за

Сузуки-сан заминува во пензија на 91 година

Осаму Сузуки, по повеќе од 40 години на врвните позиции во Suzuki, најави дека летово ќе го отстапи цептерот и ќе се повлече од претседателската позиција.

Toyota Suzuki соработка

Тој е легенда, прочуен далеку вон границите на Јапонија и важи како најдолго активен топ-менаџер во автомобилската индустрија. Осаму Сузуки, на своја благословена 91 годишна возраст, во јуни ќе го остапи претседателското место во компанијата што произведува автомобили, мотоцикли и бродски мотори.

Осаму Сузуки и самиот беше на позицијата на извршен директор во Suzuki, во периодот меѓу 1978 и 2000 година. Потоа ја презеде претседателската функција, на којашто остана до денес. Компанијата Suzuki лани одбележа стогодишнина од основањето.

Сузуки-сан е ценет по отворениот говор, по челичната волја и по штедливоста. „Сакам да умрам во борба“, своевремено изјави Јапонецот во интервју за гласникот на автомобилската бранша Automotive News.

Под негово раководство, Suzuki влезе во бизнисот со мини-возила од привилегиганата категорија на Kei-Cars во Јапонија, каде што се постигнуваат одлични продажби. Само на оваа категорија возила, долги до 3,4 метри и со мотори до 660 сантиметри кубни, отпаѓаат 40% од целиот автомобилски пазар во Јапонија.

Господин Сузуки е одговорен и за освојувањето на индискиот пазар, каде што Suzuki преку партнерството со Maruti, уште од 1980-те години ја ужива позицијата на пазарен лидер, покрај Daihatsu.

Сузуки откажа стратешки соработки со GM и VW затоа што не прифаќаше позиција на јуниор партнер

Историјата на компанијата и на нејзиниот патријарх не беше секогаш проследена со успеси. Две стратешки партнерства, прво со General Motors, а потоа со Volkswagen, беа откажани затоа што Сузуки одбиваше да прифати позиција на помлад партнер. Потоа Сузуки стапи во технолошка соработка со Toyota, којашто се одвива одлично и беше проширена во 2019 година со вкрстено меѓусебно учество на компаниите.

Осаму Сузуки при посета на дилерката мрежа на својата марка
New item by Automedia MK / Google Photos

Осаму Сузуки е роден како Осаму Мацуда. Тој се ожени со внука на основачот на фирмата, Шоко Сузуки, чиешто презиме го носи. Неговата работа во Suzuki почнува во 1958 година, за точно две децении подоцна да стане шеф на управниот одбор.

Патријархот го почна своето повлекување од Suzuki уште пред неколку години. Во 2015 година, тој ја предаде функцијата на оперативен претседател на својот син Тошихиро.

Една од бројните приказни што се поврзуваат со строгото штедење на Осаму Сузуки: По една и единствена посета на фабрика на Suzuki, тој издал налог да се одвртат 1.900 светилки, заради заштеда во потрошувачката на електрична енергија. Сузуки исто им препорачал на врвните менаџери да користат директна железничка линија, затоа што преседнувањето од еден во друг воз е поскапо.

>>> Suzuki Vitara со 48-волтен хибрид и автоматски менувач

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

kia sportage black edition

Kia започнува кампања за Sportage Black Edition

Ioniq 5 е повеќе од електричен автомобил