
Опел го прошири составот на извршниот одбор со додавањето на позицијата на шеф за развој на идни модели. За новото место е назначена Ванеса Реп, која во моментов е шефица за развој на идни модели и кросовери во германската марка на концернот Стелантис.
Реп ќе ја преземе новата улога на 1-ви септември и ќе биде директно одговорна пред извршниот директор Флориан Хуетл, соопшти Опел на 26-ти август.
Опел соопшти и дека Тобиас Губиц, досегашен виш потпретседател за производи и ценовна политика, го наследува Кристоф Мандон како шеф на глобалната продажба. Новата функција на Мандон ќе биде соопштена подоцна, објавија од германската марка.
Хуетл во соопштението наведува дека проширувањето на составот на управниот одбор со позицијата на Реп е одраз дека во „развојот на производи се става поголем нагласок на барањата на купувачите.“
Реп е дипломирана инженерка на Техничкиот Универзитет во Дармштат. Таа почна да работи во Опел во 2015 година на местото на проект инженерка, откако во РЛЕ работеше на проекти за германската марка. РЛЕ е компанија што врши инженерски услуги за клиенти. Оттогаш, Реп работи на менаџерски проекти, а од 2022 година е одговорна за планирање во подолг рок.
Губиц е дипломец на Унивезитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен и на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон. Тој работи во Опел од 2014 година, како шеф за стратегија на марка и маркетинг комуникација. Претходен работодавец на Губиц беше Хенкел, каде што тој работеше во маркетингот. Во 2017 година, Губиц беше назначен за директор за светскиот маркетинг, во 2020 година тој стана шеф за производи и планирање, за во 2022 година да ја преземе сегашната функција.
Хуетл соопшти дека продажбата на Опел на светскиот пазар во минатата година се зголемила за 15 проценти, на 670.000 возила. Продажбата надвор од Европа пораснала за 62 проценти, а исто и доставните возила напредувале силно, со раст од 26 проценти. Од електричните автомобили, марката продала за 22 проценти повеќе возила. Шефот посочи дека на Губиц му престои голем предизвик, годинава да ја лансира новата Фронтера, како наследничка на Кросленд, заедно со компактниот СУВ-модел Грандланд.















