за

Opel развива нова технологија на светла заедно со германски универзитет

Во концернот Stellantis моментно работат 15 таканаречени OpenLabs, во коишто марките од концернот развиваат нови технологии во соработка со врвни научни институции.

Opel и Техничкиот Универзитет Дармштат заеднички развиваат идни технологии на светла. Тоа е дел од светската истражувачка мрежа на концернот Stellantis, при што се остварува соработка со реномирани универзитети. Моментно се активни 15 „отворени лаборатории“ (OpenLabs), чијашто цел е да се стекнат научни сознанија, кои понатаму ќе се користат за идните генерации автомобили.

Неодамна стартуваше првата OpenLab на концернот Stellantis во Германија. Стратешкото партнерство со Техничкиот Универзитет Дармштат треба да отвори нова ера на технологијата на автомобилските светла. Stellantis во следните четири години ќе финансира тројца докторанди во специјалистичките подрачја на електротехника и информациска техника.

„Напредните светлосни системи што се приспособуваат, постигнуваат многу повеќе отколку само осветлување на патот според ситуацијата“, објаснува шефот на Opel, Уве Хохгешурц. „Тие се поврзани со бројни системи за асистенција и прават возењето да биде побезбедно и поудобно во секој поглед.“ Хохгешурц најавува дека заедно со Техничкиот Универзитет Дармштат „се развиваат светлосни системи со сосем нова технологија“, што ќе бидат понудени во идните модели на Opel.

Германската марка пред неколку месеци ја претстави студијата Opel Manta GSe ElektroMOD, со препознатливиот дизајн на носот во стил на „Opel Vizor“, познат меѓу другото од Mokka. Во електричната ретро-варијанта на Manta работи т.н. „Pixel-Vizor“. Тоа е прв автомобил со таа техника што има добиено хомологација за учество во јавен сообраќај. Посебната функција на „точкестиот визор“ е во тоа што преку него се соопштуваат пораки до средината.

Покрај основната и клучна улога, да го осветлат патот, светлата во иднина ќе служат и како средство за комуникација, а ќе бидат контролирани од интелигентен софтвер

Филип Рекл, главен инженер за надворешни светла, порачува дека „светлото кај автомобилите не се однесува само на предните светла“. Во рамките на OpenLab во ТУ Дармштат се работи на тоа, предните и задните светла, внатрешното осветлување и самите извори на светлина да прераснат во системи за комуникација со средината и да функционираат заедно со системите за асистенција.

Научниците развиваат интелигентни системи од предни и задни светла, што самостојно ќе се приспособуваат, зависно од средината, од ситуацијата во возење, како и од други влијанија. За тоа секако дека ќе се користи напреден софтвер, што ќе управува со елементите од идните светлосни системи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Првите тестирања ќе бидат изведени со прототип уште во текот на годинава. „Сакаме да воведеме револуција во автомобилската техника на светла – и да го придружуваме развојот во сите степени, од истражување, преку прототипи и тестирање до готов производ“, објаснува професор Трен Куок Кан, раководител на стручната област на адаптивни светлосно технички системи и визуелна обработка во ТУ Дармштат.

Сите добиваат: Резултатите од соработката ќе доведат до подобра безбедност во сообраќајот

Соработката моментно е предвидена да трае четири години, меѓутоа се прават напори за таа да се продолжи на период од десет години и повеќе. „Доколку сé оди според планот, првите возила со технологиите на светла, што се развиени од научниците и од Stellantis, ќе ги видиме на улива до 2028 година – тоа ќе бидат едни од најинтелигентните технологии на светла“, предвидува професор Кан.

New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест на Аутомедиа: Колку корист од брзото возење?

opel mokka тест на потрошувачка аутомедиа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тојота Авто Центар почнува кампања за C-HR, вели „не те остава рамнодушен“

Kia Sportage на пазарот во САД стартува од 25.990$, плус транспорт