
Мерцедес-Бенц и досега се издвојуваше како единствена премиум марка што има луксузен ван во понудата. В-Класата стекна углед и покрај тоа што како база го користи Вито. Сега доаѓа ВЛЕ, којашто ги менува работите од основа – не само поради тоа што е електрична.
Мерцедес-Бенц почнува нова ера со електричната ВЛЕ. Тоа е прв модел што е конструиран врз основа на новата платформа ВАН.ЕА, наменета за ванови, што е модуларна, флексибилна и дозволува возила со различна големина.
Штутгарт ја гледа ВЛЕ како Гранд Лимузина, во којашто голем дел од искуството во возење се темели врз интелигентниот оперативен систем на Мерцедес-Бенц, односно МБ.ОС.
Намерата на инженерите беше да соединат два различни светови: Возен комфор и возни својства на лимузина, со просторност, повеќестраност и приспособливост на ван.
Како што тоа веќе го докажа ЦЛА, новата генерација на електричниот погон на Мерцедес-Бенц се издвојува со ефикасноста, што значи подолго патување со енергијата во батеријата, но се издвојува и со брзото полнење.
Како премиум модел што ќе им служи за превоз и на скапи хотели и ќе биде шатл за ексклузивни настани од светски глас, ВЛЕ располага со напредна електрична платформа, што главно се однесува за 800-волтната мрежа. Таа овозможува батеријата да се наполни за неколку минути, при користење брз полнач.
Секако дека возило од ваков ранг мора да се издвојува и во изгледот. Додека напред важи новиот стил што претходно го прикажа новата генерација на ГЛЦ, со маска што ги следи линиите на легендарната генерација В 116, назад прво се забележува заоблениот завршеток на задните прозорци, што прави целата површина под прозорци да следи форма како кај лимузина.
Главното сепак е во просторноста и во чувството што се стекнува таму, и коешто Мерцедес-Бенц сé почесто го нагласува како „Добредојдовте“. Германскиот автомобилски пионер го гледа ВЛЕ како возило што „комфорот и варијабилноста на големиот простор за најмногу осум лица го дефинира на сосем нов начин и го комбинира со неспоредливо дигитално искуство и првокласни возни својства.“
За да се постигне тоа, заслуга има и новата пневматска амортизација Ерматик со висинско местење, и „само лебдењето е помеко“, додава производителот. За возливоста и динамиката, помага управуваната задна оска, што од една страна дозволува мал круг на вртење во град и протнување во тесни улички, а од друга страна нуди брза реакција во свијоци.
10 причини за новиот ВЛЕ да биде Гранд Лимузина, место само премиум ван
Нова модуларна и приспособлива платформа за ванови
Новиот ВЛЕ се одликува со сосем нов дизајн, со ниска силуета околу која што воздухот струи лесно, со белези од историските модели. Коефициентот на отпор на воздух е само 0,25.
Флексибилна положба на седишта, до осум лица – рачно Рол енд Гоу или далечински управуван „балет на седиштата“
Механички задвижуваната изведба на седиштата лежи на 4 валци и тоа прави местењето да биде многу лесно. Друга предност е нивното лесно отстранување и оставањето во гаража. Електричните седишта се местат преку апликација или преку средишниот дисплеј, за што Мерцедес-Бенц вели дека е како „кореографија на балет“, доколку се избере пакет за варијабилни задни седишта.
Нови седишта со избор на изгледот и на степенот на комфор
Постои најразновиден избор за новите седишта и новите клупи. Врв е електричното гранд-комфорно седиште со дополнителни перници, безжичен полнач, слабински потпирач, масажа и потпирач за потколената.
Неспоредливо искуство со МБУКС на задните седишта, што секое возење го претвора во авантура на сетилата:
Во таванот над предните седишта е сокриен панорамски екран од 79 сантиметри (31,3 инчи) со 8К-резолуција, сплитскрин фунција и камера од 8 мегапиксели – за гледање филм, музички спотови, за игри, но и за видео конференции.
Возвишени возни својства – динамично и комфорно, како премиум-лимузина:
Пневматската амортизација со 40 милиметри висинско местење прави секое возење да биде посебно искуство. Со задни тркала што се свртуваат до 7 степени, се постигнува и лесна подвижност, со круг на вртење од само 10,9 метри меѓу рабови на тротоар.
Досег од преку 700 километри, без оптоварување околу досегот:
На подолг пат, ВЛЕ може за 15 минути да наполни енергија за 355 километри, благодарејќи на 800-волтната технологија и новата батерија со корисен капацитет до 115 киловатчасови.
Исклучително чувство во кабината со панорамски покрив Скај Вју:
Стаклениот покрив посредува чувство на ширина, слобода и спокојство. Амбиенталното светло по страните создава посебен впечаток.
Првокласна дигитална интелигенција:
Сопствениот оперативен систем МБ.ОС користи вештачка интелигенција и тоа овозможува со фунциите да се управува преку природни говорни команди, практично е исто како да се зборува со возилото. Сето тоа се нарекува МБУКС Виртуелен Асистент со Мулти-Агент-КИ. Системот дури и помни, а симнува нов софтвер „од облак“.
Дигитален кокпит со МБУКС Суперскрин:
Три екрани зад големо стакло: Од 26 сантиметри пред возачот, 35,6 сантиметри во средина и исто толку пред совозачкото седиште. Додека на возачот му се прикажуваат податоци што се важни за возењето, на патниците им се прикажува графика што е приспособена за филмови, игри, апликации.
Полуавтоматски пилот МБ.ДРАЈВ за престројување и следење лента
Стандардно се вградува приспособлив темпомат Дистроник, а со опција за МБ.ДРАЈВ Асист се добива и функција за полуавтоматско управување на автопат и револуционерен систем при престројување – доволно е кусо да се повлече левата рачка зад воланот и ВЛЕ самостојно менува лента во соодветни услови.
Прв стартува Мерцедес-Бенц ВЛЕ 300 со моќност од 203 киловати и досег преку 700 километри, следи ВЛЕ 400 4Матик со преку 300 кВ и спринт за 6,5 секунди до темпо сто.
Гамата в година ќе се дополни со две подостапни изведби со батерија од 80 кВ и хемија ЛФП, што дозволува пониска цена.
Според првичните информации, В-Класата ќе се продава паралелно покрај ВЛЕ, а се очекува и потврда дека новиот ван, освен во електрична изведба, ќе се произведува и во изведба со мотори со внатрешно согорување.















