за

Ioniq 5 е повеќе од електричен автомобил

Ioniq 5 е првиот модел од електричната подмарка на Hyundai. Кросоверот се нуди со различни изведби на погон, првите клиенти во Европа ќе го добијат својот електромобил веќе во јули.

Ioniq 5 е прв во серијата моделски премиери, што до 2024 година ќе донесе уште два нови модели со погон на струја. Сите се изработени врз новата платформа E-GMP, којашто е развиена заедно со партнерот Kia.

Сензацијата почнува таму каде што истата обично спласнуваше досега. Кај цената. Без субвенции, цената на електричниот Ioniq 5 на најголемиот пазар за електрични автомобили во Европа, германскиот, стартува од 41.900 евра. Со субвенција, конкретно 9.000 евра, првиот модел од електирчната подмарка на Hyundai чини исто колку компактен СУВ со обичен погон и малку побогата опрема.

На почетокот на продажбата се нуди ексклузивна серија со име Project 45, со голема батерија од 72,6 kWh, погон на сите тркала, предни седишта за залегнување, со соларен покрив и задна клупа што се поместува со електромотор. Редовната цена на моделот со „фул-опрема“ чини 59.550 евра. Со германската субвенција, ексклузивниот Ioniq 5 со пакет Project 45 доаѓа до 49.980 евра. Како благодарност за најхрабрите клиенти, Hyundai на купувачите на овој модел ќе им овозможи бесплатно користење на мрежата од супербрзи полначи Ioniq во период од две години.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Напредната платформа дозволува исклучителна просторност во кабината, мерено според димензиите на каросеријата, но и нови функции во самиот ентериер. Покрај 800-волтната технологија што се грижи за брзо полнење, посебност на Ioniq 5 претставува можноста енергијта во батеријата да се користи и надвор од возилото, на пример за потрошувачи во домот или за елеткрични уреди при излет и сл.

Дизајнот е комплетно скршнување од тековните норми и претстсавува посебна приказна. Тој е едноставен, футуристички, препознатлив. Ioniq 5 е долг 4.635 милиметри, широк 1.890 милиметри и висок 1.605 милиметри. Ова е уште една сензација: Меѓуоскиното растојание изнесува 3.000 милиметри. Просторноста е како во петметарска лимузина со обичен мотор.

Рачките на вратите се впуштени и придонесуваат за аеродинамичноста. Главниот нагласок во стилот е во закосениот заден столб, верно на студијата „45“, од којашто е произлезен изгледот на Ioniq 5.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Боите за каросеријата се испирирани од природата: Finish Gravity Gold и Shooting-Star Grey (двете се мат), Digital Teal, Mystic Olive, Lucid Blue и Phantom Black (со минерален ефект). Палетата ја дополнуваат бела боја и металик боите Galactic Grey и Cyber Grey.

Кабината е создавана со идеја да личи како дневна соба. Најмногу се идвојкува средишната конзола, којашто „архитектите“ на Ioniq ја нарекуваат мултифункциски остров. Таа може да се повлече 140 милиметри наназад, овозможувајќи меѓу другото возачот лесно да излезе низ десната врата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Предните седишта имаат потпирач за нозете и функција за релаксирање. Тоа дозволува возачот буквално да залегне додека на пример се полни батеријата на возилото. Багажникот располага со зафатнина од 531 литри, односно до 1.600 литри при соборување на клупата. Под хаубата има екстра багажник, од 57 литри.

Посебно внимание е посветено на изборот на материјали од обновливи извори и материјали што се соодветно обработувани. Тоа вклучува и штавење и бојадисување на кожата со екстракт од ленено семе, текстил од шеќерна трска, волна и сл. Површините во кокпитот, површините, воланот и вратите се обложени со полиуретански биолак, што се добива од масло од репа или пченка.

Соларниот покрив е опција и на годишно ниво може во батеријата на возилото да испорача енергија за најмногу 2.000 километри – тоа се повеќе од 5 километри дневно

На купувачите им се нуди широк дијапазон можности. Тоа значи батерија од 58 kWh или 72,6 kWh. Топ-изведбата располага со по еден електромотор напред и назад, со системски 305 КС и 605 њутнметри. Со поголемата батерија, оваа верзија на Ioniq 5 спринтува до темпо сто за 5,2 секунди. Доколку купувачот се реши за помалата батерија, тогаш системската моќност е 235 КС. Спринтот трае 6,1 секунди.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Подостапни се изведбите со заден погон, со електромотор со 125 kW (170 КС) на задната оска. Со субвенцијата од 9.000 евра во Германија, место редовните 41.900 евра, основната изведба на Ioniq 5 таму чини 32.330 евра. Од опремата се стандард диодни светла, алу-тркала од 19 инчи, два дисплеи од по 12,25 инчи, навигација, камера за рикверц, греење во седиштата и бројни системи за асистенција.

Во случај да се избере поголемата батерија, Ioniq 5 добива електромотор од 160 kW (217 КС). Досегот на оваа варијанта изнесува 470-480 km според нормата WLTP. Во сите изведби на Ioniq 5, задниот електромотор испорачува 350 Nm, предниот 255 Nm. Ова е воедно еден од ретките електромобили што може да влече приколка, со тежина до 1.600 килограми.

При користење брз полнач од 350 kW, батеријата се полни од 10 до 80% за само 18 минути. На секои пет минути на полнач, батеријата се полни со енергија за 100 километри.

Интересна е можноста електричниот велосипед или скутер да се полни при возењето или додека возилото е уште на полнач. Оваа функција испорачува моќност до 3,6 киловати. Еден приклучок е под задната клупа, вториот е од надворешната страна, покрај приклулокот за полнење на батеријата. Со обичен адаптер може да се користи кој било уред за наизменична струја со напон од 230 волти.

Ioniq во следните три години ќе претстсави уште два модели, едниот е спортска лимузина Ioniq 6, вториот е СУВ-модел од средна класа Ioniq 7.

Деновиве се очекува својот прв модел врз платформата E-GMP да го претстави и парнерот Kia.

>>> Електричниот кросовер на Kia ќе полни батерија за 15 минути

kia електричен кросовер

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Suzuki соработка

Сузуки-сан заминува во пензија на 91 година

Porsche ги потпомага младите фирми со добри идеи