за

Toyota 2000GT во ‘66 година возеше три дена без престан со 206 km/h просек

Првиот суперспортски автомобил од Јапонија си обезбеди суперлативи уште пред да се појави во салон. Toyota 2000GT за три дена извозе 16 светски и интернационални рекорди.

Во тие години, светот уште не знаеше многу за Toyota. Еден автомобил беше доволен за ситуацијата да се смени од корен. Toyota 2000GT ѝ донесе светска слава на јапонската марка.

Во октомври, пред 55 години, светската сцена на суперавтомобили доби уште еден, дотогаш непознат херој. Toyota 2000GT. Првиот јапонски суперспортски модел од рангот на Ferrari, Maserati, Lamborghini & Co, постигна три спектакуларни светски рекорди на високобрзинската патека Јатабе. На оваа историска патека во јапонската префектура Саитама, истовремено паѓаа и рекорди по одделни класи, вкупно 13 интернационални рекорди во класа. Целиот потфат беше надгледуван од претставници на FIA, светската автомобилистичка асоцијација.

Кусо по премиерата на прототипот на Toyota 2000GT на салонот во Токио во 1965 година и по првите постигнати успеси на тркачките патеки, следеше и првиот голем стрес-тест за новата голема гордост на јапонската марка. Toyota 2000GT беше пуштен да извози 72 часа со најбрзо можно темпо и без престан, долго пред да започне сериското производство на автомобилот. Спортскиот модел требаше да стартува со производство дури во средината на 1967 година. Овој успех му донесе култен статус на ултрабрзиот 2000GT и место на Toyota во малиот круг на производители на суперавтомобили и технолошки напредни автомобили.

Toyota 2000GT стартуваше серија спортски модели во којашто до денес се имаат појавено повеќе од 80 спортски купеа

Во јапонското купе работеше најсовремениот 2,0-литарски шестцилиндарец во светот, со две брегасти вратила во главата и со средишно поставени свеќички во полукружните комори за согорување. Автомобилот се докажа дека е способен да поставува рекорди по неговото огнено крштевање на трката за големата награда на Јапонија во Фуџи, во мај 1966 година. Спортскиот модел со 150 КС ја заврши својата прва трка на третото место.

Два од вкупно 351 произведени примероци се наоѓаат во музејот на Toyota во Келн

New photo by Automedia MK / Google Photos

На првата трка во издржливост во Јапонија, на 1.000 километри Сузука, што се одржуваше веќе во следниот месец, Toyota 2000GT постигна двојна победа. Инженерите ја зголемија моќноста на моторот напојуван со три двојни карбуратори Weber на 200 КС. Во комбинација со лесната конструкција на возилото, тоа беше доволно за крајна брзина од 250 km/h, побрзо и од европските конкуренти со мотори V12.

Големото историско поглавје се случуваше од 1-ви до 3-ти октомври 1966 година. Toyota 2000GT требаше да ја врати во Јапонија круната на најбрз маратонец во светот. Временските услови не помагаа многу. Напрптив, при подвигот беше придружен од ненадејни, монсунски дождови. Но, тимот спонзориран од Esso, во Toyota со каросерија лакирана во жолто-зелена комбијација, беше непоколеблив. Исто и техниката на автомобилот од претсериско производство, со алуминиумска каросерија, ништо не можеше да ја поколеба.

Toyota GT86 во боите на рекордерскиот автомобил од 1966 година

New photo by Automedia MK / Google Photos

За рекордерското возење беше избрана 2000GT што претходно, во мај, возеше на гранприто во Фуџи. При пробните возења, изби пожар во возилото. Штетата беше поправена, а подготовката на автомобилот за 72-та часа возење под полна гас му беше доверена на Tosco (Toyota Sports Corner), претходник на денешниот Toyota Gazoo Racing.

Единствените промени беа во вградувањето резервоар од 144 литри, како и во отстранувањето на преклопливите светла и нивна замена со рефлектори, поставени во маската. Исто беше продолжен и преносниот однос, со цел да се постигне крајна брзина од 225 km/h.

Петте јапонски возачи, Саши Фукузава, Хироши Фушида, Шихоми Хосоја, Мицио Тамура и Томохико Тутми, сепак беа советувани да не возат побрзо од 210 km/h за време на нивните 2,5 часовни смени зад воланот. На крајот се постигна просек што беше незначително под 210 km/h, и покрај времето за замена на возачите и за налевање гориво.

Успехот на Toyota 2000GT беше дополнително сензација поради тоа што стануваше збор за прототип. Дотогаш се немаше слуечно автомобил што е во фаза на развој да не се расипе или да покаже недостаток при возењето во екстремни услови.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Toyota ја испочитува традицијата со Lexus LFA во 2013 година, кој се цени како современ наследник на 2000GT, а потоа и со Toyota GT86, што во 2015 година стартуваше во Велика Британија со каросерија лакирана во стилот на рекордерот од брзинската патека Јатабе.

Историскиот автомобил беше оштетен подоцна во судир, па Toyota изработе реплика. Да се дојде до примерок од серијата од само 351 возило е посебно скапо и ретко задоволство. Се зборува за суми од милион евра. Toyota 2000GT беше автомобилска ѕвезда и во серијалот за Џејмс Бонд, во „Само двапати се живее“ во 1967 година. Во филмот, патем, се појавува родстер изведба. Изработени се два примероци со отворена каросерија, поради тоа што високиот Сер Шон Конери не го собираше под покривот на купето.

Рекордите на Toyota 2000GT

Светски рекорди

  • 72 часа со 206,02 km/h
  • 15.000 km со 206,04 km/h
  • 10.000 милји со 206,18 km/h

Рекорди во класа

  • 6 часа со 210,42 km/h
  • 1.000 милји со 209,65 km/h
  • 2.000 километри со 209,45 km/h
  • 12 часа со 208,79 km/h
  • 2.000 милји со 207,48 km/h
  • 24 часа со 206,33 km/h
  • 5.000 километри со 206,29 km/h
  • 5.000 милји со 204,36 km/h
  • 48 часа со 203,80 km/h
  • 10.000 километри со 203,97 km/h
  • 72 часа со 206,02 km/h
  • 15.000 километри со 206,04 km/h
  • 10.000 милји со 206,18 km/h

>>> Ретки слики и факти од снимањето

Ten facts about James Bond’s Toyota 2000GT

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Škoda со едно дрво за секој продаден автомобил до милион дрва

Peugeot 3008 во Еуроимпекс: Хибридниот погон е природна средина за лавот