.instagram.com/automedia.mk/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota 2000GT во ‘66 година возеше три дена без престан со 206 km/h просек

Mercedes-Benz е највредна луксузна марка автомобили во светот