Еуроимпекс есеноска ја разбуди сцената, кога го понуди Пежо 208 Актив по цена каква што пазарот последен пат виде пред пандемијата и пред сите притисоци што автомобилската бранша ги претрпе понатаму. Слична понуда сега следи за Опел Корса, со таа разлика што кај Германците се добиваат 100 КС и уште побогата опременост.
Опел Корса ја заврши минатата година како 5-ти најпродаван модел од градската класа на европскиот пазар, со продадени 165.229 примероци, по Дачиа Сандеро, Рено Клио, сестринскиот модел Пежо 208, и Тојота Јарис. Во оваа петорка, единствено Корса и Клио постигнаа раст во продажбата.
Во првиот месец од 2026 година, Корса напредуваше уште повисоко и го заврши јануари како трет најпродаван модел во класата. Тоа кажува за силата што ја има ова моделско име, што во својата шеста генерација стартуваше во 2019 година, заедно со Пежо 208, и наскоро ќе се појави во нова генерација.
Точно тој момент го чекаат ловците на добри понуди, кога моделите преоѓаат од една во друга генерација, иако останува уште многу време додека Опел го пушти новиот модел во продажба, а се шпекулира дека тоа ќе се случи дури кон завршетокот на годината.
Моментот се чека, затоа што по правило се добива многу повеќе опрема отколку во раните години на моделот и моделите обично имаат поминато фејслифт, кога се стегнати сите завртки. Сето тоа се заокружува совршено со тоа што е најважно, а поважно од цената нема.
По акциската понуда од есеноска, со којашто ја израдува сцената, кога го понуди Пежо 208 со основен мотор со 75 КС и основно ниво на опременост Актив, по цена од 16.990 евра, Еуроимпекс сега повторува слична акција кај својата германска марка. Опел Корса во моментов стартува од 16.490 евра, со мотор со 100 КС и ниво на опременост Едишн.
Тоа е близу 900 евра под редовната цена од 17.360 евра за моделот, односно разликата во цената е точно 5 проценти.
Неколку ставки уште во основното ниво на опременост изненадуваат
Списокот на опременоста е примерен, со радио со дисплеј од 10 инчи и основна функционалност при поврзување со телефон, паркинг сензори назад, клима уред, темпомат со лимитер, автоматско долго светло, сензор за дожд, самозатемнувачки внатрешен ретровизор и грејачи во надворешните ретровизори. Како секој ЕУ-модел денес, Корса поседува системи за асистенција и безбедност, почнувајќи од задржување при поаѓање на нагорнина, до систем за следење лента и камера за брзинско ограничување.
Опел Корса на тестот во Аутомедиа, во изведба со благ хибриден погон
Преоѓањето на следното ниво на опременост Колор Едишн, донесува главно тркала од лесен метал од 16 инчи, со редовна цена од 18.250 евра со истиот мотор. Тоа што понатаму донесува ова ниво се црн покрив, дигитални инструменти, спортски волан со вештачка кожа и уште неколку надградби во изгледот.
Понатаму следат уште две нивоа на опременост, исто така достапни со моторот од 100 КС, со редовна цена од 18.800 евра за ниво ГС и 21.040 евра за луксузното ниво Ултимејт.
Првиот тест на актуелната Опел Корса во Аутомедиа
Постојат и неколку пакети со дополнителна опрема, од пакет Тек, со задна камера, собирање на ретровизорите, магленки и копче за старт, со цена од 830 евра, до зимски пакет со грејачи во седишта и во воланот, за 420 евра, но во бројни случаи е поисплатливо веднаш да се премине на следното ниво на опременост, каде што тие ставки се вградуваат стандардно.
Моделот со благ хибриден погон располага и со автоматски менувач со двојна спојка
Тоа што ја држи продажбата на Опел Корса високо е секако и разновидноста од погонски единици. Покрај класичниот бензинец, Опел нуди и благ хибрид, со цена од 21.460 евра, при што треба да се земе предвид дека во цената влегува и 6-степениот автоматски менувач со двојна спојка. Освен во изведба со 110 КС, хибридниот модел доаѓа и во изведба со 145 КС.
До македонскиот вебсајт за Опел Корса
https://www.opel.mk/avtomobili/corsa-models/new-corsa/pregled.html
Електричниот градски модел на Опел отсекогаш е во понудата, меѓутоа за разлика од европските пазари, каде што Корса редовно е меѓу најпродаваните електрични модели, Корса Електрик на македонскиот пазар останува во заднина, затоа што во историјата се нема случено, државава да им помогне на купувачите преку субвенции и да направи цената на електричните автомобили да биде подостапна.
















